за

ЕУ вложува во три соларни електрани во Битола и железничко поврзување со Софија

Инвестициската мрежа на ЕУ за Западен Балкан подржа 21 клучен проект во вкупна вредност од 3,2 милијади евра, во сообраќајни поврзувања, во енергетиката и во третман на отпадни води.

Шесте држави во Западен Балкан, добиваат поддршка од ЕУ во изградбата и проширувањето на сообраќајните врски, но тоа што посебно радува е вложувањето во одржлива енергија и во замената на јагленот. Се вложува и во третманот на отпадните води, изградба на болнички капацитети и во комуникациската мрежа. Кус преглед на клучните проекти што се подржуваат во Македонија.

Носечки проект во насока на одржливоста на транспортот во 2022 година, што се однесува на Македонија е железничкото поврзување од Крива Паланка до бугарската граница, коешто е дел од коридорот за поврзување на Ориентот и Медитеранот. Грантот од ЕУ за овој проект изнесува 149,2 милиони евра, дополнително на претходните грантови во висина од 64,1 милиони евра. Македонија учествува со 4,2 милиони евра, а вкупниот трошок изнесува 412,3 милиони евра. 

Железничко поврзување од Крива Паланка до бугарската граница

  • Грант од WBIF EU 2022 €149.2m
  • Претходни грантови од EU €64.1m
  • Позајмица од EIB €97.4m
  • Позајмица од EBRD €97.4m
  • Национално учество €4.2m
  • Вкупно трошоци за проектот €412.3m

Источниот дел од Железничкиот Коридор 8, од Куманово до границата со Бугарија, претставува дел од проширувањето на главната мрежа TEN-T до Западен Балкан. Во рамките на проектот ќе се изградат 23,4 километри железнички пат, како завршен дел од поврзувањето. Долж пругата ќе се постават системи за електрификација.

Оваа инвестиција ќе создаде над 200 нови вработувања и значително ќе го скуси патувањето од Скопје до Софија, а воедно ќе го зголеми и обемот на транспорт на стока на годишно ниво. Проектот е посебно важен поради замената на тековниот транспорт со дизел возила и со авиони, како превоз што се заснова на користење фосилни горива, со превоз што користи електрична енергија. Тоа ќе ги намали загадувањето на воздухот и загадувањето на средината преку бучавата што ја создаваат тековните видови на превоз. Со овој проект ќе се подобри и трговската размена меѓу земјите во регионот со ЕУ.

Уште еден проект од суштинско значење претставува изградбата на фотоволтаичка електрана во Осломеј 

  • Билатерален донорски грант од WBIF EU за 2022 г. €1.6m
  • Позајмица EBRD €5.9m
  • Национално учество €1.3m
  • Вкупно трошоци за проектот €8.8m

Во претставувањето на проектот се наведува фактот дека македонскиот енергетски сектор претежно се заснова врз користење фосилни горива и енергија од хидроцентрали. Исто така се посочува и зависноста од увоз на електрична енергија. Со овој инвестициски проект ќе се инсталира соларна електрана со моќност од 10 мегавати на просторот на исцрпениот јагленокоп Осломеј.

Соларната електрана се очекува да произведува близу 15 гигаватчасови електрична енерија и да спречи емисија на 12.177 тони СО2 на годишно ниво. Фотоволтаичката електрана Осломеј 1 претставува дел од масивниот проект за расчистување на просторот, за воведување разновидност во производството на електрична енергија и поддршка на декарбонизацијата.

Во регионот на Битола ќе се градат уште две фотоволтаички електрани, во рамките на Осломеј 2

  • Грант од WBIF EU 2022 €5m
  • Позајмица од EBRD €19.8m
  • Национално учество €0.7m
  • Вкупно трошоци за проектот €25.5m

Во овој инвестициски проект ќе се изградат две соларни електрани со заеднички капацитет од 30 мегавати на местото на исцрпениот јагленокоп во Осломеј, спроти термоелектраната во Битола што користи јаглен. Соларната електрана ќе произведува 50 гигаватчасови електрична енергија, спречувајќи емисија на 34.000 тони СО2 на годишно ниво, што моментно се ослободуваат во животната средина од термоцентралата.

Овој проект ќе даде силен поттик за преоѓањето на зелена енергија, а воедно ќе отвори и нови работни места и квалификации на стручен кадар за истите.

Проектите што директно ја засегаат Македонија се заокружуваат со изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Скопје.

>>> Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Финалистите за Автомобил на годината се во Курмајер, победникот на 28-ми февруари

Автомобилите се сменија, Peugeot Partner денес вози и на струја