Педигрето на овој автомобил не можело да биде подобро. Сер Алек Исигонис го конструираше, Пининфарина го дизајнираше. Во 1960-те, Morris 1100 и многуте деривати беа најпродавани во Британија, но оставија печат и многу пошироко.
Сер Алек Исигонис несомнено се вбројува меѓу најголемите имиња во автомобилската историја. По галактичкиот успех на неговата најпозната креација Mini, Исигонис, тогаш уште без титулата Сер, беше поведен од идејата да конструира поголем автомобил, во кого што ќе може да вгради уште повеќе технички финеси, па и неколку иновации. Од оваа идеја произлезе ADO16, со кратенка што се однесува на Amalgamated Drawing Office. Исигонис имаше само едно ограничување. Тој мораше во неговото идно животно дел да го вгради моторот BMC-A, кој не беше особено познат по темпераментот или по динамиката.

За кабината да биде просторна, Исигонис го вгради моторот попречно, а менувачот под моторот, исто како кај Mini. Користењето заедничко масло за моторот и менувачот исто така беше еден од техничките потписи на славниот конструктор. Менувачот со четири степени, од кои само три синхронизирани, не се разликуваше од другите. Но, затоа, сопирачките беа иновативни за тоа време. Дисковите беа комбинирани со „пливачки“ влежиштени сопирачки клешти. Најголемата иновација сепак беше во подвозјето. Хидроластик е поимот што сигурно ќе им ги врати сеќавањата на сопствениците на Morris 1100.
Зошто сите англиски автомобили мора да имаат добро подвозје?
Англичаните не можат да се пофалат со добри патишта, особено не со добри регионални патишта, а тие воедно и доминираат во патната мрежа во островската земја. Покрај тоа што се тесни, обраснати и непрегледни, со многу дупки, патиштата се мошне кривулести. Тоа објаснува зошто англиските автомобили обично се тесни, но поседуваат и одлично подвозје.
Кон крајот на 1950-те години, Citroen DS беше апсолутен шампион во подвојзето, па не случајно уживаше голема популарност и во Англија. Алекс Маултон, на кого Исигонис му го довери развојот на подвозјето за ADO16, се инспирираше од DS, но уште повеќе од Citroen 2CV. Маултон конструираше релативно сложен систем, со гумени пружини и гумени вентили. Предното и задното тркало од секоја страна беа поврзани преку цевки, во систем исполнет со смеша од вода и алкохол.

Системот функционираше на тој начин што при потиснување на предното тркало од нерамнина на патот, создадениот ударен притисок во системот се пренесува кон задното тркало, а тоа резултира со подигнување на задната оска. Со тоа се избегна потскокнувањето при забрзување или сопирање како кај Mini, карактеристично за автомобилите со кусо меѓуоскино растојание, но и наведнувањето на каросеријата во свијоци како кај 2CV. Комфорот во возење на ADO16 беше значително подобар во споредба со конкуренцијата, особено на лошите англиски патишта.
Изненадувачки за англиски автомобил е одличната издржливост на Morris 1100
Многумина познавачи на историјата веднаш ќе се посомневаат во комбинацијата на автомобил со цевни водови и производство во Англија, но на големо изненадување, хидроластик навистина работеше совршено – додека не се расипе, а потоа немаше шанси да се поправи. Генерално, ADO16 се одликуваше со мошне квалитетна изработка и издржливост, во сите верзии во коишто автомобилот се произведуваше под одделните марки, како Morris 1100, MG 1100, Vanden Plas Princess 1100, Austin 1100, Wolseley 1100 и Riley Kestrel – и уште како Innocenti IM3 и MG 1100.

Автомобилот уживаше висока популарност и поради просторната кабина, во релативно компактна каросерија со должина од 3,73 метри, ширина од 1,53 метар и висина од 1,35 метар. За исклучителната просторност во кабината беше заслужно и меѓуоскиното растојание од 2,38 метри. Покрај тоа што во кабината имаше место за петмина патници, остана простор и за голем багажник. Стилот во внатрешноста е мошне едноставен и сведено е само на неопходното. Во кокпитот се расфрлани неколку прегради, воланот е поставен мошне косо, а страничното држење на седиштата е квалитет што во тоа уште беше непознат.
ADO сепак беше одлична семејна лимузина, дури и за подолги патувања, на што се надоврзуваше и неговата издржливост, исто како и комфорот во возење. Популарноста во странство никогаш не го достигна нивото како во Англија, со исклучок можеби на Шпанија, каде што се монтираа неколку варијанти на моделот, во фабриката во Памплона.
Првата генерација на ADO16 се произведуваше од 1962 до 1967 година, втората се произведуваше до 1971 година, со нов поголем мотор со работна зафатнина од 1.275 cm3. Историјата на моделот ја заокружи третата генерација, што остана во производство до 1974 година. Во Јужна Африка, ADO16 продолжи да се произведува дури до 1977 година, како Austin Apache. Вкупно се произведоа преку два милиона примероци.
















