за

Тест · Toyota Yaris Cross Hybrid AWD · Сé што знае Toyota, на едно место

Тој е единствениот модел во класата што располага со хибриден погон и со втор електромотор што ѝ дава погон на задната оска. Toyota Yaris Cross на тестот вози во ексклузивна изведба Premiere Edition.

Еден од моделите што во 2021 година ги исчекувавме да пристигнат на тест со најголемо нетрпение, доаѓа во самата завршница на годината. Toyota Yaris Cross не е од тие автомобили што го доживуваат врвот на славата неколку месеци по премиерата, за потоа да почнат да бледнеат. Славата на овој автомобил ќе трае уште долги години, овој смален RAV4 ќе одушевува уште долго.

Yaris Cross е уште едно успешно слетување на Toyota на планетата Земја. Целата мисија кога производител на автомобили лансира нов модел на пазарот, веројатно е многу слична и предизвикувачка како лансирање вселенски брод на пат долг стотици милиони километри. Патот што автомобилите на Toyota го имаат вкупно извозено досега, сепак е многу подолг од сите мисии во вселената. Тоа се гледа прилично добро во Yaris Cross, што не е „здодевно нов“, туку е возбудливо нов автомобил.

Тоа што го постигнува Toyota со новите генерации модели, откако почна да ги поставува на платформа TNGA, исто е како голфер што секогаш погодува директно од прва, како тенисер што секое сервирање му е ас или актерка што за секоја нова улога освојува награда во Кан. Стана традиција, секој нов модел што Toyota ќе го пушти на пазарот, да го престигне претходниот во бројките од продажбата. Низата е многу подолга, но само кусо: Corolla во 2019 година по долго време се појави повторно во Топ 10, по неа дојде Yaris што на моменти беше и најпродаван модел во Европа, а сега доаѓа Yaris Cross, што во ноември го престигна Yaris.

Во овие вонредни времиња на криза по кризата во браншата е многу динамично на ранг-листата на најпродавани модели во Европа. Toyota сé уште се справува одлично. Во ноември, најпродаван модел на Јапонците била Corolla со 11.189 примероци на 11-то место, потоа е C-HR на 20-то место со 8.731 примероци, па трет е Yaris Cross so 8.335 примероци на 24-то место, пред Yaris на 37-то место. Aygo го завршил претпоследниот месец од годината на 41-во место, три места по него следи RAV4. Шест модели на Toyota во Топ 50 на 25-те најголеми пазари во Европа. Маркава е во победнички занос.

Во исконската природа на Преспа, каде што се направени фотографиите, Toyota Yaris Cross навистина изгледа како вселенски брод што слетал на далечна планета; Дизајнот на овој автомобил има многу аспекти

Успехот им влева храброст на луѓето. Не е различно кај производителите на автомобили, барем не кај Toyota. Кај овој СУВ-модел што е изведен од Yaris, се гледа убаво дека маркава добро го има извежбано прашањето на дизајнот, во оние времиња кога духот на пазарот се испитуваше преку прикажување футуристички концептни автомобили на големите автосалони. Кога ќе се погледне од полупрофил, во подзашилениот нос се препознава лик на некој морски предатор. Кога тој впечаток ќе се спои со страничниот појас на каросеријата, што навидум се стеснува наназад и завршува во заден столб што силно е закосен нанапред, сликата е целосна: Yaris Cross изгледа како некој разигран делфин, како орка.

Можеби друг ќе види поинаку, но оваа паралела со морскиот свет се поврзува природно со островската земја Јапонија. Yaris Cross дури и изгледа сосем различно од Yaris. Ова не е убаво нашминкана и пристојна градска кола што само е качена на големи тркала, туку изгледот на оваа кола внесува нешто што кај повеќето модели во класата е невкусно да се сугерира. Тоа што Cross го внесува екстра е изгледот на теренец. А, тој не е залудно нагласен толку самоуверено.

Yaris Cross во тестиранава варијанта вози со хибриден погон и вози со погон на сите тркала, со втор електромотор што ѝ дава моќ на задната оска. Оваа Тoyota е апсолутно единствен модел што располага со таква погонска комбинација. Напролет ќе се придружи Suzuki Vitara, но кај неа нема втор електромотор што самостојно ја движи задната оска, туку се користи класично карданско вратило. Значи, сепак уникат.

