за

DHL го донесе електричниот погон во курирската служба во Македонија

Електромобилноста стана мошне видлива по скопските улици. Кога ќе ги видите жолтите доставни возила на DHL, следи пријатно изненадување откако ќе забележите дека тие возила се движат чисто на струја.

Тоа се тие мали острови во нашето опкружување, во коишто е пристигнат и се негува убав европски дух на постапување со работите. Кога ќе влезете во седиштето на таква компанија, кадешто ве пречекува големо лого што е препознатливо ширум светот, сé функционира некако чудно беспрекорно. Овие луѓе дополнително се експерти за беспрекорност. Во седиштето сме на DHL во скопската населба Илинден, пионер во брзата достава и нормално лидер во логистиката во светски рамки. DHL повторно се појавува во улога на пионер, со електричните возила во Македонија секојдневно се преземаат и доставуваат илјадници пратки.

Светот доживеа пресвртница во мобилноста и во енергетиката. За електромобилноста и за неопходноста од преземање итни мерки за ограничување на климатските промени повеќе не се зборува, туку наголемо се постапува. Возилата со електричен погон се реалност и за жителите во бројни држави ширум Европа и светот веќе е сосем извесно дека следниот автомобил што ќе го купат ќе биде електричен автомобил. Кај компаниите, пак, речиси дека повеќе не постои двоумење. За следните возила што ќе пристигнуваат во возниот парк, бројни компании се решени дела тоа ќе бидат исклучиво електрични возила.

Македонскиот огранок на DHL се појавува во пионерска улога и во подрачјето на електромобилноста. Лесни доставни возила со електричен погон веќе неколку месеци покриваат четири од вкупно шестe курирски рути на компанијата низ Скопје. Возилата на DHL со препознатливата жолта боја и „брзото“ лого во црвена боја одамна се вообичаена појава по улиците. Луѓето се навикнати да ги гледаат курирските возила на DHL, па може и да не забележат дена новите фургони во возниот парк „малку“ се разликуваат. Само детали во надворешниот изглед ги двојат електричните возила на експрес-службата од стандардните возила. Повеќе е веројатно тие возила да се забележат по тоа што не се забележуваат, затоа што не брмчат, а нормално и дека немаат издувен систем.

Симболизираниот зелен лист што е исцртан отстрана на возилата укажува најверодостојно на чистиот погон на Renault Kangoo Rapid Z.E. Тоа е истата стандардна графика што се користи за електричните возила на DHL насекаде низ светот. Потврда дека станува збор точно за погонот што не испушта ниту грам штетни материи е кусиот натпис „This vehicle is powered by electric drive“. На тоа следат уште натпис „It’s only natural“, што не случајно се наоѓа врз поклопецот каде што Kangoo со конвенционален погон има чеп за налевање гориво, како и една мала, но многу обврзувачка порака напишана на задната врата, „Mission 2050. Zero Emissions. Go Green“.

Оваа ливреја не е највообичаена за македонските автомобилски прилики. Чекорот на македонскиот DHL со набавката на четирите електрични возила е уште еден голем пионерски потфат. Постојат неколку компании што користат електрични службени возила во својот возен парк, исто како и градски служби и сервиси за достава на храна, меѓутоа DHL е првата компанија од висок ранг што во Македонија преоѓа на електричен погон.

За овој чекор што е од историско значење за електромобилноста во Македонија – и за уште цела низа подрачја што подеднакво се важни – зборуваме со господин Радослав Нановиќ, генерален менаџер на DHL за Македонија и со госпоѓа Билјана Мановска Наунчевска, оперативна менаџерка на DHL за Македонија. Владеењето со времето и со просторот очигледно е вештина што примерно се практикува во седиштето од каде што се управува со илјадници пратки преку DHL секој ден, вклучувајќи меѓу другото и царинење. Уште на влезот во објектот, дури и пред договореното време, нé пречекуваат електричните возила, уредно приклучени за полнење по завршеното работно време. Тука си ги знаат гостите по име уште на доаѓање, па дури и денот што беше избран за посета се погоди сончев, за фотографирањето да мине во вистинско светло. Кусо, не треба човек двапати да проверува, да не ја погрешил адресата. Ова дефинитивно е DHL.

„Интенцијата е сите доставни возила или возила за преземање и достава, што сообраќаат на рути со дневен досег до 200 километри, понатаму да бидат заменети со електрични возила. Тоа е во согласност со европските и глобалните стратегии на DHL за почиста средина, коишто вклучуват сериозни инвестиции во оваа сфера, не само кај нас, туку и во Европа“, генералниот менаџер Нановиќ открива дека набавката на електричните возила е само почеток на еден голем проект.

