за

Toyota Corolla Hybrid на лимузинска тура низ Преспа

Преспа често се спомнува летово. Од една страна се јавува за катастрофални последици од повлекувањето на езерото, од друга страна се организираше масовна и ефектна акција за чистење во крајот. Направивме тура во Преспа, да видиме каква е реалната состојба, патем возевме и мошне луксузна изведба на Toyota Corolla Sedan, што ја прикажува лимузината во уште едно светло. Хибрид, секако.

Во македонската Toyota дефинитивно умеат да ги погодат изборот на автомобил за тест и времето за возење. Toyota Corolla дојде во редакцијата на Аутомедиа во време кога луѓето бројат денови и часови до заминување на летен одмор. А, зарем постои автомобил што асоцира на летен одмор повеќе од оваа лимузина? Со 4,62 метри од крај до крај, со самоуверена црвена боја со бисерен ефект, што како ретко досега ѝ прилега совршено на Corolla, лимузинава буквално повикува со неа семејно да се замине во „топлите краишта“. Бројни генерации на моделов повикуваа на истиот чин. Corolla е семеен автомобил.

За овој момент да биде погоден за тест на Corolla дополнително придонесува фактот што јасно е напишан на задните врати. Таму стои „Toyota Relax, 10 години гаранција“. Увозникот летово ја стартуваше гаранциската програма што се води под името Toyota Relax и којашто го нуди точно тоа што пишува: 10 години гаранција или 200.000 километри, со единствена „задача“ на сопственичката или сопственикот, редовното сервисирање на својата Toyota да го врши во мрежата на јапонската марка. Толку е едноставно. Ние ќе додадеме на тоа: Со Toyota секој ден ќе ви биде безгрижен како да сте на летен одмор.

Има уште една порака што маркетиншките специјалисти на Toyota ни ја соопштуваат преку автомобилов. Возиме примерок од најпродаваната моделска серија во светот. Еден од повеќе од 45 милиони примероци што се произведени од 1966 година наваму. Не е сé историја со овој автомобил, многу повеќе е сегашност. Corolla (и) годинава е во Топ 5 најпродавани модели на македонскиот пазар, Toyota е најпродавана марка во Македонија во јуни. Тоа се непотврдени податоци, затоа што не постои официјална статистика за домашниот пазар, меѓутоа во случајот на Toyota, тоа би требало да се веродостојни податоци.

Corolla на тестов вози со хибриден погон и тоа исто така оди во контекст на погодениот избор на автомобил за тест и времето за возење. Додека сведот се одушевува од електричните автомобили и се радува што и приклучните хибриди почнаа да нудат сосем пристојни вредности на досег од најмалку 50 километри, можеби требаше некој да поверува дека приказната со чисто хибридните автомобили, кои Toyota си ги нарече „самополнечки хибриди“ за светот да ги разликува, веќе е завршена приказна.

Должината од 4,62 метри не е единственото што прави Corolla да се цени како модел од средна класа · Corolla практично е бескласен автомобил, таа едноставно е Corolla, универзална и трајна

Далеку е од завршена, толку е далеку од завршена, што автомобилите со хибриден погон, кој не е грешка да го наречеме тојота-погон, уште доминираат меѓу видовите алтернативен погон. Кажано појасно, автомобилите со тојота-погон се продаваат подобро од кога било досега. Според најофицијалната статистика на ЕУ, во второто тромесечје, возилата со чисто електричен, батериски погон, учествувале со 7,5 проценти во вкупната продажба на возила во Унијата. Приклучните хибриди постигнале удел од 8,4 проценти. Наспроти тоа, на самополнечките хибриди им припаѓаат 19,3 проценти од вкупниот ЕУ-пазар! Во овој удел се вклучени и моделите со благ хибриден погон, но главнината пак им припаѓа на автомобилите со „тојота-погон“.