Не е шминка: Yaris Cross сепак е создаден од марката што две и пол децении го создава и усовршува RAV4, а претходно ги има и Land Cruiser и Hilux

СУВ-изведбата со техниката од Yaris – кој патем е европски автомобил на 2021 година – направена е од искусен и вешт производител, кога станува збор за теренското возење. Заштитата во дното на предниот дел од возилото е повеќеделна. А, тоа значи едно: Ако при малку похрабри излети по теренот се оштети заштитата, поради невнимание или неискуство, поправката нема да чини цело богатство, затоа што ќе се смени само оштетениот дел. Уште еден детал во истата насока се малечките тркалезни магленки што се поставени ниско долу, на местото што вистински одговара на нивната функција, но и заштитени се од удари од камчиња, вовлечени во малото куќиште околу нив.

Тоа што го прикажува Yaris Cross во оваа изведба е пораката од Toyota: Возете го автомобилов каде што сакате. Не е случајност тоа што трапезната форма на „гринхаусот“ личи на RAV4

Примероков на тест е најексклузивниот претставник на гамата на Yaris Cross и Тојота Авто Центар ја ужива привилегијата да го понуди истиот на македонскиот пазар. Како што укажува и самото име Premiere Edition, тоа е ексклузивна серија што ќе биде изработена во ограничен број примероци, во чест на пазарниот старт на новиот модел. Основа за Premiere Edition е моделот во највисокото ниво на опрема Adventure, на коешто му се додаваат бројни стилски и функционални додатоци. Тркалата од 18 инчи се ексклузивни за Premiere Edition, исто и багажникот што се отвора со замавнување со стопало под браникот или комбинацијата од кожа и платно за седиштата.

Конструкторите на Toyota се толку вешти во својата работа, што изгледа како да ја „програмираат“ првата помисла по седнувањето зад воланот

Cross изгледа скапо, вредно и способно, но и функционира одлично. По седнувањето зад воланот, човек да помисли дека е во некој Матрикс. Првото што многумина ќе го направат откако ќе се сместат во возачкото седиште на Yaris Cross, многу е веројатно дека ќе биде повлекување на седиштето понапред. „Кој ли успеал да го врати седиштево толку назад“, помислува човек. Веднаш штом ќе се посегне по рачката и седиштето ќе се излизга малку понапред, следи сознанието дека седиштето претходно си било на место.

Неверојатно е колку возачките и возачите ѝ се предвидливи на Toyota. Просторното чувство на предните седишта на Yaris Cross е фантастично, без претерување. За мерките што важат за градската класа возила, ова е близу до сензација. Кога ќе се присетиме дека истото чувство владее и во Camry (особено во Camry) и во целата „TNGA-гама“, зарем тоа требаше да биде изненадување? Овие генијалци во Тојота Сити – поточно во Ница, на Азурниот Брег, каде што со години функционира европскиот центар за дизајн на Toyota – точно погодиле дека клиентите ќе очекуваат да доживеат малку потесен простор во моделот што ја чини основата на СУВ-понудата на марката. Затоа, тие генијалци „притиснале“, конструкторите и сите можни таленти што работат за Toyota, да постигнат и да изведат колку е можно поубедливо чувство за просторност напред. Така се постигнува одушевувањето од автомобилов да следи веднаш по седнувањето.

Но, како таа Toyota толку знае што очекуваат луѓето од нејзините автомобили и какви се нивните општи впечатоци за што било во врска со автомобилите? Секако дека и за тоа постои објаснување. Toyota секоја година продава најмалку десет милиони автомобили и товарни возила. Тоа се многу автомобили. Toyota е воедно марка што практикува масивна и директна комуникација со своите клиенти. По аналогија, марка што продава многу возила и собира искуства од клиентите, располага и со најбогата и највредна повратна информација од клиентите. Така Toyota знае повеќе од сите.

Toyota е марка што комуницира со своите корисници, а тоа значи и дека дознава многу од нив, за тоа како новите модели да ги направи уште подобри

Понатаму, не е случајност кога по пробното возење на Toyota, во салонот ќе ве прашаат за впечатоците од возењето. Тоа не е рутина, туку е дел од еден „механизам“, што на крајот ги испраќа сите тие повратни информации до менаџерите. Информации од сервисите, интерни анкети на сопствениците на автомобил Toyota, па и реакции по забелешките од влијателните медиуми по тестирањата на автомобилите, сето тоа некако доспева до Тојота Сити.

