за

Автомобилите се сменија, Peugeot Partner денес вози и на струја

Сто километри пат со ова доставно возило чинат 56 денари. Во светот на бизнисот сé помалку има двоумење околу електричниот погон. Partner e трет товарен модел на струја во понудата на Еуроимпекс.

Сцената уште ги помни времињата кога невобичаениот автомобил буквално внесе нов квалитет на живот, нудејќи изобилство простор и приспособливост, по цена на обичен автомобил. Peugeot Partner, неколку генерации подоцна е достапен и во изведба на струја – и дел е од редовната понуда на Peugeot во Македонија.

Електричниот погон е добар за сметката на крајот на месецот, но е добар и за имиџот. Кој уште не знае дека поштата во Скопје, барем во оној голем дел што им припаѓа на DHL, пристига со електрични фургони? Истото важи и за пиците Џакомо, а во последно време електромобилноста станува заштитен знак и на Прокредит банка. Силната спрега што се создава меѓу компаниите, имиџот на нивниот бизнис и трошоците, секако дека е уште повидлива на европската сцена.

Сметката е многу прегледна. Бизнис корисниците плаќаат 2,31 денар за киловатчас електрична енергија ноќе. Peugeot e-Partner според фабрика и според прилично реалната норма WLTP, троши меѓу 20 и 22,1 kWh на сто километри. Кога ќе се пресметаат и десетина проценти од енергијата што при се „губи“ при полнењето, тоа дава меѓу 51 и 56 денари за сто километри работно возење – работно, затоа што овие возила се користат за работа, а тогаш трошоците се клучни.

При користење ѕиден полнач со моќност од 11 kW и трифазен приклучок, полнењето од 0 до 100% трае околу 5 часови. Во случај да се поседува полнач од 7,4 kW и еднофазен приклучок, тогаш полнењето се продолжува на околу 7 и пол часови, што пак одговара временски, затоа што службените возила обично мируваат цела ноќ.

New item by Automedia MK / Google Photos

Електричниот Peugeot Partner e достапен во четири изведби, сите со истиот погон што вклучува електромотор со максимална моќност од 100 kW, односно 136 КС, и батерија од 50 kWh, исто колку во семејните модели e-208 и e-2008. Секако уште една привилегија од електричниот погон е тоа што „менувачот“ е автоматски. Таа комоција им се допаѓа на возачите, наспроти верзиите со традиционален погон и со рачни менувачи, со коишто мора постојано да се работи додека се вози низ град.

New item by Automedia MK / Google Photos

Покрај основната изведба во ниво на опременост Comfort, постои и поопремена изведба Comfort Plus, а дополнително се нуди и комбинирана изведба Cabin Crew, со стакла во задните врати и преклоплива задна клупа. Четвртата изведба е фургон со продолжена каросерија, односно со +19 cm меѓускино растојание и опаш што исто така додава уште 16 сантиметри, така што се добива вкупна должина од 4,75 метри, наспроти стандардната изведба од 4,40 метри.

Во поглед на практичноста и функционалноста нема разлика меѓу дизелите и меѓу електричниот фургон. Зафатнината на товарниот простор во фургонот изнесува 3,3 (3,8) метри кубни, односно во продолжената верзија 3,9 (4,4) метри кубни.

Будните држави во поглед на електромобилноста, што како најголема предност носи првенствено (политичка) независност од увозот на нафта, веќе одамна постигнуваат цената на електричните возила да биде изедначена со цената на возилата со обичен погон. Секако дека тие субвенции некогаш ќе престанат, меѓутоа мудрите стратези предвиделе дека возилата што денес се купуваат нови, тогаш ќе бидат достапни како користени возила – во меѓувреме постојано се намалуваат и цените за замена на батеријата, од што многумина неупатени стравуваат. Фактот што во моментов возат најмалку четири милиони електрични автомобили ширум светот, без луѓето да се наоѓаат во паника оти батеријата им откажала, доволно е уверливо дека светот не „погреши“ со електричниот погон.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Околу возилата со погон на батерии, кај нас останува главно еден и ист проблем. Тоа секако не се македонските увозници, кои веќе имаат триесетина најразлични модели со погон чисто на струја во понудата, а исто не се проблем и полначите, затоа што целиот тој фамозен проблем се надминува со поставување сопствен полнач – барем така се заокружува целиот систем, кога се работи за доставни возила што возат приближно иста тура секој ден. Единствениот проблем е неспособноста на државните институции да реагираат навреме во поддршка и поттикнување на електромобилноста. Тоа значи субвенции, привилегии при возачкото секојдневие, намалување на даночното оптоварување на компаниите што користат електрични возила, ослободување од патарина, светот веќе одамна реагираше на сите сценарија.

Цените на четирите изведби на електричниот Partner

New item by Automedia MK / Google Photos
  • Peugeot e-Partner Fourgon Comfort · 36.950€
  • Peugeot e-Partner Fourgon Comfort · 37.750€
  • Peugeot e-Partner Fourgon Long Comfort · 38.810€
  • Peugeot e-Partner Cabin Crew · 38.950€

Во меѓувреме е објавена и новата инвестициска програма на ЕУ, којашто финансиски ќе учествува во изградбата на три соларни електрани во Битола, точно во Осломеј. Како што спомнавме, постои само еден проблем околу целата спрега за електромобилноста – релативно еден проблем.

>>> Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ЕУ вложува во три соларни електрани во Битола и железничко поврзување со Софија

Водород како гориво се точи на 685 станици ширум светот