Целта на DHL до 2025 година е 60% од доставата во големите градови да се врши со возила со нулта емисија на штетни материи. Компанијата во Македонија уште сега го исполни овој таргет. Станува збор за четири возила Renault Kangoo Rapid Z.E. со коишто се покриваат четири од вкупно шест редовни курирски тури во Скопје. Секако дека движењето на возилата за достава се разликува од обичното градско возење. Жолтите фургони со зелен лист острана се соочуваат со големи предизвици во работното секојдневие.

Досегот од 230 километри се покажува сосем доволен за покривање на редовните курирски рути на DHL низ Скопје

Работното секојдневие на електричните Kangoo најверодостојно ни го претставува менаџерката Мановска Наунчевска, почнувајќи од бројот на достави што се вршат со возилата: „Тоа генерално зависи од покриеноста и од големината на рутата. Секој курир има строго дефиниран реон, што го покрива со преземање и доставување на пратки на одредената рута. Должината на рутите се разликува од курир до курир, меѓутоа просекот се движи меѓу 120 и 130 километри дневно.“

Возилата се посебно оптоварени во оваа вредна служба. Сообраќањето по турата што ја минуваат електричните фургони секој ден е различна: „Нашата работа е динамична, тука не станува збор за дефинирана патека од точка А до точка Б. Ние целата азбука ќе ја извртиме, ќе запреме, па ќе продолжиме. Дневно во просек има меѓу 60 до 70 запирања за достава или преземање. Тоа дополнително го оптоварува системот на електричните возила. Не е исто да извозите 60 километри со едно запирање на целта, и истото растојание да го извозите со 60 запирања“, објаснува Мановска Наунчевска.

Менаџерите се задоволни, исто е задоволен и персоналот, меѓу другото и поради тоа што нема потреба да се ракува со менувач, а секако дека и отсуството на бучава од моторот помага за работата да се чувствува помалку напорна.

„Возилата нема да се исплатат во својот век на експлоатација, затоа што не постојат механизми на промоција и на субвенција на овие возила“

Најчувствителниот дел во целата оваа пресвртница во мобилноста и енергетиката е уште почувствителен во условите на делување во Македонија, додека компаниите се препуштени целосно да го преземаат масивниот инвестициски товар: „Електричниве возила никогаш нема да ни се исплатат, тоа е повеќе од јасно. Ориентациски, ако Kangoo 1.5 dCi нé чинеше бруто околу 5 евра на секои сто километри, Kangoo Z.E. нé чини меѓу 160 и 180 денари за сто километри. Возилата нема да се исплатат во својот век на експлоатација, затоа што не постојат механизми на промоција и на субвенција на овие возила“, Нановиќ реално ги опишува домашните услови за електромобилноста.

Со сите паневропски попусти што може во фабриката да ги користи компанија од рангот на DHL, електричните фургони Renault Kangoo Z.E., набавени преку македонскиот увозник Аутомотив Груп, чинат близу 31.000 евра по возило. Во споредба со традиционален дизел, со цена од 13 до 14 илјади евра, тоа е повеќе од двојно. Дизел-верзиите на Kangoo исто имаат мошне ниска потрошувачка, којашто се движи меѓу 4 и 5 литри во служба на DHL, така што електричните возила нема да се исплатат преку пониските трошоци за гориво.

Македонскиот огранок на DHL избра да биде дел од глобалната тенденција на компанијата, иако локалните услови ниту оддалеку не ја признаваат, ниту прифаќаат електромобилноста, како што тоа е во средините што одамна се освестени во поглед на неопходноста од заштитата на животната средина и енергетската одржливост. Нановиќ ги гледа повисоките приоритети: „Тоа и не е најважно на свет. Важно ни е објективно, конкретно да придонесеме за намалување на загадувањето, и на градот, и на планетата во крајна линија. Задоволство ни е повторно да бидеме пионери, лидери. Како најстари и најголеми во нашата бранша, го носиме тоа бреме за ние постојано да ги трасираме новите патишта, за нив потоа да ги следат сите останати.“

Задоволство ни е да бидеме иновативни, да вратиме нешто во заедницата преку заштита на околината. Во таа насока постојано одржуваме и други активности, почнувајќи од обуки, преку чистење на Водно, до волонтерски акции, секогаш се трудиме да бидеме општествено одговорни

Радослав Нановиќ, генерален менаџер на DHL за Македонија

За првиот човек на DHL во Македонија е грешка да се субвенционираат електрични тротинети и други средства за инвидуална мобилност. Место тоа, приоритетот би требало да се постави на поддршка на лесната доставна индустрија. Директорот посочува дека во колона што чека долга редица на семафор во Скопје, секогаш има десетина поголеми комбиња. Експертите за логистика попрво тука би ставиле акцент, затоа што тие возила секојдневно сообраќаат низ градот и ќе се постигне поголем ефект доколку се поттикнува тој дел од возниот парк.

