Тоа е речиси условен рефлекс, кога ќе се каже Бош, следно да биде Бош-пумпа. Но, бизнисот на гигантскиот добавувач на автомобилската индустрија Bosch, меѓу другото, се менува, и понатаму ќе се работи во подрачјето на микроелектрониката, коешто фактички ќе ги одржува останатите бизниси на Bosch.
Од автомобили, преку електрични велосипеди, до бела техника и паметни часовници – микропроцесорите се составен дел на сите електронски системи и му даваат живот на светот на модерната техника. Bosch уште одамна почна да се подготвува за тоа и сега најавува ново масивно вложување во висина од три милијарди евра, за зајакнување на бизнисот со микропроцесори.
Со новиот инвестициски план до 2026 година се предвидува изградба на нови развојни центри во германските градови Ројтлинген и Дрезден, во вкупна вредност од 170 милиони евра. За проширување на „чистата соба“ во Дрезден на 3.000 метри квадратни, за следната година се предвидени 250 милиони евра.
Под покровителство на „European Chips Act“, Унијата и германската влада финансиски ја подржуваат изградбата на моќен екосисем за микроелектроника. Целта е Европа до крајот на деценијата да го зголеми своето учество во светската продукција на полупроводници, од сегашните 10 на дваесет проценти.
Bosch ќе применува и нови технологии на полупроводници. Во Ројтлинген од крајот на минатата година се произведуваат чипови со силициум карбид, коишто се користат во електрониката на електричните и хибридните возила. Со овие чипови се постигнува продолжување на досегот на возење на струја за 6 проценти. Побарувачката е голема и продолжува да расте. Во просек, пазарот се зголемува за 30 проценти годишно.
Воедно се работи и на истражување на нови технологии, меѓу другото на чипови на база на галиум нитрид. За користење во автомобили, овие чипови мора да станат уште поробусни и да издржуваат напони до 1.200 волти.