(dpa) Тимот на американскиот геолог Макс Штајнеке во 1930-те години добил неблагодарна задача да трага по нафта низ пустините на Саудиска Арабија. Песочните рамници и сувите долини не укажувале на постоење подземни структури. На арапскиот полуостров во тоа време немало бунари за црпење нафта. „Нема масло, нема вода“ стоело во телеграмата што „дивите мачки“, како што се нарекувале истражувачите, ја испратиле до Сан Франциско.
Долгото трпение се исплатело. На 4-ти март 1938 година, почнало да избива нафта од изворот број 7 близу саудиското рибарско село Дамам. Во следните 50 години, овој „извор на добросостојоба“ ќе произведе 32 милиони барели. Изворите на скапоцената суровина во Ирак (1927), Бахраин (1932) и Куваит (1938) ја претворија оваа територија со сиромашни и слабо организирани племиња во една од најбогатите држави во светот.
Годината 2020 можеби го означи почетокот на крајот на добросостојбата од нафтата. Концернот BP во септември беше прв од гигантите во браншата, што прогласи дека завршила ерата на постојано зголемување на побарувачката на нафта и предвиде дека потрошувачката веројатно нема да се врати на нивото како пред почетокот на корона-кризата. Во октомври, Светската Банка исто така објави дека пандемијата може да има „трајни последици“ врз побарувачката.
Не е прашање дали светот ќе има нафта, туку е прашање кога светот ќе престане да бара нафта
Во браншата уште од 1950-те години се спомнува сценариото за таканаречениот „Peak Oil“ – моментот кога ќе се достигне глобалниот максимум на експлоатација на нафта и по кого што истата постојано ќе се намалува. Под овој поим, не се мисли на исцрпување на резервите или достигнување на максимумот во експлоатацијата на нафта, туку за момент кога светот ќе почне сé помалку да троши нафта.

Меѓународниот монетарен фонд уште во февруари, значи пред корона, предвиде дека овој момент ќе се достигне во 2040 година „или многу порано“. Фондот исклучи можност за „нагло или постојано зголемување“ на побарувачката на нафта.
Меѓу причините за сменетите прогнози се и строгите закони за заштита на климата и зголемувањето на даноците за CO2. Со Париската климатска конвенција од 2015 година се врши силен притисок врз државите да ги смалат набавките од нафта и согорувањето на истата. Пазарот на електрични автомобили во Европа расте прогресивно, меѓу другото и поради масивните субвенции. Но, САД и Кина остануваат далеку најголеми потрошувачи на нафта.
Расте списокот на аналитичари што го предвидуваат достигнувањето на врвот на побарувачката за нафта во следните 15 години. Меѓу нив се норвешниот нафтен концерн Equinor (2027/28 година), францускиот концерн Total (2030) и консултантите McKinsey (2033). Организацијата на држави извознички на нафта (Opec) ја наведува 2040 година.
Саудиска Арабија ја преориентира економијата
Земјите во Персискиот Залив, кои учествуваат со една петина во светската продукција на нафта, не планираат да чекаат до тој датум. Во случај на криза, нивната државна каса би можела да се испразни за 15 години, предупредуваат од Светскиот монетарен фонд. Кризата не е опасна за „голфските“ држави со малку население, како Кувајт, Катар или Обединетите Арапски Емирати. Многу повеќе проблеми ќе имаат Оман и Банреин со своите мали нафтени резерви, како и светските шампиони во извоз на нафта, акко Саудиска Арабија, каде што живеат 34 милиони лица.
Во Саудиска Арабија, каде што нафтата сочинува близу 70 проценти од приходите на државата, веќе се реализира интензивна трансформација на економијата. Голем дел од трансформацијата се одвива преку државниот фонд PIF, што поседува голем удел во Facebook, Disney, Boeing, но и во Bank of America и во финансискиот концерн Citigroup. Во исто време, градот Ријад ги развива градежништвото, логистиката и енергетиката. Милијарди долари се вложуваат во метанот, со цел да се создадат работни места за младите.
Руските приходи од нафтата се смалуваат
Русија, втор најголем извозник на нафта по Саудиска Арабија и светска моќ во природните ресурси со коишто располага, зависи околу 30% од петро-доларот. Но, државата почнува да се ослободува од бизнисот со нафта и гас, како што посочи и шефот во Кремљ, Владимир Путин. Нафтата сепак и натаму учествува со голем удел во приходите на руската држава.
Сегашниот буџет се раководи според цена на нафта од 42 долари по барел. Доколку оваа вредност се намали, соодветно ќе се намалат и приходите. Поради намалената побарувачка и смалувањето на експлоатацијата на нафта, земјата веќе изгуби милијарди долари. Тоа само дополнително ја продлабочи економската криза, што беше започната уште пред пандемијата. Меѓу јануари и септември, приходите од бизнисот со нафта и гас се смалиле за 35,9 проценти во споредба со истиот период лани.
Проблеми во Венецуела
Венецуела, една од државите со најголеми резерви од нафта, околу 95 проценти од своите девизи ги добива од извозот на нафта. Поради лошото владеење и острите санкции од САД, бизнисот со нафта речиси замре. Државата што беше движечка сила за формирањето на Opec и на арапските држави им помогна да ја задржат контролата врз нивното нафтено богатство. Денес Венецуела се соочува со рестрикции за струја, долги колони за бензин и масовни протести на населението. Во услови на „Peak Oil“, економијата на Венецуела исто така е во голема опасност од целосен колапс.