за

Како европските шампиони ја поттикнуваат продажбата на електрични автомобили

Овие пет држави имаат најголем удел на батериски електрични автомобили во вкупниот возен парк. Тоа секако се должи на правилната политика со којашто цената на електричните автомобили се приближува до цената на оние со обичен мотор.

Според бројната состојба на крајот на јули годинава, во 27-те држави на ЕУ се регистрирани вкупно 270 милиони патнички автомобили, од коишто 13,7 милиони користат алтернативно гориво, односно алтернативен погон. Уделот на возилата со батериски електричен погон, со приклучен хибриден погон, водороден погон, автомобили што користат автогас, метан, течен метан, изнесува 4,96 проценти во вкупниот возен парк.

Доколку се издвојат само батериските електрични автомобили, со вкупно 2.384.593 регистрирани возила, нивниот удел се сведува на само 0,88 процент. Тоа значи дека на секои 100 возила по европските патишта, одвај еден автомобил е чисто електричен. Уделот уште е незначителен, меѓутоа тој расте од година в година. Некои европски земји сепак напредуваат подобро на патот на електромобилноста.

Батериските електрични возила постигнуваат највисоко учество во вкупниот возен парк во Холандија. Таму 2,84 проценти од автомобилите веќе се чисто електрични. Приклучните хибриди не се опфатени во овој удел. Веднаш по Холандија следи Шведска, со 2,54 проценти, а Топ 5 земји со најголем удел на батериски електрични автомобили го комплетираат Луксембург, Данска и Австрија. Шестото и седмото место им припаѓаат на многу поголемите пазари, францускиот и германскиот (моментно се регистрирани 746.254 батериски електрични автомобили во земјата), меѓутоа заради прегледност, ќе се посветиме на Топ 5 електро-земјите.

Што преземаат Топ 5 државите во ЕУ, за батериските електрични автомобили да постигнат повисок удел во возниот парк, отколку во останатите држави во Унијата?

Холандија

Во Холандија, моментно има регистрирано 271.665 батериски електрични автомобили. Тоа се 2,84 проценти од сите автомобили во земјата. Колку е висок уделот, сведочи податокот дека сите возила со алтернативен погон заедно, постигнуваат удел од 5,58 проценти. Од јули 2020 година, Холандија одобрува помош во висина од 4.000 евра за нови патнички автомобили со батериски електричен погон. Возилата треба да чинат до 45.000 евра и да имаат досег од најмалку 120 километри.

Покрај субвенцијата при купување, електричните автомобили се ослободени од плаќање данок при регистрација, којшто за останатите возила се одредува според емисијата на СО2, според прогресивен систем. При регистрацијата не се одвојува и давачката за фонд за патишта. За службени возила постојат дополнителни поволности.

Земјата моментно располага со 4.924 бавни полначи (<7,4 kW), 90.323 полначи со моќност меѓу 7,4 и 22 kW, како и 1.797 полначи со моќност над 22 kW. На тоа следат уште 180 полначи (со еднонасочна струја) со моќност до 50 kW, 1.122 полначи со моќност меѓу 50 и 150 kW, потоа 1.662 полначи со >150 kW и 84 полначи со повеќе од 350 kW.

Шведска

Од вкупно 5,7 милиони патнички автомобили во скандинавската земја, во којашто живеат голем број македонски иселеници, близу 145 илјади автомобили се чисто електрични. Како резултат од досегашните политики на субвенционирање на возилата со нулта и ниска емисија на СО2, во Шведска моментно има близу 230.000 автомобили со приклучен хибриден погон. Состојбите во меѓувреме се сменети драстично и чисто електричните автомобили годинава учествуваат во продажбата на електрични возила со 53%, наспроти 47% на приклучните хибриди.

Од 1-ви јули 2018 година, Шведска одобрува 60.000 круни субвенција за возила со емисија на СО2 до 60 грами. Според сегашниот курс, тоа се околу 5.650 евра. Од 1-ви април, субвенцијата се зголеми на 70.000 круни, што одговара на околу 6.600 евра. Електричните возила се ослободени од годишен данок што се одредува според тежината и емисијата на СО2. Просечниот износ на данокот изнесува 170 евра. Во исто време, голем број општини воведуваат еко зони, во неколку чекори, во коишто се ограничува пристапот само за возила со нулта емисијата на штетни материи.

Луксембург

Повеќе од 10.000 батериски електрични автомобили се регистрирани во богатата држава, којашто соодветно на тоа располага и со еден од најлуксузните возни паркови. До јули, во Луксембург биле регистрирани 2.885 нови батериски електрични автомобили, наспроти 1.794 приклучни хибриди.

Субвенциите за електрични автомоболи се меѓу највисоките во ЕУ. За возила на батерија со помалку од 7 седишта, со потрошувачка под 18 kWh/100 km, државата покрива 8.000 евра. Доколку се надмине тој лимит, тогаш следи 5.000 евра субвенција. Годишен данок на возило исто така не се плаќа.

