за

Од ајншприц до штуцна: Германски зборови во автомобилскиот жаргон

германски зборови во автомобилскиот жаргон
германски зборови во автомобилскиот жаргон

Кога зборуваат двајца познавачи на автомобили, а во најдобар случај и ентузијасти што умеат сами да извршат поправка, некој отстрана може да помисли дека тие зборуваат на некој странски јазик. Заклучокот воопшто не е погрешен, затоа што можеби половината зборови во автомобилскиот жаргон имаат германско потекло. Аутомедиа малку истражуваше, треба да биде забавно.

Што има тука нејасно? Алансерот убаво врти, но изгледа дека има некој фелер во ајншприцот. Деклата не ми дихтува најдобро, а има и голем шпил на зицевите. Инаку шал-таблата е како нова, ама некој го изгребал штофот со шрафцигер. Шофершајбната ми изгледа како да не е менувана.

Автомобилистите точно знаат за што станува збор, иако е очигледно дека многу од зборовите не се македонски. Во жаргонот на љубителите на автомобилите и на тие што овозможуваат нивниот ентузијазам да се одржува во возна состојба, на мајсторите, постојат многу зборови кои потекнуваат од германскиот јазик. Нашата редакција направи кусо истражување. Во продолжение се некои германизми што се користат најчесто и нивното објаснување. Мајстор, инаку, исто така е германски збор, кој доаѓа од мајстер, односно од некој што е вешт, што користи вештина да изведе одредена работа, било тоа да е поправка или изработка на вреден предмет.

Нашиот избор на германски зборови во автомобилскиот жаргон

Ајншприц

Класика во автомобилскиот жаргон, впрскување, обично се однесува на впрскување гориво

Анкер

Вид на држач

Алансер (анласер)

Уште еден чест збор, најчесто се изговара алансер, што е погрешно; Стартер

Аншлаг

Гранична положба, обично воланот „се врти до аншлаг“ или „уште колку има до аншлаг“; Некогаш се меша со ајншлаг, со аголот на завртување на предните тркала („мерцедес има голем ајншлаг“)

Ауспух

Правилно е ауспуф, издув

Блендање, блиндирање

Кога предупредуваш со пуштање долго светло, доаѓа од бленден (потсеќа и на бленда?)

Блинкер

Поретко се среќава како трепкач; и рибарите користат блинкер

Болцна

Од болцен, клин

Бормашина

Ако веќе има потреба од превод: Дупчалка

Гепек

Багажник

Гитер

Решетка

Грунд

Основа, обично основна боја

Гус

Лив, блоковите порано беа од сив лив

Декла

Капак, обично капак на глава на мотор

Дефект

Тоа што не треба да се случи

Дизна

Млазница

Дихтунг, дихтува

Заптивка, заптивање

Дозна

Се користи за приклучна кутија

Дребонг

Оригинално се изговара дребанк, по нашки струг. Што работи дреарот?

Друк-реглер

Регулатор на притисок, совршено јасно

Друк-федер

Пружина што се користи за регулација на притисок, пак е совршено јасно

Друкање

Обично кога се менува глицерин во сопирачки или треба да се „надрука“ гориво; Во основа, создавање притисок

Зиц

Седиште, и тоа седиште на вентил

Кајла

Клин

Кант

Кант трака, „на кант“, односно рабна површина

Клапна

Клапната не треба „да клапне“, туку треба соодветно да го отвори или затвори протокот

Кугел лагер

Ретко, само специјалисти, топчесто лежиште

Кугла

Топка

Кулер

Ладилник

Кумплунг

Тоа што германистите ги иритира исто како Дизелдорф (а правилно е Диселдорф); Куплунг, без тоа „м“, или најубаво спојка

Курбла

Освен како збор, практично не постои; Порано за рачно стартување на моторот

Курцшлус

И тоа не треба да се случи, краток спој

Лагер

Кој уште нема да разбере; Лежиште и целата наука за тоа; Исто и друк-лагер, во спојка (друк-лагерот добар ли е?)

