Британската мини-марка се послужила со трикови за лажирање на потрошувачката на гориво. Сега мајката BMW ќе мора да плаќа отштета. Во Европа тоа е незамисливо.
Трговците на Mini во САД деновиве примија неубава пошта од мајчиниот концерн BMW. На четири модели на Mini ќе мора да се залепат нови етикети, со коригирани вредности на потрошувачката на гориво. Американското министерство за екологија ги провери старите податоци и утврди дека истите се прениски. Во најекстремните случаи, пријавената потрошувачка била и до 0,7 литар пониска од реалната. Истото претходно се случи и со Mercedes, Ford и Hyundai/Kia.
Најскапо минаа корејските марки, откако мораа да платат по 700 долари отштета на секој продаден модел кај когошто американските еколози утврдиле несогласување. На крајот, корејскиот концерн Hyundai плати вкупно 362 милиони долари, настрана од „зацрнувањето“ на имиџот од државната институција. Колкава штета ќе мора да плати BMW ќе се знае наскоро.
Вакви чекори се незамисливи во Европа. Податоците за потрошувачката што ги наведуваат производителите никогаш не се проверуваат официјално. Доколку и се случи некоја инцидентна проверка, јавноста никогаш не дознава за тоа. Тоа што ги нервира возачите, ги штити производителите. Официјалната норма NEDC има премногу пропусти и нејзините вредности се далеку од реалноста. При мерењето, производителите ги облепуваат зјаевите на каросеријата – заради намалување на отпорот на воздух – го откачуваат алтернаторот, користат загреан мотор или екстремно го зголемуваат притисокот во гумите. Во просек, вредностите според NEDC се и до 40 проценти над реалноста.
Колку им се замачкуваат очите на нашите возачи се покажува најдобро при споредбата на вредностите според европската и американската норма. Mini Cooper S во САД троши 8,4 литри на сто километри, додека во Европа троши само 5,8 литри. Разликата произлегува оттаму што државните институции во САД ја проверуваат потрошувачката на гориво во реалност и по пореба ги коригираат вредностите што ги наведува производителот. Реалните вредности во просек се разликуваат за 23 проценти над декларираните.
Покрај тоа, еколозите во САД вршат поголем притисок врз производителите, за декларираните вредности да бидат колку е можно поблиски до реалноста. Во Европа можеме само да сонуваме за таква стриктна политика. Дури во 2017 година ќе почне да се применува новиот циклус според нормата WLTP со глобална важност. За деталите моментно се водат жешки дискусии во Брисел.
















