BMW M1 има оставено зад себе вредно историско поглавје, иако моделот се произведуваше само три години и се изработи во помалку од 500 примероци. Четири децении подоцна, во Минхен уште е отворено прашањето за наследникот на суперспортското купе со средишен мотор. На сцената се слушаат гласини дека M1 ќе добие наследник.
Кога соработуваат BMW и McLaren, обично од тоа произлегуваат спектакуларни автомобили. Таков беше примерот со славниот McLaren F1, којшто се произведуваше меѓу 1993 и 1997 година, и во него работеше 6,1-литарски мотор V12, испорачан од BMW. Оваа легендарна машина победи на 24 Часа Леман во 1995 година. Соработката не продолжи. Британците по кусо време стапија во партнерство со Mercedes-Benz, во развојот на исто така легендарниот SLR, а во Минхен сигурно не беа пресреќни со тоа.
Во меѓувреме, BMW и McLaren повторно имаат заеднички планови. Сцената дозна за тоа преку еден од главните конкуренти на Баварците. Audi планира да се вклучи во Формула 1 и во тој проект беше замислено да се ангажира токму McLaren. Во првата фаза, Audi требаше да го преземе тркачкиот тим на McLaren, за во следната фаза да се преземе и целата компанија McLaren Cars, вклучувајќи го и производството на суперспортски автомобили. Но, тие преговори завршија брзо. Како можна причина за тоа се спомнуваше превисоката сума што Audi требаше да ја плати за преземање на McLaren. Вистинската причина, сепак беше друга. Вокинг е во преговори со BMW.
Соработката треба да кулминира во 2027/28 година, со електричен суперспортски автомобил што ќе го носи знакот на BMW. Секако дека и McLaren ќе понуди верзија од автомобилот. Баварците во проектот ќе бидат надлежни за електричниот погон, за батеријата и за софтверот. McLaren, пак, ќе работи на своите специјалности, на карбонската конструкција на каросериската школка и на возните својства.
Реперите според коишто се развива идниот модел се одушевувачки: Моќност од преку 1.000 КС, вртежен момент од околу 1.200 њутнметри и тежина незначително над 1.500 килограми. McLaren ќе го нуди моделот како наследник на 720S по цена од 400.000 евра, додека BMW за наследникот на M1 ќе бара 250.000 евра.
За проектот да биде поисплатлив, паралелно се развива и втор модел од соработката меѓу BMW и McLaren. Тоа ќе биде кросовер со високи перформанси. Неколку смени во менаџерскиот тим укажуваат дека нешто сепак се случува. Михаел Лајтерс е нов шеф на McLaren, пристигнат од Ferrari. Од друга страна, BMW M GmbH исто така има нов шеф, Франк ван Мел, на местото на Мајк Флуит. Дали соработката за новиот и електричен М1 ќе се реализира, потврда може да се очекува дури кон крајот на годината.
McLaren Speedtail му вредеше три милиони долари на новиот сопственик