Секако дека просторноста не е единственото пријатно изненадување во Yaris Cross. Овој автомобил е комфорен. Наспроти сличните модели во сегментот, што реагираат тврдо, суво, гласно, тука амортизацијата работи меко, придушено, тивко, погодено. Ова е Toyota RAV4, во поднамалено издание. Yaris Cross ќе довезе до одредиштето брзо, спокојно, релаксирано, притоа одржувајќи го расположението на екипажот.

Поврзувањето со Spotify и слични онлајн-услуги се одвива во еден потег. Нема потреба од кабел, а самото поврзување е брзо. Тоа е голем напредок во споредба со старите инфо-забавни системи, што реално не го следеа чекорот со браншата. Сето тоа е коригирано со Yaris Cross. Љубителите на добриот звук нема да се двоумат околу изборот на нивото на опрема што вклучува JBL озвучување. Така вистински се заокружува пријатната, а на места и благородна внатрешност на автомобилов, вклучувајќи амбиентално осветлување во сина боја и филигрански тенка лајсна во боја на каросеријата, долж кокпитот и по вратите.

Тестираниот примерок од Yaris Cross е дел од воведната серија Premiere Edition, што ќе се произведе во ограничен број примероци; Пазарот реагира на овие серии кога луѓето ја ценат марката, а Toyota се цени

Арматурната табла е иста со Yaris, разликата е во делот од средишната конзола што почнува од командите за климата и завршува со посебно изведена длапка под средишниот дисплеј. Секако дека последниов детал е лакиран во пијано-финиш кај Premiere Edition, заедно со украсниот дел во воланот и рамката околу отворите за воздух, површината околу рачката на менувачот, потпирачот за рака во вратите, рамката околу дисплејот.

Најновата Toyota прави студот да исчезне брзо, со греење на воланот и со греење на предните седишта. Ако стане претопло или воздухот замириса на јаболка (ние сликавме во Преспа, за тоа ќе следи посебна репортажа), стаклениот покрив не се отвора, и подобро што е така. Техничарите избрале фиксно решение, затоа што доколку покривот се отвораше, тоа ќе значеше одземање неколку сантиметри простор за глава. Вака е совршено. Згоден детал е рачното повлекување на завесата за затемнување на покривот. Тоа посетува на класичен кабриолет, но укажува и дека се внимавално на ценовната приватливост на моделот. Yaris Cross Premiere Edition е малку исклучок во тој поглед, затоа што со цената допира во ревирот на RAV4, но сето тоа е сосем јасно, сепак станува збор за ексклузивна серија што дава екстра тежина на имиџот на Yaris Cross, на Yaris и на целата марка Toyota.

Погонот на сите тркала засега е достапен само во ексклузивната серија Premiere Edition, но откако ќе заврши нејзината продукција, понудата во гамата на Yaris Cross секако дека ќе вклучува варијанти со погон на сите тркала AWD-i, во комбинација со повисоките нивоа на опрема.

Хибридниот погон се усовршува постојано, овој во Yaris Cross може да го движи автомобилот чисто на струја и во моменти кога се вози темпо 130; За потрошувачката само кусо: Петка пред запирката, без оглед на динамиката на возење, хибридот на Toyota толерира динамично возење

Хибридниот погон на Toyota во меѓувреме ја достигна 4-та генерација, што своето прво вградување го доживеа токму во „класичниот“ Yaris. Новиот мотор од 1,5 литар со три цилиндри е изведен од 2,0-литарецот од Corolla Hybrid со 180 КС и постигнува термичка ефикасност од 40 проценти, што е завидна вредност за бензински мотор. Моќноста изнесува 92 КС при 5.500 вртежи во минута, кои во нормална служба на автомобилот во раце на домаќински возач или возачка, веројатно никогаш нема да бидат постигнати. Повеќе корисна вредност за хибридниот погон се 120-те њутнметри што стојат на располагање меѓу 3.600 и 4.800 вртежи – станува збор за атмосферски мотор, значи без турбонатполнење.

