Киа имаше „нос“ да го погоди вистинскиот електричен автомобил за европскиот пазар, откако го пушти ЕВ3, еден од најпродаваните модели на пазарот на БЕВ. Тоа може да се повтори и во светот на доставните возила на струја. ПВ5 користи посебна платформа што овозможува бројни надградби, со достапни цени, а одговара и погонот.
ПВ5 е првиот модел на доставно возило што е конструиран врз новата платформа ПБВ на Киа. Уште пред да почнат масовните испораки на моделот на европскиот пазар, ПВ5 се здоби со наслов на светски рекордер.
Гинис ѝ призна на Киа ЕВ3 рекорд за „ најдолго растојание поминато со лесен батериски електричен ван со максимална натовареност со едно полнење“ во должина од 693,38 километри.
Возилото е ПВ5 во изведбата Карго со поголемата батерија, од 71,2 кВч, коешто беше натоварено 665 килограми. Возењето беше следено на 30-ти септември 2025 година, на јавни патишта на северот од Франкфурт, Германија.
Хо Сунг Сонг, претседател и извршен директор на корпорацијата Киа, кажа дека „ова впечатливо достигнување докажува оти нашата Платформа Над Возило (платформ бијонд виакл), не само што е иновативна, туку е практична и ефикасна во реални услови.“
Рекордерското возење се одвиваше во услови што се блиски до секојдневието
Рутата за потфатот беше избрана со цел да се вклучат вистински услови на користење на доставно возило во секојдневната примена. Се возеше по кружна рута во должина од 58,2 километри, со градско возење и на автопат, со запирање на семафор, крстосници, кружни текови. Висинската разлика изнесуваше 370 метри. Комбето на Киа извозе 12 кругови, за време од 22 часови и 30 минути – ако тоа се чини предолго, 12 пати се возеше низ град.
Веродостојноста на рекордот се потврдува и со името на еден од возачите што учествуваше во потфатот. Тоа е Британецот Џорџ Бароу, специјализиран новинар и воедно член во изборот на Светски ван на годината.
Киа подготвува цело семејство модели врз платформата ПБВ
Целата замисла со ПБВ е да се овозможи изведување најразлични каросериски надградби, зависно од потребата на клиентите. ПВ5 ќе биде достапна и во товарна и во патничка изведба, како „гола“ платформа и како возило што е пристапно со инвалидска количка.
ПВ5 Карго нуди товарна зафатнина до 4,4 метри кубни и носивост до 790 килограми. Може да се избира меѓу три батерии, од 51,5 кВч, 71,2 кВч, а наскоро и 43,3 кВч. Секако помала батерија значи и подостапна цена.
