Лајсна

Тоа јазичарите нека преведат

Ламела

Ламела е ламела

Лампа

Светилка

Лер

Празен óд, „стави го менувачот во лер“

Луфтмесер

Тоа што може да наруши работа на цел систем, оригинално луфтменгенмесер или мерач на количина на воздух

Манжетна

Тоа што се проверува дали е неоштетено на технички преглед

Мутер

Најкултурно навртка, но не и завртка

Папир

Хартија, исто така културно

Плех

Доаѓа од блех и во основа се однесува на истото на што и плех во плех-оркестар; Ламарина, во најдобар случај не’рѓосана

Радапцигер

Чудо е како се задржал во оригиналната форма; Алат за отстранување на главата на тркалото

Рајбер

За рајбување, триење

Рамка, рам

Рамка, рам

Реглер

Германците кои обично прават долги кованици, тука се рационални: Регулатор

Ремен

Кога не е каиш

Рикверц

Подобро да не се преведува: Наназад

Ринг

Прстен

Ролна

Намотка

Саух

Оригинално се изговара зауг и значи „да повлече“; Задолжителна процедура при стартувањето на незагреан стар мотор со обичен карбуратор

Семеринг

Зименринг, прстен што заптива

Танк

Резервоар

Трегер

Носач, може да носи и пантолони

Уберлауф

Уште еден специјалистички збор, кога нешто се пренасочува под одреден услов

Федер

Пружина

Фелер

Кога ќе се „погреши“ при изговарање федер, тогаш се прави фелер, односно грешка

Фелни

Одомаќено регионално, но многу извртено: Германски е фелген; Тоа се старите добри бандажи

Филер

Кит, за исполнување

Фланша

Неверојатно, но на македонски звучи толку добро и разбирливо: Прирабница

Фуга

Зјај, но и тесен процеп што се остава намерно; Германисти, ало?

Халтер

Изгледа поубаво кога е на женска нога, инаку е држач

Хауба

Ако не е капак, тогаш е хауба

Хебла

Најпопуларно орудие што се најавува за користење кога треба да се брани чест

Хилзна

Чаура, но и многу важна кошулка

Цвик цангла

Клешта за „цвикнување“ кабел, односно за кинење

Цуг

Има добар цуг, повлекува добро

Шајбна

Класика во мајсторското секојдневие; Подлошка, колку тоа убаво звучи

Шал табла

Уште една кованица што се одомаќила со погрешен изговор; Оригинално шалт-тафел, односно командна табла; Ние користиме арматурна табла

Шалтер

Прекинувач, но и отвор за комуникација

Швајцување

Заварување

Шелна

Стега

Шема

Тоа

Шибер

Лизгач

Шлагвентил

Ударен вентил

Шлајфува

Кога нешто не треба да лизга, но и кога се шлајфува, односно се гребе, зашто така треба

Шлепер

Влекач

Шлиц

Отвор

Шмирглање

Брусење, брусна хартија

Шофершајбна

Најнесоодветниот збор што престанал да се користи веројатно во 1900-та; На македонски е ветробран

Шпакла

Лопатка

Шпанер

Затегнувач

Шпер-вентил

Затворачки вентил, го има и дома

Шпил

Може да биде шпил карти, може да биде и зјај, но преголем; „Има голем шпил“ значи дека треба да се купи нов дел

Шпиц

Врв, остар завршеток

Шприца

Прска

Шраф, штраф

Чудно е како овој збор се провлекува и низ официјални преводи: Навртка, некој умен смислил убав збор

Штекер

Приклучок

Штелување

Местење, дотерување

Штендер

Потпирач, за нешто да стои кога ќе се остави „на штендер“

Штопови

Стоп-светла

Штоф

Материјал, платно

Шрафцигер

Една од најзвучните кованици во техничкиот жаргон, доаѓа од шраубенциер, но бидејќи е потешко да изговарање и помнење – штрафцигер или шрафцигер. Најубаво на македонски, одвртка!

Штуцна

Уште еден вид потпирач, но со подолготрајна функција

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Polestar 1 Volvo proizvodstvo start

Polestar 1 започнува со производство во новата фабрика во Кина

toyota corolla modelska gama

Toyota и Suzuki во моќна алијанса, ќе биде бурно