За Македонија да може реално да фати чекор со Европа и светот во електромобилноста и нејзиното влијание врз животната средина, потребен е широк и хомоген фронт на делување. Мановска Наунчевска посочува колку е комплексна проблематиката: „Ние немаме бенефиции за тоа што ги вклучивме овие електрични возила во нашата флота, ниту пак имаме бенефиции во смисла на полесен пристап до инситуциите. Законски решенија, конкретно за електричните возила не постојат, за да можете со нив да пристапите на пример во зелена зона. Знаеме дека во видно време се планира строгиот центар на Скопје да стане пешачка зона, а концентрацијата на фирми во тој дел на градот, кои што имаат потреба од нашиот сервис е голем. Значи ние треба да паркираме надвор од таа пешачка зона, за потоа курирот пеш да продолжи до клиентот.“

Во Македонија исто така расте онлајн-трговијата, а зголемениот обем на нарачаните производи секако дека треба и физички да се достави. Но, за тоа мора да се обезбедат и соодветни услови

Македонија не може да остане изолирана во поглед на глобалните трендови во логистиката, особено во време кога се бележи голем раст во онлајн-купувањето. Лидерите во логистиката потврдуваат дека тој тренд се бележи и во Македонија во изминатата година до година и пол. Тие онлајн-нарачки, секако дека треба и да се достават физички. Затоа е неопходна државна стратегија којашто ќе ги осознае промените и на компаниите за логистика ќе им овозможи соодветни услови за работа – тоа, секако во корист на граѓаните, но и на компаниите. Многу работи денес зависат од навремената и точна достава.

Како што понатаму ќе се менуваат потребите на клиентите, така DHL во Македонија ќе реагира со менување на дизајнот на рутите, па не се исклучува дека утре во возниот парк на компаниајта ќе бидат опфатени и електрични велосипеди, скутери или четирицикли. Истото важи и за Fiat e-Ducato, електрично доставно возило со носивост од 1.100 килограми, коешто DHL го користи во својот возен парк во повеќе европски држави и коешто исто така располага со реален досег од околу 200 километри.

В година следи уште едно елеткрично возило во паркот на DHL, а наскоро ќе се постави и сопствена станица за полнење на електричните фургони

Следно што DHL ќе го реализира во Македонија во поглед на електромобилноста е набавка на уште едно електрично возило во текот на следната година, што ќе значи дека 80% од возниот парк во Скопје ќе биде електричен. Веќе во текот на летово претстои и поставување на станица во кругот на седиштето во Илинден, со шест електрични полначи со моќност од по 24 киловати, на коишто значително ќе се скуси времетраењето на полнењето. Тоа е уште една инвестиција, вредна далеку над 20.000 евра, којашто целосно паѓа на товар на компанијата. Во бројни држави во светот, конретно во Германија, кадешто воедно е глобалното седиште на DHL Group, освен возилата, се субвенционираат и електричните полначи за нив.

Крупни промени се одвиваат во македонскиот огранок на DHL, особено во насока на намалување на емисијата на штетни материи и на одржливоста. Ова е навистина крупна промена: Пред неполн месец, авионот Antonov 26 што DHL го користеше за своите операции во Македонија, заменет е со Boeing 737. Авионот сообраќа пет пати неделно, има неколкукратно намалена емисија на штетни материи во споредба со Antonov, а воедно и ефикасноста на транспортот е зголемена драстично, од пет на 23 тони носивост.

Оваа наша посета на DHL и разговорот со врвните менаџери на компанијата ја доби најубавата завршница, кога логистичарите со своите електрични возила ги замоливме за куса фото-сесија. Позитивна атмосфера, задоволство што не се потпира само на новото искуство со електричните возила и пак впечаток за врвна способност за организирање на работите. Во оваа наша средина, компаниите со европски предзнак и натаму се тие што неуморно ѝ даваат пример на државата и ја потсетуваат на промените што се случуваат постојано. Во услови кога Македонија располага со способни менаџери, вреден и здружен персонал, со општа желба за промена кон подобро, пак останува тој државнички апарат што го ограничува прогресот. Овојпат тој апарат се соочува со историски одговорна ролја, кога со правилното и свесно постапување денес, се создава основата за иднината по десет и повеќе години. Грешките што ќе се направат денес, утрешнината ќе ги наплати неколукратно.

За крај, работниот дух на оваа компанија, преку зборовите на Билјана Мановска Наунчевска: „Сакаме на луѓето да им покажеме дека со еден чекор може да се сменат многу работи. Ако очекувате нешто да се смени, треба вие да го направите првиот чекор. Се надеваме дека нашиот чекор ќе биде пример за останатите“.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW му крои ново лице на X7

Twingo Cup: Маестрален настап на Давид Малинковски на тркачката патека Гробник