На нашиот инстаграм-профил можете во „хајлајтс“ да ја погледнете целата сторија за Преспа и за Toyota Corolla 1.8 Hybrid Sedan во сто кадри >>> https://www.instagram.com/automedia.mk

Toyota Corolla досега требаше да стане многу здодевен автомобил за тест во Аутомедиа. Пред две години, со иста ваква лимузина ја извозевме дводелната тура „Со 30 литри бензин низ цела Македонија“, во должина од 773 километри и со просечна потрошувачка од 3,89 литри. Најпродаваниот автомобил на сите времиња гостуваше и во спортската верзија со дволитарски хибрид и 180 КС, како комби, како комбилимузина со 1,2-литарски турбо, па пак во лимузинска изведба. Но, ете сега се покажа дека Corolla и натаму е свежа и интересна за возење. Има нешто посебно во оваа моделска серија. Синергиски ефекти: Додека интелигентната погонска техника ја полни батеријата, луѓето возвраќаат со тоа што ја исполнуваат Toyota со позитивна енергија. Светот сака да ја вози Corolla, многу долго, со децении и со милионски километражи. Тоа успева, затоа што е Toyota, затоа што издржува.

Впечатокот се повторува. Оваа лимузина ја надраснува голф-класата. Тоа не важи за димензиите, туку повеќе важи за нејзината зрелост како автомобил. Повеќе би се сложиле дека Corolla Sedan го заменува Avensis, отколку дека Camry го заменува Avensis. Крстосувачот Camry е посебно поглавје и има улога на „заштитен вид“, затоа што е единствена непремиум-лимузина во сегментот на E-Class & Co, покрај Skoda Superb. Посебно поглавје, сепак.

Оваа силуета неодоливо потсеќа на патување на летен одмор · Toyota Corolla реално е комфорна, комотна и угладена лимузина со којашто не е проблем да се патува долго – и штедливо, секако

Црвенава Toyota го создава тој впечаток на зрелост на лимузина од средна класа и преку својата внатрешност. За кабината да изгледа, но и да се чувствува како во тестираниот автомобил, којшто е во топ-нивото на опрема Executive Plus, потребно е да се вложи 4.100 евра повеќе отколку за основната изведба Business во којашто лимузината се нуди на македонскиот пазар. Вистина е дека цената од 28.990 евра е прилично блиску до горната рамка до којашто луѓето се решаваат за модел од компакт класа, меѓутоа… повеќе автомобил за тие пари, ретко може да се добие на друго место, освен во Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid Executive Plus. Овој „пакет“ на друго место би чинел далеку над 30.000 евра.

Освен седиштата во авто-благороднички беж боја, кои се покажа дека имаат исклучително висока паропропустливост, како и горната половина на арматурната табла и на вратите во истата боја, нивото Executive Plus содржи уште комплетно диодни предни светла, задни светла и трепкачи, дополнително затемнети задни прозорци, пристап без клуч и самостојно собирање на ретровизорите. „Екстра директор“ нивото располага и со дигитален брзиномер, диодни магленки, грејачи во предните седишта, електрично местење на возачкото седиште во слабинскиот дел, а уште од основното ниво ги наследува камерата за наназад и средишниот дисплеј од 8 инчи. Луксузната Corolla се препознава и по двобојните тркала од 17 инчи со 10 краци, а најмногу по хромираните бумеранзи во предниот браник.

Поентата на возењето хибриден автомобил не е во тоа да се одржува бавно темпо и сето време во мислите да биде потрошувачката на гориво, туку е во тоа да се вози нормално и релаксирано; Погонот штеди сам, возачот нема никакви дополнителни обврски околу тоа – на крајот, Corolla секогаш ќе си покаже примерна штедливост

Патот од Скопје до планинскиот превој Ѓавато минува за миг. Тоа е воедно и една од главните атракции на хибридниот погон, релаксираноста при возењето. Отсуството на бучава и на вибрации, свесноста дека автомобилот располага со доволно моќност за секоја ситуација и за сите услови на возење, сето тоа прави патувањето со хибрид да биде помалку заморно. Toyota Corolla Sedan на патот до таму покажа уште еден квалитет. Делницата од Прилеп до Битола честопати ја минувавме во последно време. Со претходните возила се чувствуваше дека на патот на повеќе места му е потребна солидна интервенција. Лимузинава успеа да го „промолчи“ тоа, амортизацијата вешто си ги сработи задолженијата. Комфорот на амортизацијата, всушност, беше и првиот впечаток веднаш по преземањето на возилото.

