за

McLaren Speedtail му вредеше три милиони долари на новиот сопственик

Примерок од McLaren Speedtail постигна вредност од 3,3 милиони долари на наддавање во САД. Хиперавтомобилот има поминато 312 km и меѓу последните примероци е во серијата.

На наддавањето што го организираше аукциската куќа Mecum во Флорида, еден од последните произведени примероци од McLaren Speedtail го смени сопственикот за 3,3 милиони американски долари.

Милионската сума за McLaren Speedtail е сосем очекувана, сепак станува збор за исклучително ограничена серија спортски автомобили од врвен ранг. Англискиот производител McLaren изработи само 106 примероци од Speedtail, откако премиерно го прикажа во 2018 година.

Возилото што беше понудено на наддавање е 100-от примерок во специјалната серија. Од легендарниот McLaren F1 исто така беа изработени 106 примероци. Впечатливо е лакирањето на каросеријата во оригиналната папаја-портокалова боја.

Произведен во 2020 година, хиперспортскиот автомобил има поминато само 194 милји, односно 312 километри. Во коментари на друштвените мрежи, луѓе се шегуваат дека претходниот сопственик го возел автомобилот со крајна брзина од 400 километри само еден час по автопат, си го исполнил сонот и потоа решил да го продаде. Тоа веројатно и не е далеку од вистината.

>>> (објава од 2019) McLaren Speedtail триесетпати постигна 403 km/h, производството може да почне

McLaren Speedtail

Малата километража сепак влијаеше во извесен дел, за хиперавтомобилот да достигне астрономска вредност. За нов автомобил, McLaren им наплаќаше на избраните клиенти по 2,1 милиони фунти, што одговара на околу 2,5 милиони евра.

Speedtail е современа изведба на историскиот McLaren F1

По пример од McLaren F1, така и Speedtail има три седишта, со возачот во средина, исто како во формула 1. Системската моќност изнесува 1.050 КС и во тоа учествуваат V8-битурбо од 4,0 литри и електромотор. Возилото тешко 1.430 килограми, спринтува до темпо 300 на час за 12,8 секунди. Крајната брзина изнесува 403 km/h. Моторот е вграден пред задната оска.

Каросеријата долга 5,13 метри е изработена од пластика зајакната со карбон. Целта при развојот на каросеријата беше да се користат колку е можно поголеми панели, за да се избегнат зјаеви што би произведувале дополнителен отпор на воздухот. Опашот е долг 1,33 метар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Intel вложува 20 милијарди $ во две нови фабрики за чипови

Екс-менаџер на Skoda ќе развива нови модели за Renault