за

Mercedes-Benz стартува со нарачки за новиот GLC

Почнува продажбата на новата генерација на Mercedes-Benz GLC, со старт од 57.631 евра на германскиот пазар.

Во новата генерација на Mercedes Benz GLC се става нагласок на дизајнот и на технологијата, се зборува и за спортски возни својства, а во исто време и за штедливост. Сето тоа доаѓа заедно со традиционалните вредности на марката, безбедност, комфор, квалитет.

Сите моделски изведби на новиот Mercedes Benz GLC поседуваат електромотор во некаква улога во погонската спрега. Најпродаваната моделска серија на Штутгарт во новата генерација вози поеднакво суверено по асфалт и по терен. Управуваната задна оска е достапна и за GLC, за полесно маневрирање и паркирање во град, а воедно за подинамични возни својства на пат.

Новиот GLC стандардно доаѓа со надворешност Avantgarde, со хромирани каросериски додатоци. На вообичаените СУВ-елементи, како што се стилизираната заштита на подвозјето напред и назад со хром-финиш, кровните носачи за багаж од полиран алуминиум и опционалното „скалило“, им се придружуваат нагласени рабови по должината на каросеријата. Дизајнерите на тој начин постигнаа рамнотежа меѓу елеганција, спортска нота и стил на теренец.

Главниот печат го ставаат светлата што се спојуваат со маската и додаваат ширина во појавата на GLC. Доколку како опција се изберат DIGITAL LIGHT, во нив се забележуваат дополнителни елипси покрај „факелот“. Уште повпечатливо е тоа што ѕвездата на Mercedes-Benz е вградена во маската маската, заедно со темносива бламела со хромиран додаток и со хромирана рамка на маската.

New item by Automedia MK / Google Photos

Линијата Avantgarde е стандард и во внатрешноста, заради нагласување на квалитетот и на модерниот пристап. Арматурната табла е поделена на два дела и по неа се провлекуваат широки украсни панели. Секако дека главен е исправениот дисплеј. Квалитетот на внатрешноста се доживува и преку авангардниот изглед на седиштата и мошне детално изведените облоги на вратите.

По пример на C-Class & Co, голем напредок е постигнат и во аеродинамичноста, со коефициент cw = 0,29 во најдобрата конфигурација, наспроти cw = 0,31 кај претходникот. Инженерите ветуваат и пријатна звучна кулиса и само мали шумови од подвозјето и од ветрот. Сé е преземено за внатре да се стекне чувство на „Willkommen zu Hause“, односно атмосфера на „добредојдовте дома“, каква што е својствена за Mercedes Benz.

Сé e хибрид, било да е благ хибрид или приклучен хибрид

Понудата од мотори опфаќа четирицилиндарски бензинци и дизели, што секогаш работат заедно со електромотор. Кај изведбите со благ хибриден погон, работи интегриран стартер-генератор од нова генерација. Изведбите со приклучен хибриден погон и моќност до 280 kW (381 КС) и вртежен момент до 750 Nm, работи синхронен мотор со 100 kW. Нивниот досег на струја е над 100 километри. Интелигенцијата на погонот прави при возење во град да се стави повеќе нагласок на електричното возење. Но, новиот GLC и теренот го вози електрично.

За динамиката во возењето придонесува новата предна оска со четири водилки и познатиот принцип на задна оска со просторни водилки, односно мултилинк оска. Теренецот од средна класа стандардно доаѓа со амортизери што реагираат зависно од амплитудата, што значи дека на поситни нерамнини реагира покруто, однсоно амортизира помеко при погруба нерамнина. Опција е пневматска амортизација AIRMATIC. Со управуваната задна оска, кругот на вртење се скусува за 90 cm, на 10,9 метри.

New item by Automedia MK / Google Photos

Тоа што ќе биде посебна гордост на сопствениците е „проѕирната хауба“, односно систем од камери што прави возачот да го гледа просторот пред возилото исто како напред да нема каква било конструкција. Исто така е посветено внимание, на возачот да му се олесни работата при влечење приколка.

Инфо-забавниот систем MBUX стандардно доаѓа со два дисплеи и навигација преку цел екран. Со говорниот асистент „Hey Mercedes“ се комуницира уште поприродно, а преку функцијата Smart-Home може од GLC да се ракува со уредите во домот. Дигиталните светла имаат и дополнителна опција, за знаците и препораките да се проектираат врз патот.

Гамата во почетокот ќе се состои од следните три моделски изведби

 

 

GLC 200 4MATIC

GLC 300 4MATIC

GLC 220 d 4MATIC

Зафатнина cm³ 1.999 1.999 1.993
Моќност kW/КС 150/204 190/258 145/197
При 1/min 5.800–6.100 5.800 3.600
Дополнителна моќност (Boost) kW/КС 17/23 17/23 17/23
Вртежен момент Nm 320 400 440
При 1/min 1.800–4.000 2.000–3.200 1.800–2.800
Дополнителен вртежен момент (Boost) Nm 200 200 200
Потрошувачка, просек (WLTP) l/100 km 8,2–7,3 8,2–7,3 5,9–5,2
CO2, просек (WLTP) g/km 186–167 186–167 155–136
0–100 km/h [s] 7,8 6,2 8,0
km/h 221 240 219

Цена, во Германија (евра)

57.631,70 68.240,55 60.237,80

GLC: Бестселерот на Mercedes-Benz, уште еднаш

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хамбург собрал над 30 милиони евра од казни за пребрзо возење

Rimac Nevera влегува во серија, по 50 парчиња годишно