Електромоторот располага со 59 kW, односно 80 КС, вртежниот момент му изнесува 141 њутнметри. Батеријата е литиум-јон, тежи само 27 килограми. Кога на поклопецот на багажникот на Yaris Cross дополнително пишува AWD-i, тоа значи дека во игра влегува и втор електромотор. Со моќност од 5,3 КС и вртежен момент од 52 Nm, тој е задолжен за задната оска, со задача да обезбеди поголема тракција и стабилност при поаѓање, како и во свијоци. Распределбата на вртежниот момент меѓу предната и задната оска се приспособува автоматски. Во зависност од условите, може да се постигне сооднос во дијапазон од 100:0 до 40:60 проценти. Задниот електромотор се вклучува главно при поаѓање на снег или мраз, како и при качување по стрмна нагорнина.

Ако Yaris Cross се најде во предизвикувачко сценарио, тогаш може да се вклучи програмата Trail. Таа е корисна кога едно или повеќе тркала немаат доволно контакт со подлогата. Во таков случај, AWD-i ги сопира тркалата што пролизгуваат и ја пренесува целата погонска сила на тркалата што имаат подобар контакт. Втора можност за избор е програмата Snow, којашто главно се однесува на помека реакција при притискање на педалот за гас, за да не се создава пролизгување.

Верзијата со погон на сите тркала поседува и сосем различна задна оска од верзијата со преден погон, затоа што вториот електромотор е интегрален дел од истата

Верзијата со погон на сите тркала е ексклузивна и по тоа што за задната оска се користи систем со две триаголни водилки, место торзиска оска. Тоа е посебна конструкција за Yaris Cross, којашто го вклучува и самиот електромотор како интегрален дел од оската.

Во поглед на возните својства, Yaris Cross одвај покажува дека е за 25 милиметри повисоко од подлогата од Yaris, како и дека покривот му завршува 95 милиметри повисоко. „Малиот RAV“ покажува динамични возни својства, предвидлив е, забавен за возење, безбеден. Тоа се вклопува совршено во севкупниот пакет што може да се нарече – еден автомобил за сé.

Единственото што недостига во ексклузивниот Premiere Edition, а се вбројува меѓу обележјата на моделот, тоа е Smart Cargo. Досега знаевме за под што може да се постави на две различни висини, сега Toyota се сети прва дека може и подот да се подели, па едната половина да се постави подолу, другата погоре. Секако дека сето тоа е решено со сенс за практичност што е својствен за марката. Причината зошто Smart Cargo отсуствува е вториот електромотор во опашот. Кај верзиите на Yaris Cross што возат со преден погон, може да се добие оваа корисна ставка.

Гамата на Toyota Yaris Cross почнува веднаш со мотор со 125 КС, за разлика од конкуренцијата што настапува со пониска цена, но затоа нуди 80-на КС и половина од опремата што тука е стандард уште во Fancy

Основната изведба на Toyota Yaris Cross вози со 1,5-литарски бензинец со 125 КС, со ниво на опрема Fancy и со цена од 19.590 евра. Ценовникот за Cross веднаш стартува со моќна машина, па сосем е разбирливо тоа што моделот не се вмешува меѓу „најевтините“ во класата, чијшто цени важат за верзии со мотори со 80-на КС. Големи разлики има и во опременоста. Исто како што Toyota не нуди слаб мотор што никој нема да го купува, туку ќе служи само за прикажување ниска цена, така и во поглед на опременоста, Тојота Авто Центар ја стартува понудата со ниво на опременост што излегува во пресрет на нормалните барања на купувачите, без потреба да се посегнува веднаш по повисоко ниво.

Тоа што Yaris Cross го поседува уште во основната изведба Fancy, а кај конкуренцијата се добива дури во повисоките нивоа – а можеби и целосно отсуствува – се воздушна перница меѓу предните седишта, поврзување преку Apple CarPlay или Android Auto и говорни команди, греење на предни седишта, затемнети задни стакла, камера за собраќајни знаци, паркинг сензори и задна камера, електрична паркирна сопирачка, препознавање замор на возачот, препознавање пешак или велосипедист на патот, греење на ретровизори, сензор за дожд, систем за задржување во лента и следење лента, приспособлив темпомат и тркала од лесен метал. Тоа, мора да признаеме,  многу повеќе е од очекувањата за основен модел.

Едно ниво погоре е Chic, со цена од 21.890 евра, коешто стандардно доаѓа со ЛЕД предни светла и трепкачи, тркала од 17 инчи, интелигентни паркинг сензори напред и назад, пристап и старт без клуч, средишен дисплеј од 7 инчи и радио со 6 звучници и уште бројни стилски и функционални ставки.

