за

На пат со Toyota Yaris Cross: Имате забележано колку е убава Преспа зиме?

Продолжува нашата тура долж преспанското крајбрежје. Овојпат возиме во Горна Преспа, каде што објектите одамна не пречекуваат гости, но божествената природа и натаму работи 24/7. Возиме и автомобил што прави секое патување да биде посебно, Toyota Yaris Cross.

Во една година, ова непрегледно пространство под овоштарници раѓа најмалку стотина илјади тони јаболка. Нивниот мирис како да може да се почувствува дури и зиме, а тоа што се чувствува е всушност мирисот на чист воздух. До пред неколку децении, цела Европа доаѓаше да ужива во оваа убавина директно под Галичица и ни се наоѓа буквално во дворот, но ја имаме заборавено. Горна Преспа, Отешево, Езерани, Стење, тоа се благодарни одредишта што секогаш се вредни за посета.

Два и пол часови возење, доколку се поаѓа од Скопје. Тоа е сé што треба да се вложи. Нешто повеќе од 200 километри за возење, плус гориво за патот. За последново сме по малку привилегирани во нашите репортажи, затоа што автомобилите со коишто патуваме ни трошеа помалку од пет литри бензин за сто километри пат. Во првата репортажа, долж источното крајбрежје на Преспанско Езеро, односно во делот што народот го познава како Долна Преспа или уште Голема Преспа, возевме хибридна Toyota Corolla Sedan. Патувањето низ крајот го продолжуваме со Toyota Yaris Cross Hybrid AWD, еден од највпечативите модели на автомобилската сцена во моментов.

Ако двесте и петте километри пат од Скопје до Ресен, преку Плетвар и Ѓавато, ви се чинат многу повеќе од 171 километар од Скопје до Охрид, преку Стража и Пресека, добредојдено ќе биде следново сознание – патувањето до Преспа трае само 9 минути подолго, според веродостојните прогнози на гугл-мапс. Тоа се потврдува и во практика. Дури и патувањето се чини помалку заморно и времето како да минува побрзо. Како е тоа можно?

Заслугата за тоа, во еден дел е во конфигурацијата на теренот. Речиси третина од патувањето минува низ Пелагонија, нашата најголема рамница. Плетвар одамна се искачува неосетно и безбедно, а делницата што минува преку Ѓавато е веројатно еден од највешто проектираните и најдобро изградени патишта низ Македонија. Преостанатиот дел од заслугата е во самата Toyota Yaris Cross. Стандардно опремен со систем за следење лента и со радарски темпомат со навигациска поддршка, овој СУВ со гени од RAV4 по целиот пат од Прилеп до Ресен практично вози самостојно, автопилотирано. Сложената сензорика во автомобилот бара единствено дланките да бидат на волан. Забрзувањето, потсопирањето кога напред има побавен автомобил, па дури и забавувањето кога се влегува во поостар свијок што навигацијата претходно го „видела“, сето тоа Toyota Yaris Cross го извршува сама. Возачот треба „само“ да надгледува и да биде подготвен да реагира при непредвидена ситуација.

Toyota Yaris Cross има голем удел во тоа што времето во патување ни мина брзо; Амортизацијата работи изненадувачки комфорно, ја нема крутоста што е својствена за повеќето СУВ-модели во класата, и секако, хибридниот погон работи речиси нечујно

Кога по превојот меѓу Баба Планина на исток и Бигла на запад, а по неа и Плакенска Планина, заедно со Галичица што го крунисува хоризонтот во далечина, ќе се прикаже филмски прегледна глетка над Ресенското Поле, ќе посакате да го прославите тоа. Се прикажува уште еден лик на нашата Македонија, што го препознаваме и го доживуваме како свој, без разлика што можеби доаѓаме од некој сосем друг крај на земјата.

