за ,

Екологијата е добра само ако граѓаните плаќаат?

Илинденска бб ќе наплаќа поскап еколошки данок преку цената на горивата. Сите претходни поглавја во поглед на заштитата на животната средина беа игнорирани, но кога станува збор за наплата, таа одненадеж станува интересна во „коцките“ покрај кеј.

Македонија е божем на чекор да стане средина во којашто владее примерна свест и одговорност во поглед на заштитата на животната средина и одржливоста. Според замислата на службениците на народот, за Македонија во тој поглед да се израмни со водечките Финска, Исланд, Шведска, Данска, па и Словенија, единствено е потребно граѓаните да уплатуваат на сметката на Илинденска бб уште по 3,5 денари од секој литар гориво. Или можеби економијата е веќе толку девастирана, што уште еднаш се посегнува дрско по џебот на граѓаните?

Животната средина со децении е на последното место во Македонија, барем според односот што кон неа го имаат луѓето кои се на платен список на Илинденска бб. Како последица од тоа, македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Сите регистри укажуваат на тоа дека во оваа земја најмалку се води сметка за животната средина. Тоа значи дека, сé што прави овој пропатен македонски народ, од вдишување воздух, до раѓање на живот што во моментот го зема својот прв здив, го прави во средина за живеење што е загадена во секаков поглед и во секој миг.

Со зголемувањето на данокот на име на заштита на животната средина, народните службеници сега ветуваат дека во тој поглед, отсега сé ќе биде беспрекорно. Единствено е потребно за секој наполнет литар гориво, граѓаните да плаќаат уште по 3,5 денари данок што е наречен еколошки. Средствата што од тоа ќе се соберат на Илинденска бб, ќе бидат наменети за цели што ќе бидат во корист на македонските граѓани, впрочем исто како што било и досега во поглед на наменското и одговорно користење на парите од народот. Зарем?

Зарем оваа средина е толку оглупавена и отупавена, што на Илинденска бб навистина ќе ѝ се дозволи да наплаќа во име на нешто што постои најмалку во Македонија, во име на чиста и одржлива животна средина?

Во Аутомедиа не треба да оценуваме општо во поглед на односот кон животната средина во Македонија, но затоа можеме да се повикаме на нашата ингеренција, на автомобилската сфера. Првото прашање во поглед на воведувањето на дополнителните 3,5 денари во еко-данокот во горивата секако дека е: Колку во создавањето на возниот парк во Македонија досега се водело сметка во поглед на заштитата на животната средина? Реалноста укажува на тоа дека дилетантизам и аматеризам нé доведоа до тоа, во земјата подолго од една деценија, масовно во стотици ијлади парчиња, да се довлечкува автомобилскиот отпад, па дури и за тоа да се мамат граѓаните и тие да плаќаат многу повеќе од реалната вредност на тоа што не е друго освен отпад – во средините од каде што доаѓа, тој е дискредитиран како отпад, поради загадувањето што го создава. Нема тука потреба од многу „наука“, толку е просто.

Истата таа Илинденска бб требаше да биде свесна за животната средина уште пред повеќе од една деценија, кога ги спушти сите рампи, за автомобилскиот отпад непречено да доаѓа во Македонија. Во почетокот на минатата декада, македонски граѓани масовно возеа автомобили на бугарски регистерски таблици, затоа што законите во Македонија спречуваа или отежнуваа таков отпад да се вози по нашите улици, и во средината во којашто живееме. Така паднаа рампите што секоја нормална држава ги применува за своите граѓани да ги заштити од загадување.

Сите предупредувања што експертската сфера ги даваше откако почна погазувањето на грижата за животната средина, со масивниот увоз на нечистите дизели кои Европа ги заменува со чисти хибриди и електромобили, се потврдија

Причината поради којашто тогаш престанаа да се возат автомобили од типот на Peugeot 206, Fiat Punto или Skoda Felicia, кои се продаваа во илјадници примероци, па Македонија дури дојде и на прагот за годишно да продава по 20.000 нови автомобили – кога имаше и многу почист воздух – беше токму увозот на евтините, а големи и светнати лимузини, собрани од бугарските ниви што беа претворени во автоплацеви. Тие лимузини навистина беа светнати и евтини, многу поубави и поголеми од автомобилите што се возеа дотогаш во Македонија, но малкумина на Илинденска бб умееја да препознаат и алармираат дека тие возила се евтини само поради тоа што народните службеници на некоја странска Илинденска бб имаа воведено високи давачки за тие автомобили да се регистрираат и користат во тие странски земји – затоа што тие народни службеници знаеја дека автомобилите имаат превисока емисија на штетни материи и исто така беа одговорни да ги заштитат граѓаните од енормното загадување. Земјава не сакаше да знае дека треба и тука да се воведат високи давачки за автомобилите што загадуваат, па тие автомобили за нас останаа да ни бидат „само“ евтини.

