Првпат електрично доставно возило од азиски производител и првпат од јужнокорејска марка победува во изборот за најдобар ван во светот. Тоа ѝ успеа на Киа ПВ5, модел што е осмислен да понуди врвна приспособливост на каросериската изведба според намената, покрај ниските трошоци што привлекуваат сé повеќе фирми да се решат за погон на струја.
Специјализираните новинари во изборот за ван на годината посебно ги ценеа иновативната технологија, ниските работни трошоци, безбедноста и секако заштитата на животната средина кај електричната Киа ПВ5.
Наградата за Киа за нејзиниот прв електричен ван беше доделена на свеченост што посебно за таа цел беше одржана во Лион, Франција, за време на Солутранс.
Изборот на Светски ван на годината се одржува од 1992 година и важи како еден од најценетите награди во светски рамки за доставни возила. Гласовите се одредуваат според тоа колку одредениот модел придонесува да се подобри продуктивноста во работењето и да се унапреди секторот на доставните возила. Се земаат предвид иновативните технологии, штедливоста, безбедноста и влијанието врз животната средина.
Киа ПВ5 победи над шест конкуренти, меѓу нив уште еден новодојденец, Фаризон СВ од Кина, кој се најде на второ место, додека третото место му припадна на Форд Е-Транзит Куриер. Во финалето се најдоа уште Фолксваген Транспортер, новиот Крафтер, МАН ТГЕ, Форд Транзит Конект ПХЕВ и Форд фејслифтот на Е-Транзит.
Со освојувањето на титулата за најдобар ван, Киа воедно се докажува и како производител на електрични возила воопшто, затоа што и патничките електрични модели ЕВ6 и ЕВ9 исто така понесоа титули на светски шампиони во претходните избори за светски автомобил на годината.
Извршниот директор на корпорацијата Киа, Хо Сунг Сонг, го коментира успехот: „Киа долго време го предводеше фронтот на иновациите во ЕВ, а ПВ5 со цел го пренесува тоа предводништво во светот на комерцијалните возила.“ Првиот човек на Киа понатаму посочи дека при конструирањето на возилото биле земени предвид предлозите и забелешките на самите кориници на доставни возила. „Посебна чест е ПВ5 да биде прогласен за Светски ван на годината, при своето деби. Тоа го јакне нашето убедување дека Киа може да го смени овој сегмент и да продолжи да ја обликува иднината на паметна, одржлива и елеткрична мобилност за бизнисите ширум светот,“ заклучува Сонг.
Електричен ван што добро си ја завршува работата
Најсилната страна на Киа ПВ5 е таа што не се гледа, во платформата. Наречена ПБВ, односно Платформ Бијонд Виакл, таа е изведена од самата платформа Е-ГМП што се користи за сите електрични модели на Киа, од ЕВ3 до ЕВ9. Досегот изнесува до 416 километри за долгата товарна изведба и 412 километри за патничкото комбе со 5 седишта.
Платформата овозможува батеријата да се наполни од 10 до 80 проценти за околу 30 минути. Носивоста е до 790 килограми. ПВ5 веќе се впиша и во Гинисовата книга на рекорди, за што веќе беше јавено во Аутомедиа.
Платформата е изведена на тој начин што во фабрика може да се излезе во пресрет на најразлични барања на одделни бизниси, за возилото да се приспособи според намената. Посебно се изработуваат и модули, за отпосле да се смени намената.
Во денешниот свет на дигитализација, секако дека возилото користи вештачка интелигенција во корист на продуктивноста и разновидни можности за онлајн-услуги.
Електричнотo комбе на Киа почнува од 33.000 евра во Германија
Киа ја нуди ПВ5 со три големини на батерија, и цена соодветно на тоа: 44,3 кВч, 51,5 кВч и 71,2 кВч. Други предности се ниските трошоци при замена на оштетен дел, нискиот под во кабината, рамниот товарен под и предвидените точки за прицврстување.
Електричниот ван во моментов е достапен во Европа во долга товарна и патничка 5-седна изведба, за в година да следат изведба со чиста платформа, куса товарна изведба и долга товарна изведба со повишен покрив. За в иднина се планирани и поголеми модели, ПВ7 и ПВ9.