>>> Линк до впечатоците од тест-возењето на Toyota Yaris Cross Hybrid AWD, во лимитираната серија Premiere Edition, што Тојота Авто Центар направи да биде достапна и на македонскиот пазар

Уште оттаму се гледа езерското сребреење. Кога за нешто велиме дека се гледа како на дланка, тогаш се мисли на вакви призори. Зачудува колку е широко пространството на котлината. При ваква глетка, на друго место можеби би запреле, за доживувањето да се овековечи. Возејќи по долгата удолнина по пат со три ленти, пределов како да ги вшмукува своите гости. Човек сака што поскоро да пристигне таму. Патот помага. Тука сé е проектирано во некои големи времиња, планирано за пречекување и угостување на маса туристи, за комотно „одморашко“ движење од точка А до точка Б. Затоа сé изгледа толку лесно, брзо, прегледно, додека човек се движи низ крајов.

Патот води до „маказите“. Името доаѓа оттаму, што гледано озгора, вкрстувањето на двата правци изгледа како отворени ножици. Право се Претор и Отешево, десно се скршнува за Ресен и Охрид. Половина километар подолу следи суштинската одлука: Право за Претор, Асамати, до преминот кај Маркова Нога, или вдесно кон Отешево и Стење. Тука почнува вториот дел од репортажата. Овојпат скршнуваме вдесно.

Со електромотор што е задолжен за задната оска и за миг создава погон на сите тркала, кога ќе затреба, со Toyota Yaris Cross најмалку нé загрижува снегот во подножјето на Галичица

Снегот е новина. Овој крај повеќе го поврзуваме со сонце и вода, отколку со снег и мраз. Патот е исчистен беспрекорно, тоа не може да мине незабележано. И тоа е во контекст на доброто проектирање. Учени луѓе работеле тука. Колку и да радува печењето од зимското сонце и синото небо што се гледа чисто, без скопскиот слој магла од гадости што завршуваат во воздухот, овде е сериозно студено. Снегот одвај дека се подрастопува. Сепак сме на висина од близу 900 метри. Но, природно е да биде студено, а кога е природно е добро.

Веднаш почнуваат овоштарниците. Козјак е првото селце, десно од патот, со педесетина куќи. Како што пишува Владо Јовановски во книгата „Населбите во Преспа“, во северозападниот дел од селото постојат остатоци од античкиот пат Виа Игнациа. Авторот на ова вредно дело спомнува дека во месноста веројатно била патната станица Скиртијана, врската меѓу Хераклеа и Лихнид. Кој се интересира да истражува, има место и за тоа. Кај нас е толку нормално дека не постои знак што намерниците и ненамерниците ќе ги упати таму. Една табла и една бутка што ќе продава вешто спакувани преспански јаболка со шарена налепница, за да ги надомести трошоците за поставуање на таблата, доволно е да заврши работа.

Дузина автомобили помина кога фотографиравме на маказите. Првата помисла беше дека и зиме е раздвижено во крајов, и тоа требаше да биде радосната вест. Меѓутоа, сега на патот кон Отешево, одвај дека се разминуваме со друго возило на секој половина километар. Не ги забележавме регистерските ознаки. Автомобилите од претходно, очигледно биле од мештаните, на пат за Ресен, Битола или можеби Охрид. Неколку ресторани во Претор се отворени преку целата година, можно е мал дел од сообраќајот доаѓа оттаму.

Во 2020 година, македонските овоштарници родиле 106.000 тони јаболка; Само во Ресенското Поле биле близу 70.000 тони, повеќе од две третини од вкупниот род во земјата. Во 2018 година, од вкупно 140.000 тони, во Преспа пораснале 105.000 тони јаболка; Тука и во зима мириса на јаболка

Следното село е Горна Бела Црква, населено со турски и албански етникум, на километар и пол од Долна Бела Црква, коешто е на патот за Претор. Јовановски пишува: „Во далечното минато, почнала истовремена изградба на две цркви и тоа баш на денешниве локалитети на селата Долна Бела Црква и Горна Бела Црква. При градењето на црквата во локалитетот на денешното село Горна Бела Црква, камењата ‘бегале’ (се губеле). Од религиозни мотиви, изградбата на црквата била напуштена.  И покрај тоа, што на тоа место никогаш не била изградена, селото сепак подоцна добило име Бела Црква.“ Се претпоставува дека Горна Бела Црква е настаната со преселувањето на жителите од Долна Бела Црква, по штетите од поплавите од надоаѓањето на езерото.