Хромираните лакови во браникот и филигрански изведените тркала од 17 инчи со два различни дизајни на краците откриваат дека станува збор за нивото Executive Plus

Ѓавато ни е важна точка на ова патување, затоа што оттаму почнува спуштањето надолу, кон Преспанската Котлина. Нашето одредиште е Маркова Нога, крајната точка долж преспанското крајбрежје што припаѓа на Македонија. Вредно доживување е глетката што се прикажува брзо по минувањето на превојот висок близу 1.200 метри. Целиот потег од Битола е мошне пријатен за возење, со широки и прегледни патишта, во убава и препознатлива природа за тој крај. Сепак се вози покрај ограноци на Баба Планина и Бигла. Квалитетниот пат надоместува за двестоте километри што треба да се извозат до местото што мештаните го познаваат како „макази“. Оттаму поаѓаат два краци, едниот по источниот брег на Преспанското Езеро, кон Крани, Песпа, Долно Дупени, другиот по западниот брег, под Галичица, кон Царев Двор, Отешево, Стење, Коњско.

Идејата двете крајбрежја да се минат во ист ден е невозможно да се реализира, тоа е исто како да сакате во еден ден да ги посетите и Охрид и Струга. Нашиот крак е источниот, продолжуваме за Маркова Нога. Ситуацијата што ќе ја забележите се разликува драстично од таа што може да се стекне од новинарските известувања за Преспа и за Преспанското Езеро. Бројни возила се упатуваат во нашиот правец, исто толку се враќаат оттаму. Прометно е, нема премногу метеж, но дефинитивно има поголема раздвиженост од очекувањата. Луѓево се дојдени на одмор.

Некои хотели настапуваат со повисоки стандарди на сместување и престој, тие вложувања ветуваат дека Преспа ќе продолжи да се развива

Езерото уште не се гледа, додека ги минуваме осумте километри до првото звучно име, до Асамати, некогаш прочуено туристичко место. На патот до таму, сепак има уште едно место што ни се чини звучно. На таблата пишува Долна Бела Црква, тоа асоцира на јаболки. По стотина метри по патот што води благо удолу кон селото, почнуваат овоштарниците. Сé е чисто и педантно во плодоностите дрва, се забележуваат и јаболката како растат. Далеку од врева и далеку од спарина. Воздухот мириса на воздух, високата Баба Планина го чува ова природно богатство и го облагородува.

Куќите во селото се големи, убави, сé е средено, најмногу радува кога ќе се слушне џагорот од дечињата што си играат во дворовите. Овие куќи се од истите луѓе што ги одгледуваат овоштарниците, затоа не чуди тоа што дворовите вредно се претворени во мали уметнички дела. Дефинитивно вредеше да се дојде во овој крај. Езерскиот брег уште е пет километри далеку.

Славното минато се препознава во овој стар објект во Асамати со архитектура што е својствена за крајот

По враќањето на главниот пат, кој е во сосем пристојна состојба, има уште два километри возење до Подмочани. Истата слика и тука, со таа разлика што селото е на пат, па има дополнителни содржини: Минимаркет, етно музеј, соби. Домаќинките како да се натпреваруваат чиј двор ќе биде прошаран со поубави цвеќиња. Тоа што мора да се види е Преспанскиот Крст, што е веднаш над селото, покрај новоизградената црква Св. Петар и Павле, и нуди одушевувачка глетка над езерото, како што кажуваат мештаните. Оставаме намерниците сами да ја откријат убавината.

До следното село Грнчари, некогаш имало еден километар растојание. Денес куќите на двете села ги двојат само неколку стотини метри. Три километри се поминуваат додека се дојде до следното село, до Асамати. Сликата во селото воопшто не е ветувачка. Од некогаш бројните објекти со различна содржина, денес ништо не работи. Останале само траги. Што сé се случувало тука во минатото, очекуваме да го прочлитаме целосно во книгата „Хроника на Преспа“ што извесен Методија Јоновски ја најавува уште во 2019 година во фејсбук-групата „Мојата Преспа. Мојот Ресен, Мојата Судбина“. Тоа што историјата го помни за ова место е првиот хотел во Преспа, на извесен Стојан Мишев, изграден во 1928 година, потоа се спомнуваат задружен дом, вила на некој познат мајор, детско одморалиште, па дури се зборува и за морнаричка касарна во 1927 година, кога биле донесени и првите патролни бродови на езерото.

