за

Производители на чипови: Авто-концерните се виновни за кризата

Директорите на фабриките за полупроводници посочуваат дека недоволното разбирање на производителите на автомобили, на начинот на производство на чипови, доведе до кризата.

Недостигот од компјутерски чипови, којшто предизвика големите производители на автомобили да останат без милиони произведени возила во последниве две години, почнува постепено да попушта. Но, производителите на автомобили мораат да се соочат со нови трошоци, коишто ќе останат трајни.

Големи промени се случија во чип-кризата. Автомобилските концерни сега имаат посебни одделенија што се задолжени и одговорни за снабдувањето со чипови. Тие преговараат директно со производителите на чипови. Такви одделенија постојат во Volkswagen, General Motors, Ford. Други производители, конкретно Nissan, потпишале долгорочни договори за набавка на чипови и ќе чуваат поголеми количини од оваа компонента што се покажа од клучно значење за производството на автомобили.

Во исто време, најголемите добавувачи на компоненти за автомобилските концерни, од ковот на Bosch и Denso, вложуваат масивно во сопствено производство на чипови. Во концерните Stellantis и General Motors, при конструирањето на компонентите за нивните автомобили, во иднина ќе се советуваат со инженери за чипови.

Тоа се само неколку примери што сведочат за суштинските промени што се случија во автомобилската индустрија. Промените, меѓу другото, вклучуваат: Повисоки цени на чиповите, поголемо учество при развојот на чипови и поголеми вложувања. За возврат, производителите на автомобили ќе добијат позначајна улога кај производителите на чипови.

Автомобилските концерни досега им препуштаа на своите добавувачи, како и на добавувачите на нивните добавувачи, да се грижат за снабдувањето со чипови.

Производителите на чипови се радуваат на новата соработка со автомобилските концерни, што уште е во фаза на развој. Директорите на компаниите за чипови ги обвинуваат производителите на автомобили, односно нивното недоволно разбирање на начинот на којшто се одвива синџирот на испорака на чипови, префрлувајќи им ја главната вина за кризата со чипови.

Суштинските промени се случија откако автомобилската индустрија се соочи со најголемата криза, којашто допрва може да ги чини многу, затоа што 13 милиони возила останаа непроизведени, по стартот на кризата во почетокот на 2021 година.

Ц.Ц. Веи, извршен директор на најголемиот производител на чипови во светот, Taiwan Semiconductor Manufacturing, кажа дека не се имало случено да добие телефонски повик од директор од автомобилската индустрија – пред кризата да достигне историски размери

Во последните две години, тие ми се јавуваат и се однесуваат како да ми се најдобри пријатели“, кажа Веи пред веселата публика сочинета од партнери на компанијата и клиенти, на еден настан неодамна во Силиконската Долина. Автомобилски менаџер се јавил и побарал итно да му бидат испорачани 25 вафери. Веи се грижи за клиенти што нарачуваат по 25.000 вафери. „Нормално дека не можеме да излеземе во пресрет“, кажува директорот.

Според Томас Колфилд, извршен директор на GlobalFoundries, автомобилската индустрија станува свесна дека повеќе не може производителите на чипови да ги става во ризик, кога тие вложуваат милијарди во нови фабрики. Во изјава за Ројтерс, тој вели: „Не можеме да ги прошируваме капацитетите за производство, освен ако клиентот не се обврзе и учествува како сопственик на удел во тие капацитети“.

Од SkyWater Technology, производител на чипови од Минесота, бараат производителите на автомобили да вложат во машини или да го платат истражувањето и развојот на нови чипови. Хасан Ел-Кури, извршен директор на Cypress Semiconductor, преку директни разговори со производителите на автомобили, потпишал долгорочни договори за испорака во вкупна вредност од 4 милијарди долари. Договорите се однесуваат на чипови од силициум карбид, за коишто постои растечки интерес. „Секоја година вложуваме милијарди долари, за да ја покриеме таа побарувачка“, изјави Ел-Кури за Ројтерс. „Не може да се градат фабрики само од надевање“.

Јапонскиот Renesas Electronics и холандскиот NXP Semiconductors поставиле инженерски тимови, чијашто задача е да им помагаат на производителите на автомобили во развојот на нова архитектура, во којашто еден компјутер раководи со сите функции.

Вредноста на полупроводниците што се вградуваат во еден автомобил, се цени дека по 2026 година ќе надмине 1.000 долари во просек по возило. Тоа е двојно повеќе отколку во првата година од пандемијата. За пример, во електричен Porsche Taycan се вградени повеќе од 8.000 чипови. До крајот на деценијата, тој број ќе се зголеми за два или три пати.

За автомобилските концерни ќе биде допполнителен предизвик да ги ангажираат и да ги задржат инженерите за чипови, во трка против Google, Amazon и Apple.

Од бош-пумпи бизнисот се развива во бош-микропроцесори

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Како европските шампиони ја поттикнуваат продажбата на електрични автомобили

Batur покажува како ќе изгледа Bentley како електрична марка