
Киа ги објави техничките детали, опременоста и цените на ПВ5 Карго, електричен доставен модел што е осмислен со цел да го направи погонот на струја подостапен во професионалниот транспорт. Од македонската Киа го потврдија пристигањето на новиот модел, што ќе се нуди во товарна и патничка изведба, кон завршетокот на годината.
Целата суштина на новиот електричен транспортер на Киа е платформата ПБВ (Платформ Бијонд Виакл), со смалени трошоци за производство, а со тоа и подостапна цена. Киа ќе се грижи за секое подрачје околу електричното возило, од поставување полнач и набавка на софтвер, до целосно опслужување на возен парк на компанија како клиент.
Освен во товарна изведба Карго, ПВ5 е достапен и како патничко возило. Киа во Германија во моментов гради посебна мрежа што ќе се грижи за ПБВ-возилата, со план годинава да се организираат 100 локации.
Товарниот ПВ5 Карго е достапен во три каросериски изведби. Во моментов е достапна само долгата изведба со нормален покрив (Л2Х1), што ќе стартува со испорака во средината на ноември. Следна е куса изведба (Л1Х1), а по неа и долга изведба со повишен покрив (Л2Х2).
Изведбата Л2Х1 располага со товарен простор од 4,4 метри кубни. Купувачите можат да изберат меѓу батерија од 51,5 или 71,2 кВч. Ценовникот во Германија почнува од 39.190 евра, односно 32.932,77 евра без ДДВ. За изведбата со поголема батерија, цената е 36.810,92 евра без ДДВ, што е разлика од близу 3.900 евра.

Гаранцијата за возилото е стандардната, 7 години или 150.000 км, односно 8 години или 160.000 километри за батеријата
Платформата Е-ГМП.С за товарните возила се базира врз платформата Е-ГМП за патничките електрични модели на Киа (ЕВ6, ЕВ9, ЕВ3), но е приспособена за транспортната бранша.
Производителот вели дека тоа е скејтборд-концепт, што значи дека има целосна слобода врз платформата да постави каква било каросериска форма. Се користат и стандардизирани електромотори и батерии за целата гама, што на Киа ќе ѝ овозможи да изгради најразлична понуда од товарни возила за секоја примена. ПБВ возилата се произведуваат во посебна фабрика во Киа Аутоленд, во корејскиот Хвасон.
Димензиите на Киа ПВ5 Карго Л2Х1
- Должина 4.695 мм
- Ширина 1.895 мм
- Висина 1.923 мм
- Товарен простор (2.255/1.565/1.520 мм)
- Носивост 790 кг
- Висина на товарен раб назад 419 мм, странично 399 мм
- Круг на вртење 11,0 м
Во товарниот простор се наоѓа приклучок за 220 волти, со моќност од 3,6 кВ, што овозможува независност од надворешни извори на струја.
Во стандардната опрема спаѓаат задна камера и сензори напред и назад. Во повисоките нивоа следат и странични сензори и камера во 360 степени. Стандард се и средишен дисплеј од 12,8 инчи, со навигација и инфо-забавен систем. Новитет е тоа што се користи оперативен систем Андроид Аутомотив.

Стандардна опременост како лимузина од средна класа
Други ставки во опременоста на секоја Киа ПВ5: Диодни светла, пристап без клуч, дигитални инструменти од 7,5 инчи, блутут, поврзување со телефон, прекинувачи на волан со рачки за местење на рекуперацијата, висинско местење на седишта, автоматски клима уред, догревач на кабина, електрична паркирна сопирачка, сензор за светла и за дожд, електрика на прозорци и ретровизори.
Со батерија од 71,2 кВч, транспортерот со преден погон вози до 397 км досег. Моќноста е 163 КС, крајната брзина е 135 км/ч. Помалата батерија: 291 км, 122 КС, 135 км/ч. Подоцна ќе следи и уште подостапна изведба, со батерија од 43,3 кВч.
Меѓу предностите на платформата спаѓа и брзото полнење. При соодветно моќен АЦ-полнач, батеријата се полни од 10 до 80 проценти за 30 минути.
Во план е изведба со чиста шасија, како и неколку патнички варијанти, меѓу кои петосед (2-3-0) со голем багажник и седумсед (2-2-3). За Германија секако е неизбежна такси изведба.
ПВ5 е еден од бројните новитети што се очекуваат годинава да пристигнат на македонскиот пазар, со најважната премиера меѓу нив, новата генерација на Киа К4, како наследничка на Сид.















