Порше го пушти електричниот Кајен тивко, но има големи очекувања

Иако електричните автомобили наидуваат на слаба побарувачка меѓу купувачите на луксузни возила, Порше има голем очекувања од електричниот Кајен.

Место светска премиера на голема бина и под силни рефлектори, новиот модел на Порше се појави првпат пред светот преку онлајн-презентација. Мора да се внимава на трошоците, иако се работи за еден од најважните новитети на Порше.

Порше преку ноќ се најде во криза. Нов модел може работите да ги смени од корен. Не се работи за кој било модел, туку за електрична изведба од најпродаваната моделска серија на Порше, за СУВ-моделот од виша класа Кајен.

Поради сложената финансиска ситуација, но и поради тоа што повеќето подробности околу техниката се познати однапред, Порше реши дека онлајн-презентација на новиот Кајен ќе биде доволна. Првото појавување пред поголема публика, електричниот Кајен ќе го доживее на 22-ти ноември, на Фестивалот на Иконите на Порше во Дубаи.

Исто како што беше случај со електричнот Макан, намерата на Порше е електричните модели да ги донесе на исто рамниште во поглед на уживањето во возење и практичноста со моделите со мотор со внатрешно согорување.

Повеќе не се прават компромиси

Возачите на Порше, како што се покажа со првиот електричен модел Тајкан, не се решаваат толку лесно да преминат на електричен погон, како што тоа се случува со останатите марки. Покрај тоа, електричните модели повеќе губат од вредноста кога ќе излезат на пазар на користени, што исто така е од решавачко влијание кога треба да се вложат шестцифрени суми. Поради тоа, повеќе не смее да има ограничувања во поглед на досегот или времетраењето на полнењето.

Е-Кајен донесува вчудоневидувачки вредности за моќноста. Турбо-изведбата, на пример, располага со преку 1.000 КС и спринтот до темпо сто го совладува за помалку од три секунди.

Крајната брзина е 250 километри на час. Покрај тоа, Кајен може да влече приколка тешка преку три тони, што на друг електричен автомобил нема да му успее.

Можност за индуктивно полнење

Во Е-Кајен е вградена батерија НМЦ со капацитет од 113 кВч, со којашто се постигнува досег од преку 600 километри според ВЛТП.

Благодарение на 800-волтната мрежа и способноста да црпи струја од полнач со моќност до 400 киловати, батеријата се полни од 10 до 80% за помалку од 15 минути. Тоа е уште една рекордна вредност во браншата. Со доплата може да се добие можност за индуктивно полнење. Поставувањето посебна плоча на под и вградувањето соодветен уред во возилото, чини околу 7.000 евра.

За да се постигнат врвна енергетска густина и брзина на полнење, Порше користи литиум-јон батерија со заменливи модули и 192 големи „џеб“ ќелии. Батеријата е со „интегрирани функции“, што значи дека е носечки дел од самата каросерија и освен што акумулира енергија, придонесува и за крутоста на каросериската структура.

Близу пет метри во должина

Порше првпат самостојно ги произведува модулите, во некогашната фабрика на словачки производител на алати во Хорна Стреда, што Порше го има преземено уште пред неколку години.

Надворешноста и натаму не укажува дека се работи за електричен модел. Носот е целосно ист со моделите со бензински мотор, меѓутоа под хаубата се наоѓа багажен простор од 90 литри. Впечатокот е дека електричниот модел е малку подолг и понизок, што ѝ годи на аеродинамичноста.

Опашот е пресечен остро. Новина се прекинатите заедни светла со точкеста графика, место непрекинати линии по цела ширина. Со близу пет метри во должина, Кајен располага со доволно простор да им угоди и на кинеските купувачи.

Во Кајен Електрик се наоѓа најголемиот дисплеј што досега го има вградено Порше.

Свиен средишен дисплеј

Целосно е сменет кокпитот со свиен дисплеј во делот над средишната конзола, за ракување со сите функции од едно место.

Преку т.н. модус за расположение, може да се нагодат светилките, климата, звукот и функциите на седиштето, за да се постигне различна атмосфера. Најголемиот стаклен покрив вграден во модел на Порше го нагласува чувството како да се седи во луксузен салон.

Кајен уште од својот старт во 2003 година, заедно со помалиот СУВ Макан, што се појави подоцна, е најпродавана моделска серија на Порше. Во првите девет месеци од 2025 година се продадени 60.656 примероци. Секој четврти купувач на Порше се решава за Кајен.

Купувачите имаат избор

Додека на купувачите на Макан не им останува друг избор и имаат на располагање само електричен погон, со исклучок на неколку пазари, бензинските модели на Кајен од третата генерација ќе останат во продажба уште извесно време. Се планира нова генерација, а понатаму и изведба со седум седишта.

Порше се надева дека со електричниот Кајен конечно ќе фати чекор во Кина, како најважен пазар на електрични автомобили, каде што Тајкан мора да им препушти предимство на домашните производители. Како семеен СУВ, моделот има добри изгледи да успее.

Проблем може да биде единствено тоа што Кина го спушти ценовниот праг, над којшто автомобилите подлежат на акциза, што ги поскапува. Други важни пазари секако се Европа и САД.

Цени од 100.000 евра угоре

Кајен ќе се нуди во повеќе изведби, вклучувајќи основен модел, Кајен С и врвен модел Турбо С. Сите варијанти поседуваат батерија од 113 кВч. Основниот модел располага со 400 КС.

Цената на основниот модел е споредлива со бензинскиот модел, што во моментов исто така стартува од околу 100.000 евра.

Претходна објаваГермански ТУВ четврта година утврдува зголемен број дефекти кај возилата
Следна објаваЕлектричната Киа ПВ5 победи во изборот за Светски Ван на 2026 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here