Panasonic со спектакуларен концептен автомобил на саемот во Лас Вегас

Автономната технологија е на пат да стане дел од возачкото секојдневие, но само малку производители на автомобили имаат покажано како ќе изгледа истото за возачот и за патниците. Panasonic разви концептен автомобил, кој најверно досега ни го доловува возењето во блиска иднина. Тоа не е без причина. Јапонскиот гигант е меѓу водечките добавувачи на автомобилската бранша со технологија од подрачјето на забавната електроника.

Ерата кога возачот ќе може да препушти компјутер да го управува возилото, сосем логично ги засега производителите на забавна електроника. Panasonic на саемот во Лас Вегас го прикажа својот прв концепт на автомобил, или поточно автомобилска кабина, преполна со нова генерација инфо-забавни уреди и можности за поврзување, на коишто возачот и патниците ќе можат да им се препуштат додека со возилото управува автономната технологија. Тоа што гигантот во светот на електрониката го прикажа на истиот саем лани, преку концептот Advanced Cockpit, сега доживува еволуција во концептот Autonomous Cabin.

Повеќето концептни автомобили на саемот користат технологија од Panasonic

Автомобилската бранша не е нова за Panasonic, кој воедно е лидер во снабдувањето на производителите на автомобили со клучни технологии од подрачјето на електрониката и тоа го прави веќе 60 години.

Panasonic Autonomous Cabin Concept

Сите четири седишта во кабината на Panasonic се снабдени со интерактивни таблети со екранска резолуција од 4К, коишто можат да се постават во најразлична положба, но најинтересно е кога сите четири таблети ќе се спојат заедно во еден вид „дигитална маса“ во средината на кабината. Секако дека во друштво не смее да недостигаат кафе или освежителни пијалоци – во „автономната кабина“ има и апарат за кафе и ладилник. Кога чаша ќе се постави врз дисплејот, неговата содржина автоматски се приспособува, односно се „преместува“. Врвот е отстранливиот кружен контролер, којшто се поставува врз дисплејот и може да се користи за контрола со најразлични функции, на пример, со климатизацијата или осветлувањето во кабината.

Само возачот идентификуван од камерите има контрола над сите функции

Камери ги скенираат лицата на патниците. На тој начин се идентификува и возачот, и само тој има целосна контрола над сите функции на возилото, меѓу другото и над одредиштето поставено на навигацијата.

Panasonic Autonomous Cabin Concept

Panasonic може да си дозволи и ексклузивност, од типот на „паметни материјали“. Тоа што во еден момент изгледа како дрвена површина, во друг момент може да се претвори во информациски дисплеј или во светлечка површина. Технологијата зад тоа се нарекува „film-in-molding“, односно еден вид смола со којашто се постигнува површината да изгледа и да се чувствува како вистинско дрво, метал или кожа. Со заднинското осветлување или со анимирањето на овие површини се постигнува и впечатлив визуелен ефект.

Прозорците се посредник на проширената реалност, односно дисплеи

Ниту тоа што изгледа како прозорец, не е прозорец, туку е површина на којашто се прикажува проширена реалност. Транспарентните дисплеи вградени во стаклата прикажуваат најразлични информации, меѓу другото временски прогнози или информации за знаменитостите покрај патот. Кога ќе се здогледа интересен објект покрај патот, доволно е да се допре прозорецот и на него да се прикажат информациите.

Климатизацијата е следната специјалност на Panasonic. За возењето да биде колку е можно покомфорно, кабината располага со пречистувач на воздухот со нанотехнологија, односно со електростатски водени наночестички, коишто ги отстрануваат непријатните миризби и спречуваат создавање алергени.

Некои технологии од концептниот автомобил се веќе присутни на пазарот

Покрај тоа, во секое седиште се вградени звучници, на коишто секој патник може да слуша различна содржина. Светскиот лидер во потиснувањето непријатни звуци од автомобилската кабина, користи технологија што веќе е достапна во сериското производство – Personal Sound Technology.

Автономното возење од корен го менува постоечкиот концепт на автомобилите и затоа ниту Panasonic не може да посочи кога приближно сета оваа технологија или барем дел од неа би пристигнала во автомобилите. Веќе на преодот во следната деценија, пазарот ќе има во понуда неколку модели со автономна технологија. Но, тоа повторно ќе бидат возила развиени според постоечката шема. Panasonic продолжува уште малку подалеку во иднината.

[FAG id=26930]

Претходна објаваHonda NeuV бара нов возач кога сопственикот ќе го паркира
Следна објаваЕлектричните автомобили ќе полнат батерии без потреба од кабел

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here