Jaguar E-Type Lightweight: „Нов“ олдтајмер стар половина век

Ова може да се сфати како британски хумор, додека не се дознае цената. Jaguar сега ги изработе шесте примероци од E-Type што ги пропушти во 1963 година. Техниката е идентична како тогаш, годината на производство е 2015.

Само британски фанатици за мотоспорт можат да дојдат до таква идеја. Во 1963 година, Jaguar требаше да произведе 18 тркачки примероци од E-Type, како конкуренција за Ferrari GTO 250 на тркачките патеки. Но, се произведоа само дванаесет. Во фабриката немаше место ниту време за фабричките тркачи, затоа што мораше да се задоволи огромната побарувачка за стандардните модели на E-Type. Сега, сепак, се најде време. Jaguar Heritage, како дел од одделението за специјални задачи на концернот Jaguar Land Rover, реши да ги произведе преостанатите тркачки болиди со сериски број од 13 до 18.

900 специјалисти работат на историските модели на Jaguar

Самата локација на одделението Jaguar Heritage во самиот центар на седиштето на Jaguar во Браунс Лејн во Конвентри говори колкаво значење британската марка им придава на своите историски возила. Основната задача е реставрација на олдтајмерите. Но, по потреба може да се работи и на многу посложени проекти, како на пример да се изработи копија на кој било историски модел на марката. Heritage е еден од трите столбови на Special Vehicle Operations, кадешто 900 вработени, вклучувајќи 250 инженери и дизајнери, работат и на посебни нарачки за купувачите на актуелните модели, како и на специјален прибор за возилата.

Кев Ричис денес работи на истиот автомобил на чиј што развој на покрив работел неговиот татко во 1960-те години
Кев Ричис денес работи на истиот автомобил на чиј што развој на покрив работел неговиот татко во 1960-те години

Кев Ричис е човекот што тука е задолжен да ги изработи шесте примероци на E-Type Lightweicht, заедно со дванаесетте членови на тимот. Тој работи веќе 41 година во Jaguar, а неговиот татко бил одговорен за кострукцијата на покривот при развојот на E-Type. Планот е до крајот на годината да се заврши со изработката на последниот од шесте нови примероци од Lightweight. Дотогаш, неговиот тим ќе работи на повторно заживување на минатото, со користење најмодерна техника. Чест е да се работи на овие возила – секој еден примерок чини по еден милион фунти, односно по 1,4 милион евра. Прототип од мини-серијата беше прикажан лани на престижниот собир на олдтајмери во Пебл Бич.

Примената на модерна техника овозможува речиси секој детал на старо-новиот E-Type Lightweicht да биде изработен многу подобро отколку кај оригиналот во 1960-те години. Задните светла, на пример, изработени се од ново во самата работилница на британската марка. Секако дека и времето има улога. Во 1960-те години, вработените во производството сигурно немале по 12 недели време за изработка на само еден примерок од серијата, колку што сега му стои на располагање на тимот на Ричес.

Цената на примерок изнесува еден милион британски фунти – поевтино од оригиналите

E-Type Lightweight имаше куса тркачка кариера, пилотиран од најпознатите возачи во тоа време, а денес ужива највисок респект меѓу колекционерите и ентузијастите. Оригиналните примероци на пазарот на олдтајмери денес достигнуваат цени и по неколку милиони евра. Според тоа, новите шест примероци од моделот се неодолива понуда со цената од „само“ еден милион фунти. Секако дека и нивната вредност со текот на времето ќе расте, како за возила што се изработени рачно, со асистенција на модерна технологија и со посебно место во историјата.

За новите каросерии е скениран оригиналниот примерок со сериски број 12 од 1963 година
За новите каросерии е скениран оригиналниот примерок со сериски број 12 од 1963 година

Основата на Lightweight е алуминиумската каросерија, во замена за челичната кај оригиналниот E-Type. Тоа заштедува 114 килограми во тежината на возилото – Lightweight тежи точно 1.000 килограми. За да се изработат новите каросерии, Jaguar користеше технологија на скенирање на внатрешните и надворешните површини од оригиналните модели. Механичките својства на материјалите исто така одговараат со материјалите користени во 1963 година. Ако се гледа до детал, каросериската структура за новите примероци е преземена од последниот примерок со сериски број 12 од 1963 година, кој веќе имаше добиено неколку зајакнувања во критичните подрачја на каросеријата.

Во Lightweight се вградуваше оптимизираната верзија на познатиот шестцилиндрец од Jaguar XK. Овој мотор за првпат е користен во XK 120 во 1948 година и со брегастите вратила во глава, со погон преку синџир, како и со коморите за согорување во форма на полутопка во алуминиумската глава, тој дури и во 1963 година уште се сметаше како еден од најмодерните мотори во браншата. Моторот конкретно за Lightweight се базира на агрегатот од 3.868 cm3, со кого D-Type за првпат победи на 24 часа Леман во 1957 година.

Три двојни карбуратори со дифузор од 45 милиметри за моќност од 340 КС

Напојувањето со гориво кај новите примероци на E-Type Lightweight е задача на три двојни карбуратори Weber 45DCO3. Купувачите што се способни да доплатат можат да добијат и механичко впрскување од Lucas, користено во „нултиот“ примерок. Во карбураторската верзија, моторот постигнува над 340 КС, а вртежниот момент го достигнува максимумот од 380 њутнметри при 4.500 вртежи. Моќта се пренесува на задните тркала преку четиристепен менувач, во комбинација со механичка блокада на диференцијалот и со скусен преносен однос од 3,31.

340-те коњски сили на моторот се напојуваат преку три 45-ки со две грла
340-те коњски сили на моторот се напојуваат преку три 45-ки со две грла

Во подвозјето исто така нема промени. На предната оска се користат двојни попречни водилки, додека за водењето на задните тркала се грижат триаголни водилки, при шро погонските оски функционираат како горна попречна водилка. Амортизерите се во специјална изведба за трки, во комбинација со торзиски пружини напред, односно по две спирални пружини за задните тркала. Управувањето е исто како кај оригиналот, со запчеста летва и со волан во идентичен стил со оригиналот, во изведба од дрво и со педантно изведен амблем на основа од 24-каратно злато.

Од оригиналот се преземени и бандажите од магнезиум, со „перфориран“ дизајн и со ширина од седум инчи напред, односно осум инчи назад. На нив се навлечени тркачки гуми Dunlop со димензија 6.00 напред и 6.50 назад, во верзија со смеша CR65.

Завршната монтажа се одвива во подрачје што се наоѓа само неколку стотина метри од местото каде што во 1963 година се изработени првите 12 примероци. Изработката е задача на врвни специјалисти, коишто обично работат на екстремно комплексни прототипи на Jaguar Land Rover.

Претходна објаваMorris 1100: Кога двајца генијалци ќе направат автомобил
Следна објаваSuzuki Alto е најиздржлив градски автомобил според JD Power

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here