Ако се земе предвид и менувачот CVT што е стандард, хибридната изведба на Toyota Yaris Cross чини само 1.500 евра повеќе од изведбата со бензинец со 125 КС; Дури и основното ниво Fancy е достапно со хибриден погон, иако „основно“ е многу релативно

Третото ниво со моторот со 125 КС е Elegance, со цена од 23.890 евра, коешто дополнително на нивото Chic располага уште со двозонски автоматски клима уред, навигациски модул, собирање на ретровизорите и уште поблагородно изведена внатрешност.

Нивото во коешто Yaris Cross добива стил и функционалност на теренец е Adventure, а тоа во моментов е достапно само со хибриден погон, со цена од 28.990 евра. Хибридот во понудата на Тојота Авто Центар сепак стартува многу порано, уште во самото основно ниво на опрема Fancy. Тогаш и цената на Yaris Cross со хибриден погон изнесува 23.090 евра. Разликата во цената меѓу хибридниот модел со 116 КС и моделот со класичен бензинец со 125 КС практично изнесува точно 1.500 евра, ако се земе предвид дека менувач CVT е стандард кај хибридот.

Premiere Edition е ексклузивен модел и со неговите 36.290 евра тој секако дека не може да се споредува со стандардната понуда, било во гамата на Toyota Yaris Cross или општо во споредба со други автомобили со слична цена. Тоа се модели со коишто производителите си го дозволуваат каприцот да ѝ покажат на автомобилската сцена дека владеат со ситуацијата. Исто е нормално дека и купувачите сакаат сопствениот успех да го придружат на успехот на автомобилската марка и на моделот што ги симпатизираат. Така се заокружува кругот, сé е е перфектно.

Европскиот автомобилски пазар сé почесто го практикува „андерстејтментот“ при изборот на автомобил, повеќе се избира компактен автомобил со моќен мотор, впечатлив стил и богата опрема, место голем автомобил од почетокот на ценовникот на моделот

Само мала претстава за луксузот што ни го понуди Yaris Cross Hybrid Premiere Edition за време на тестот (и за време на репортажата низ Преспа, што ја започнавме летоска со Toyota Corolla Hybrid): Проекциски колор-дисплеј што во мноштвото информации ја прикажува и фреквенцијата кога ќе се смени радио станицата, сензори што го отвораат поклопецот на багажникот при замавнување со стопало под браникот, врвен аудио систем JBL, кожени седишта, стаклен покрив, заедно со сите претходно наведени ставки. Сиот тој луксуз само го облагородува Yaris Cross, му дава нова димензија, ги надополнува квалитетите на самиот автомобил.

Toyota Yaris Cross Hybrid AWD-i Premiere Edition

Моделот што со големо нетрпение го исчекувавме на тест цела година, уште откако Toyota лани го претстави моделот и го најави стартот на продажбата, дојде како совршено заокружување на годината. Хибридите на Toyota не само што уште не губат сјај и актуелност во време на електрични автомобили и приклучни хибридни автомобили – кои уште в година ќе почнеме да ги гледаме во салон на Тојота Авто Центар, а потоа и по македонските патишта – туку продолжуваат да се усовршуваат.

Yaris Cross е нов автомобил, но не само на хартија, туку е нов и во чувството во возење, во дизајнот, во општиот впечаток. Во ексклузивната серија Premiere Edition, со хибриден погон и со втор електромотор назад за погон на сите тркала, Yaris Cross прави класата на автомобилот да биде неважна. Неважно е дали Cross со своите 4,2 метри спаѓа во градската, компактната или средната класа. Со карактерот што го покажува, овој СУВ, овој способен СУВ, освојува како автомобил, не како шаблон. Yaris Cross ќе привлекува и купувачи што првично имале намера да изберат поголем автомобил, а секако дека голем дел од тие купувачи ќе доаѓаат од други марки, што претходно не возеле Toyota. Многу важен модел за марката, во клучен период. Ова е автомобил од производител што е моќен.

Кон официјалниот вебсајт за Toyota Yaris Cross на увозникот Тојота Авто Центар

https://www.toyota.com.mk/model/yaris-cross/


Техничките податоци за Yaris Cross можете да ги погледнете на нашиот онлајн каталог HTTPS://AVTOSALON.MK/ , каде што исто можете да направите и споредба со конкурентските модели.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota Hilux од рели Дакар во музејот на Фернандо Алонсо

На германската автоиндустрија ѝ недостигаат материјали