за

Хамбург собрал над 30 милиони евра од казни за пребрзо возење

Радарите во германскиот град Хамбург донесоа рекорден приход од наплата на казни, сумата е трипати повисока отколку пред три години.

Приходот од наплата на казни за пребрзо возење во германскиот пристанишен град Хамбург годинава е зголемен за трипати во споредба со приходот пред три години. Зголемениот број на прекршоци и на посатвени блиц-радари не е единствената причина за рекордниот приход.

Многумина посакуваат и по улиците во македонските градови да бидат поставени т.н. блиц-радари, што автоматски прават фотографија од секое возило што се движи со брзина над дозволената, за истата заедно со казна, исто така автоматски да се достави до домашната адреса. Опасностите и последиците од пребрзото возење се најразновидни, од загрозување на движењето на пешаците, велосипедистите, постарите лица, а првенствено дечињата, до загрозување на останатите возила и патниците во нив, а секако дека не смее да се превиди ниту загадувањето, како во поглед на штетната емисија, така и во поглед на бучавата.

Но, секој жител што се обидел да реагира до надлежната општина, a посебно до Центар, ценејќи дека таму би можело да постои барем мала свест за проблемот, обично добива одговор дека „тоа е проблем на целата држава, сообраќајната полиција треба да го решава тој проблем“.

Од Центар одговараат „тоа е проблем на целата држава, сообраќајната полиција треба да го решава тој проблем“

Но, можеби одговорноста може да се разбуди, ако се спомнат сумите што се наплаќаат од казни за пребрзо возење во европските градови. Пример за тоа е веста од Германија, којашто денес ни пристигна во редакцијата и којашто се однесува на пристанишниот град Хамбург.

Во првите шест месеци од годината, Хамбург од прекршоците за пребрзо возење што ги регистрирале и блиц-радарите и сообраќајните патроли, наплатил 31,05 милиони евра. Пред три години, значи во првите шест месеци во 2019 година, сумата достигнала 10,5 милиони евра. Тоа е трикратно зголемување на приходот од казни за пребрзо возење.

Зголемениот приход сепак не се темели само врз зголемениот број на прекршоци за пребрзо возење. Наспроти 440.397 казни за непочитување на брзината во периодот од јануари до јуни во 2019 година, во истиот период годинава биле изречени 678.684 казни. Многу поголем удел во трикратното зголемување има висината на изречените казни. Пред три години, возачите во просек плаќале по 23,86 евра казна за пребрзо возење. Годинава, сумата е зголемена на 45,75 евра.

Час и половина возење низ прекрасниот Хамбург, што многумина го ценат како „Барцелона на северот“

Од минатиот ноември, казните во Германија се зголемени. При пречекорување на брзината за 10 km/h, казната изнесува 20, место 10 евра, додека во случај да се вози за 20 km/h побрзо, казната е зголемена од 30 на 60 евра. Од полицијата во Градот, упатуваат дека целта на блиц-радарите и на казните, не е да се зголеми приходот, туку првенствено е целта да се постигне подобрување на безбедноста.

Пешаците не ги сакаме, најдобро е сите да одат со автомобил?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia XCeed ќе добие нов лик и електромотор под хаубата

Mercedes-Benz стартува со нарачки за новиот GLC