Данска

Данска има регистрирано околу 65.000 батериски електрични автомобили. Најзастапен модел е Volkswagen ID.4, со 2.669 примероци. Во Данска, земја во којашто автомобилите се оптоварени со највисоки давачки, по јули 2020 година повеќе не се одобрува субвенција. Постојат низа други поволности, како намален износ за данок на возило. Сопствениците се ослободени од плаќање за паркинг во висина до 5.000 круни, односно 670 евра на годишно ниво. Данска применува сложен систем за оданочување на возилата, меѓутоа во основа нема масивни субвенции како што е случај во повеќето останати држави во ЕУ.

Австрија

Алпската држава забрзано се приближува кон првите 100.000 регистрирани батериски електрични автомобили. Тоа секако дека не е случајност. За автомобили со емисија на СО2 под 141 грами на километар, според WLTP, не се плаќа ниту ДДВ, ниту данок на возило. Чисто електричните возила се ослободени од какви било даноци, со исклучок на ДДВ на осигурување.

Висината на субвенцијата изнесува 5.000 евра, за возила до 50.000 евра (со ДДВ) и досег над 50 километри. Повеќе градови ги ослободуваат електричните возила од плаќање паркинг. Поставување домашен полнач за приватни лица се субвенционира со 600 евра, односно со 1.800 евра, доколку се работи за станбена зграда.

А, во Македонија?

Во Македонија за батериските електрични автомобили во моментов постои само ослободување од плаќање на данокот на возило, што не е друго освен преименувана акциза. Тој износ може да достигне меѓиу 3 и 4 илјади евра, меѓутоа не станува збор за субвенција, којашто до купувачите ќе ја приближи цената на електричните автомобили, туку се работи единствено за откажување на државата од плаќање на данок на луксуз.

За пример, за нов автомобил со дизел мотор, од ЕУ, со царинска основица 25.000 евра, со емисија на СО2 од 120 грами на километар. според законите од 1-ви јануари 2020 година, се плаќа вкупно 3.000 евра данок на возило и 195 евра на име екологија, што дава вкупно 3.195 евра. За електричен автомобил со истата царинска основица, данокот не се плаќа.

Според Завод за статистика, во Македонија во 2011 година биле регистрирани 128 патнички автомобили со батериски електричен погон. 96 мотоцикли и 17 товарни возила, како и 2 работни возила. На вкупно регистрирани 477.820 патнички автомобили, уделот на електричните возила изнесува 0,0267883303335984 процент. Тоа значи, двапати помалку од најмалку електризираната земја на ЕУ. Или стопати помалку од најдобро електризираната земја во ЕУ.

Држава Удел на батериски електрични автомобили (во %) Вкупно регистрирани батериски електрични автомобили Вкупно регистрирани патнички автомобили во земјата
ХОЛАНДИЈА 2.8452916522 271666 9547914
ШВЕДСКА 2.5437880196 144825 5693281
ЛУКСЕМБУРГ 2.1749515333 10153 466815
ДАНСКА 2.0762547778 64554 3109156
АВСТРИЈА 1.628680555 89851 5516797
ФРАНЦИЈА 1.4673938745 557601 37999409
ГЕРМАНИЈА 1.4596818855 746254 51124427
ИРСКА 1.0758053117 27901 2593499
БЕЛГИЈА 1.0005879159 68128 6808797
ПОРТУГАЛИЈА 0.826149657 56348 6820556
ФИНСКА 0.6936001989 28458 4102940
МАЛТА 0.6316080086 2242 354967
СЛОВЕНИЈА 0.4881015786 6131 1256091
ЛИТВАНИЈА 0.3490053662 3328 953567
ИТАЛИЈА 0.334533581 144000 43045006
ШПАНИЈА 0.3144491215 91432 29076882
УНГАРИЈА 0.305193668 12774 4185539
ЕСТОНИЈА 0.2732142256 2433 890510
ЛЕТОНИЈА 0.2050742306 1625 792396
РОМАНИЈА 0.1998512445 14112 7061252
РЕПУБЛИКА ЧЕШКА 0.1761452466 11500 6528703
ХРВАТСКА 0.1621396651 3027 1866909
СЛОВАЧКА 0.124169364 3461 2787322
БУГАРИЈА 0.0692970063 2242 3235349
ГРЦИЈА 0.0622392104 3820 6137610
ПОЛСКА 0.0596497864 16354 27416695
КИПАР 0.0576483789 373 647026

Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово

Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)

Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија

Прегледот на сите електрични автомобили што се во понуда на македонскиот пазар можете да го погледнете во нашиот онлајн-каталог AVTOSALON.MK

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia со 576 КС, чисто на струја

Производители на чипови: Авто-концерните се виновни за кризата