Асамати сепак носи едно пријатно изненадување. Ова е првото место во коешто функционира туризмот, во просторот кај камп-куќичките, кој е недалеку од селото. Тие се во сенка на високи дрвја со широка крошн, создавајќи ја првата убава глетка во овој дел од Преспа, од гледиште на туризмот. Половина од куќичките се зафатени, оваа убавина не е тука залудно, сепак има некој што ужива во неа.

Тоа не е друго освен доказ за квалитетот на градбата · На овој објект во Асамати, што некогаш веројатно служел како ресторан, неопходно му е само „малку боја“

Натаму, сé е во знакот на летувањето, на релаксацијата, па и на капењето. Секако, веднаш по Асамати следи Претор. Тука веќе сé функционира во актуелен дух. Плажите се средени, простор за паркирање има за уште еден Претор, никој не наплатува за паркирање и за брцнување во водата. Рестораните се нови, светнати, џагорот враќа во детските денови, сé е под дебела сенка, точно темперирано за уживање. Народот што е дојден тука да одмора и ужива секако дека не е дојден залудно. Езерото е тука, тоа никаде не „заминало“. Прашање е дали приказната за „исчезнувањето“ на Преспанското Езеро повеќе е контра-пропаганда од туристичките моќи што владејат од другата страна на Галичица.

Кога ќе се доживее оваа сцена, се враќа сеќавањето на една порака што допираше до луѓето порано: „Преспа е создадена за одморање“. Навистина е така. Кога човек ќе погледне од брегот нагоре, не може да следи друго освен заклучокот дека во поранешната заедничка држава многу се градело во Преспа. Квалитетно се градело. Впечатокот е дека на многу места е доволно објектите само да се исчистат од обраснатото. Радува тоа што и денес се вложува. Неколку објекти што негуваат повисоки туристички стандарди исто ги пречекуваат своите клиенти тука.

А, Toyota. Таа совршено се совпаѓа во оваа средина. Тивка, доволно народска за минувачите да не фрлаат погледи попреку, Corolla исто одмора во Преспа. Просторна, комотна, со „мазна“ погонска спрега и без грижа околу ракувањето со менувачот при честите запирања и поаѓања заради фотографирање, лимузинава вистински се засакува на вакви места.

Претор прикажува слика што е сосем различна од таа што се стекнува од известувањата за крајот · Кога ќе се дојде на самото место, ниту еззероо е катастрофално повлечено, ниту пак недостигат туристи или градби што беспрекорно си ја вршат функцијата

Вистински сјај се покажува на двете моментно најпознати и најмногу средени плажи на источното крајбрежје: Конект и Сливница. Паркирањето исто е најмалку проблем, единствено може да биде проблем ако во моментот се погодат повеќе возила при спуштањето по тесниот асфалтиран пат до езерото. Додека во Претор повеќе одмораат семејства, тука доаѓаат и младите. Мора да се признае дека на многу места се гледаат ефектите од акцијата за чистење на Преспа. Вегетацијата е поткастрена покрај патиштата, бројни депонии се расчистени, плажите и брегот исто така се култивизирани.

Живее и Крани. Ова прочуено туристичко место во Преспа се соочува со фактот, што поради профилот на теренот, во многу поголема мерка се чувствува повлекувањето на езерото. Но, тоа не ги спречува луѓето да доаѓаат и да се брчкаат во преспанската вода. Кампот е речиси полн, куќичките се обновени во голем дел, повеќе е од пристојно.

Една плажа е само за познавачи. Таа е најдалеку по крајбрежјето и практично ја допира граничната линија: Дупени Бич. До плажата се доаѓа лесно со автомобил, паркирањето е веднаш над плажата, а долу чист песок, среден прибор, двесте метри должина и сета потребна инфраструктура. Главната туристичка „состојка“ е позната: Релаксирачката и своевидно заводлива енергија на Преспа. Тука се доаѓа за оваа енергија.

