Според шефот на агенцијата за инвестиции Спиридонов, преговорите за почеток на производство на автомобили од марката Mercedes во Русија се во напредна фаза.
Првиот човек на руската агенција за инвестиции Спиридонов, изјави за агенцијата „Итартас“ дека преговорите за отворање на фабрика на Mercedes во Русија се веќе напреднати до фазата на избор на локација за фабриката. Во потесен избор се Ст. Петерсбург, Казан и Свердловск. Високиот државен функционер изјави дека преговорите меѓу партнерите се одвиваат секојдневно во Ст. Петерсбург.
Подолго време постојат гласини дека и Mercedes планира да изгради фабрика за автомобили во Русија. Германскиот производител има голем ангажман во земјата. Mercedes поседува 15 проценти од акциите во рускиот производител на камиони Kamaz, а покрај тоа има и заедничка инвестиција со GAZ, за производство на Sprinter. Русија е важен пазар за германската марка. Во првите два месеца од годинава, Mercedes беше меѓу малкуте што забележаа позитива, со зголемување на продажбата за 16 проценти, додека целиот руски пазар на автомобили е во пад за 32,1 проценти.
Од Штутгарт уште не ја потврдуваат изградбата на фабрика за автомобили. Но, според експертските процени, висок руски функционер од рангот на Спиридонов, без одобрение од Daimler не би излегол во јавноста со соопштение толку важна индустриско политичка тема.
















