По пет години развој и тестирање, три генерациски смени на погонска технологија, 18 прототипи, 45 краш-тестови и вкупно 1,6 милион километри, Хрватска започнува со сериско производство на електричниот хиперавтомобил Rimac Nevera.
Во Света Недеља, на 17 километри западно од Загреб, почна сериското производство на електричниот хиперавтомобил Rimac Nevera. Со примена на врвна технологија и врвна вештина на рачна изработка, од мануфактурата годишно ќе излегуваат по 50 примероци од Nevera и ќе се испорачуваат на сите страни на светот.
Првиот примерок од Rimac Nevera од редовно сериско производство е лакиран во калисто-зелена боја со бисерен ефект, има тркала со дизајн Vertex што се лакирани во боја на графит и внатрешност обложена со алкантара во боја на песок. Овој автомобил во минатиот месец учествуваше на прочуениот Фестивал на брзината во Гудвуд, на ридската трка којашто е централен дел од настанот. Историскиот автомобил што е означен како #000 и на него е поставена плочка со серискиот број, ќе остане во сопственост на Bugatti Rimac.
Во моментов во хрватската фабрика се изработуваат првите примероци од хиперавтомобилот што наскоро ќе им бидат испорачани на сопствениците. Изработката на секој примерок од Nevera трае 5 недели. Повеќето од деловите и системите се изработени претходно во погоните на Rimac. Продажбата мрежа се состои од 25 овластени застапништва, со локации во САД, Европа, на Средниот Исток и во Азија.
Целата планирана продукција за годинава е веќе распродадена, клиентите не чекаа за Rimac да објави почеток на сериското производство
Nevera, именувана по ветерот по хрватското крајбрежје, развиена е целосно независно и самостојно во Rimac. За да се постигнат врвни перформанси и својства, посебно за моделот се конструирани нова генерација на батериски систем, инвертер, менувач, електромотор, контролни, инфо-забавни и уште бројни системи. При развојот, погонската спрега се преработуваше трипати, во период од две години, сé со цел да се извлечат уште подобри перформанси од претходно.
Rimac Nevera стекна титула на сериски автомобил што забрзува за најкусо време, а прогласен е за Најдобар Хиперавтомобил (Robb Report), Хиперавтомобил на годината (GQ) и за Најдобар електричен автомобил со високи перформанси (Top Gear).
На купувачите им се нуди избор од 36 каросериски бои, со можност Nevera да се лакира и во боја по посебна желба. На тоа следи и избор од три нивоа на прикажување на карбонската структура, вклучувајќи и целосно налакирана карбонска школка. Секој примерок во серијата што ќе се изработи во вкупно 150 примероци, ќе се разликува од останатите.
Мате Римац, извршен директор на Rimac Group, компанијата на којашто денес ѝ припаѓа Bugatti, во којашто Porsche има голем удел акции и исход од бизнис-потфатот што тој го започна во домашната гаража, изјави: „Во почетокот на патешествието со Nevera, направивме илјадници виртуелни симулации и испробувавме со безброј дизајни, пред да дојде времето да ги создадеме првите возни прототипи. Во тој момент, во компанијата работеа околу 300 лица, а со сегашното отпочнување со целосно производство, нашата компанија порасна петкратно, за да брои повеќе од 1.500 колеги, вклучувајќи и градба во напредна фаза за нашиот нов Rimac Campus со површина од 100.000 метри квадратни”.
Rimac Nevera постави ново скалило на перфомансите. Четирите електромотори постигнуваат вкупно 1.914 КС и обезбедуваат спринт до 60 милји на час (96 km/h) за 1,85 секунда, односно 4,3 секунди до сто милји на час (ca. 161 km/h).