Минуваат два три километри прав пат со овоштарници од обете страни. Кога одлево ќе ја забележите големата фабрика за сокови, знаете дека сте во Царев Двор. Приказната за преспанските јаболка и „словенските сокови“ многупати е спомнувана. Убав дух се негува во Spirit of Prespa, фарма што верно ја прикажува убавината и го нуди богатството на овој крај. Секако, вредно одредиште. Селото брои над 400 куќи, тоа е најголемото село во Горна Преспа. Според пописот од 2002 година, во Царев Двор живеат 520 Македонци, 81 Турци и 4 останати.

Потеклото на името го открива книгата на Јовановски: „Во преданијата на царедворци, името на селото се поврзува со легендите за постоењето дворец на царот Самуил на ова место.“ Постојат и други преданија, според коишто пред стотици години, некој цар престојувал во локалитетот на денешното село и го раширил својот шатор на денешното место Царева Нива. Во поткрепа на ова предание оди и фактот што во близина се наоѓа месноста Везирова Нива. Сите факти веродостојно се наведени во книгата „Населбите во Преспа“, издание на Ѓурѓа.

Постојат бројни места и најразновидни поводи да се посети Преспа, но тоа не им се прикажува на намерниците, што можеви веруваат дека кафе или ручок под Галичица е сé што може да понуди крајов

Еден дел од патот води кон селото Езерани, преселувано повеќепати во историјата поради надојденото езеро. Со децении, крајбрежјето е именувано за строг природен резерват. Паркот на природата Езерани опфаќа близу 2.000 хектари, од кои 850 хектари се во водите на самото Преспанско Езеро. За љубители на природата и за тие што сакаат да ја почувствуваат природата, надвор од сивиот асфалт, вештачките звуци и загадениот воздух, ова е дел од рајот.

Таблите покрај патот прикажуваат речовити називи: Дрмени, Прељубље, Волкодери, Покрвеник, Шурленци, Лавци (повеќе е „познато“ битолското), Сирхан. Патот брзо нé носи до познатите порти на „Отешево“. Некогашниот туристички комплекс е именуван по напуштеното село што е оддалечено околу километар од брегот, во густа шума во подножјето на Галичица.

Комплексот Отешево е всушност главното одредиште на ова патување. Првата асоцијација секако е хотелот Европа. Денес тоа е руина, срамота за секој што полагал надлежност над објектот, од прв до последен, поаѓајќи од основната, па сé до врвната одговорност. Хотел Европа не пропаѓа затоа што нема кој да ја поправи од оштетувањата, туку пропаѓа поради тоа што нема кој да ја одржува. Едно добро мајсторско освежување, нови прозорци и врати, нов под, лак и боја, вода и сунѓер, тоа е сé што треба за овој хотел повторно да се види во сјајот во којшто до скоро го гледавме. Колкумина ќе се присетат дека седнале на терасата, на кафе, на ручок. Беше полно и кога се возеа ридски трки на Галичица. Глетката од терасата и натаму е спектакуларна. Не случајно е избрано хотелот да биде изграден точно на тоа место. Од тоа што некој се нашол да се нарече власт и поради нивните ефтини игри пропаѓа ова богатство, а од тоа не губи Петко или Станко, туку губи државата Македонија.

Тоа што ги одвраќа туристите, домашните посебно, за Отешево помасовно да се посетува, за воопшто некој да се загне да ја посети Горна Преспа, тоа е лошиот имиџ што го шири руината од хотелот Европа

Нормално е да се јави револт кај секој со здрава македонска свест, што ќе посведочи на ова урнисување. Лошиот имиџ на хотел Европа влијае лошо врз цела Горна Преспа, се чувствува како лош здив. Да не бидеме во заблуда, оваа руина ги брка туристите од убавината на Преспанското Езеро. За туристи, не зборуваме за Ханс и Гертруда, туку за Марко и Марија.

Во време кога искомерцијализирани власти нé учат дека отворање молови во срцето на градот е врвно достигнување или дека продавница со бофл стока под силни рефлектори е повредна од фабрика што произведува квалитетно, токму вакви предели треба да нé спасат од заматување на умот.