Околу „мистеријата“ во името на селото Долно Дупени. Постојат многу објаснувања и теории, меѓутоа најверодостојна е следната. Своевремено во селото живееле голем број учени лица и свештеници. Во преспанскиот говор, за паметен и учен човек се вели дека е „дупен“. Толку за името. Селото е неколку стотина метри над езерото, големо е, живо, со единствена архитектура и со туристички капацитети. Секако вреди како одредиште.

Уште две места ни останаа за посета. Првото е славното Љубојно, коешто е неколку километри угоре по ограноците на Баба Планина. Глетката ќе одушеви многумина. Практично сите куќи покрај патот се обновени и дотерани, а се наѕираат уште голем број други објекти што или се во фаза на обнова или исто така веќе се подготвени да служат за туризмот во крајот. Архитектурата е волшебна, различна од сé што многумина познаваат како наше творештво. Училиштето во коешто на 15-ти ноември 1945 година се одржал првиот час на мајчин македонски јазик, исто нема да се пропушти при пристигањето во селото. Во тоа време, на нашиот единствен и изворен јазик, се зборувало само уште во Подвис, кичевско.

Следното село, Брајчино, поаѓалиште е за сите уживања и предизвици во оваа најубава македонска природа. На висина од 1.000 метри тече Брајчинска Река. Тоа е најголемото богатство во еден крај, темелот за неговото опстојување. Исто како мариовските реки. Ренџерот Јонче, што прв ќе ве пречека во селото, ќе ви каже сé што сакате да знаете за крајот и за сите понуди за истражување на средината. Тој нé потсети и дека Брајчино е најдалечната точка од Скопје. Кој има енергија и волја, може за три часови да се искачи на Пелистер, за шест часови до Големото Езеро од Пелистерските Очи, може да се појде и кон битолското село Нежилово. Брајчино живее од селскиот туризам.

На враќање во Скопје, „заморот“ е повеќе од чистиот воздух покрај планинското езеро, кој за нас што живееме во средина на суперштетен воздух за дишење секогаш го има ефектот да тера на спиење, отколку што е замор од возењето и од патувањето во Toyota Corolla. Тоа е суштината на овој автомобил. Едноставно го почитуваме овој модел во редакцијата. И не сме единствени во тоа. Corolla е во Топ 5 за македонските возачки и возачи.

Кога ќе се каже дека таа е многустрана, најверно е да се замисли како да ви е омилено парче облека со коешто секогаш сте соодветно облечени за секоја пригода. Секој во животот имал такво парче облека што едноставно не сакал да го симне од себе. За дамите не би можеле да судиме дали има шанси да постои нешто такво. Оваа класично скроена Toyota со убави детали, може да изгледа пристојно и на паркиралиште до пазар во недела, а пак да изгледа претставително во вторник за во опера. Corolla Sedan е комфорна, комотна, угладена, тивка, прецизно и квалитетно изработена, но со TNGA-инженерингот стана и мошне возлива, забавна, динамична, темпераментна, спортска.

Кога Toyota Corolla пак ќе ни пристигне на тест, сосем е извесно дека и со неа ќе отпатуваме на некоја подолга рута. Таков е автомобилот, човек тука сака да седне и да вози. Околу потрошувачката, за што многумина прашуваа кога ја објавивме серијата приказни на инстаграм, кои во последно време ни станаа запштитен знак – со сите запирања и поаѓања заради фоторафирање за време на преспанската тура и генерално без какво било внимание колкава вредност на потрошувачката ќе добиеме на крајот на тестот, излезе вредност од 4,8 литри на сто километри. Кој ќе постигне повисока потрошувачка од тоа, најдобро е да побара некоја стара квадритурбо-третирана Supra.

Кон официјалната страница за моделот на Тојота Авто Центар · https://www.toyota.com.mk/model/corolla-sedan/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Трка на најбавните електрични автомобили

Citroen C3 Aircross се збогува со просечноста