Сé што треба да се направи е човек да дојде, тука или на кое било друго место од сличен калибар, и да погледне околу себе. Кој ќе дојде, најдобро уште утре или задутре, едноставно нека ја остави урнисаната „Европа“ зад грб и нека погледне во сета оваа убавина, на којшто ефтините игри за пари и власт, ама со ништо не можат да ѝ наштетат. Оваа планина е далеку помоќна од телефонски разговор што друг не смее да го чуе и од ставање потпис дека џебот е наполнет.

Колку што старите капацитети бледеат, толку добиваат новите капацитети; Еден стар хотели е осовременет, дадена му е полна функција, како што тоа бидува во Швајцарија или Италија – секако, Lakeview моментно е најсилниот објект-магнет за посета

Доказ дека оваа убавина и натаму функционира беспрекорно се случува околу половина километар погоре, точно кај портата низ којашто се влегува во Отешево. Одеднаш се прикажува глетка со одржувани тревници, поткастрени украсни грмушки, собрано лисје. Некој исчистил и уредил, затоа што сака да пречекува гости, и така бидува. Не е реклама, тоа е вистинската слика што се добива штом се мине преку прагот на ресортот Lakeview, некогашен Младост, место каде што се снима серијата Преспав. За овој веродостоен бизнис потфат многупати е пишувано во медиумите. Станува збор за семејство повратници од САД, што решило да вложи во земјата и очигледно применило знаење и умешност со какви што слични ресорти функцонираат насекаде низ светот. Чисто, спокојно.

Влијанието на крш-хотелот во близина, сепак се огледува. На влезот пишува дека ресортот работи само во сабота и недела. Додека го снимавме Yaris Cross на местото, пристигнаа пет шест автомобили. Нема метеж, нема неприродна врвулица, сé е природно и спонтано. Во овие чудни пандемиски времиња избегнуваме да им додеваме на мештаните со разговори коишто се душа на секоја репортажа. Здравје, нека помине здравствената криза. Автокампот што е на километар и пол од влезот во Отешево паузира преку зимата.

Само 14% од германските возачи уште се за дизел

Следно одредиште е Стење. Радува и тамошната глетка. Луѓе си го минуваат вредниот одмор во своите викендички, во местото очигледно се гради. Колку што Отешево има изгубено од некогашната големина, толку Стење добива неколкукратно. Штом затопли, тука повторно ќе има изненадувачка посетеност, исто како од спротивната страна на Преспанско Езеро, во Долна Преспа, под Баба Планина. Летоска ни беше најпријатно изненадување кога во Претор, Сливница, Долно Дупени, наидовме на слика сосем различна од таа од којзнае која причина ја прикажуваат медумите. Место празни плажи и повлечено езеро, тоа што го посведочивме беше туристичка сезона во полн ек и незначително опаднато ниво на езерото.

Зошто морало да постои објект, за некој крај со природни вредности од светска класа да се посети? Може ли да се дојде само заради Езерото, шумите, планините, плажите, трските, необичниот спој на трските на брегот, со снегот на планинските врвови?

Парадоксот околу сета оваа убавина што Преспа ја прикажува зиме, исто како лете: Зарем толку ни е потребно некој да постави маси, да наплаќа за црн сок и пиво, за тоа да нé привлече во поголем број да го посетуваме нашето највредно македонско? Сé што има тука да се види, почувствува и доживее, доволно е вредно за пат од час или два, можеби три часови. Луѓето некако се имаат убедено дека час, или можеби и помалку од тоа во Градски Парк во Скопје, заменува посета на Преспа, Дојран, Охрид, или Берово, Маврово, Попова Шапка. Само во тие дваесетина минути додека се чека во колона за конечно да се паркира во Парк, од издувот на сите автомобили што возат пред нас, во кабината се надишуваме толку штетни гасови, што излегувањето на божем чист воздух во Парк, во Матка, на Водно, каде било, наполно е бесмислено.

 

>>> Toyota Corolla Hybrid на лимузинска тура низ Преспа

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Tesla си купи железничка пруга близу фабриката во Берлин

Mitsubishi фаќа залет со нов ASX врз база на Captur