Со увезувањето на тој отпад, во Македонија си го увезовме и загадувањето. Една наједноставна споредба да направеа на Илинденска бб, ќе умееја да ја препознаат причината за загадувањето, и уште поважно, со сета одговорност и должна понизност да го известат народот за грешката што била направена во негова штета. Место да се развозуваат по цели денови по скопските улици, народните службеници досега можеа многупати да го увидат следното: Во првите три месеци во 2014 година, во возилата во Македонија биле согорени 86.790 тони дизел. Во првите три месеци во 2021 година, во уште повеќе остарените возила во Македонија биле согорени 140.145 тони дизел. И уште барате причини за загадувањето во нивите што се палат и во ќебапчилниците, дозволувајќи народот во меѓувреме да поверува во сé што ќе се наведе како извор на загадувањето?

Зарем уште ќе се мамиме и ќе измислуваме мазут-афери, со цистерни од коишто се заработувале „енормни“ девет илјади евра, додека во земјава годишно согоруваат 600.000 тони дизел!

Ако веќе се дрзнува да наплатува данок за животна средина од народот, Илинденска бб треба прво да „дознае“ каде точно лежи причината за енормното загадување, кое не само што прави квалитетот на живот да ни биде на најниско ниво од аспект на животната средина, туку и му го одзема здравјето на целиот народ, на секој што ќе продиши од овој воздух. Создавање афери во коишто индустриски моќници се обвинуваат за загадувањето, поради тоа што одбиле да уплатат „данок“ на одредена адреса, овој народ не смее повеќе да дозволува. Сето тоа води кон одвлекување од решението на проблемот, додека народот и натаму очекува будно, проблемот со загадувањето да се реши.

Зарем на истата таа Илинденска бб се невидливи огласите во коишто гаражни мајстори ги повикуваат возачите што имаат проблеми со пречистувањето на издувните гасови, да им го решат проблемот со тоа што пречистувањето целосно ќе го „премостат“. Зарем таа Илинденска бб не знае за фамозните дебати во трговските комори уште пред долги години, во коишто „увозниците“ на автомобилскиот отпад во Македонија одбиваа при увозот да се проверува дали е делотворен системот за пречистување на издувните гасови во отпадот што го продаваат како автомобили. Тие „одговорни“ увозници уште тогаш аргументираа дека е подобро да ги пресечат катализаторите и да заварат обична „цевка“, оти во спротивно ќе им била премала заработката од продажбата на отпадот.

Државата сега ќе ни наплатува данок на име на заштита на животната средина, затоа што истата таа држава со децении не постапувала и самата правела грешки, што доведе да бидеме најзагадена држава во Европа

Народните службеници исто не се свесни дека вратите за увоз на отпадот од европските држави што се целосно освестени во поглед на заштитата на животната средина, сега се отворени уште пошироко, откако во земјава почнаа масовно да пристигаат нови континтенти автомобили од отпад, на коишто претходно им се отстрануваат браници, крила, хауби и поклопци, за истите да се царинат поевтино, за заработката на „увозниците“ да биде уште поголема, а на купувачите и натаму да им се продава скапо тоа што Европа го отфрла како отпад.

Поради дилетанти и аматери од чијашто непособност трпи целиот народ, во Македонија од лани е укината привилегијата што цела деценија претходно ја имаа автомобилите со најдостапниот вид на електрификација на погонската спрега, на автомобилите со хибриден погон. Таа релативно мала повластица, но привлечна за купувачите, дозволуваше автомобил со хибриден погон да се купи по иста цена како автомобил со обичен дизел. И сето тоа функционираше беспрекорно, па дури беше и одлична основа од којашто понатаму можеа да се надградува менаџирањето на возниот парк на ниво на држава. Но, потоа се најде некој мудар народен службеник, со компетентност достојна најмногу за пластичарска улица, што наложи и за хибридите да се плаќа акциза, преименувана во данок за возила. Логиката им е поразителна. Народните службеници уште веруваат дека ќе си направат нивното време на служење на народот да им биде повеќе профитабилно, ако воведат екстра давачки за нешто што се продава добро, очекувајќи дека тоа и со екстра давачките ќе продолжи да се продава добро?

Во 2021 година, меѓу два пандемиски бранови, истите тие народни службеници очекуваат да го излажат народот и тој да не „сети“ дека данокот за екологија го плаќа за неспособната економија во државата. Неспособноста, впрочем, постои и во многу други клучни подрачја

Нормално дека никој на таа омразена Илинденска бб уште не помислува да донесе натпартиска стратегија, со којашто ќе се одредува како понатаму ќе се раководи со возниот парк во државата, одговорно и грижливо во поглед на заштитата на животната средина и одржливоста. Покрај тоа што со довлечкувањето на евтините и светнати лимузини од бугарските ниви се дозволи стотици милиони евра во минативе години да завршат во џебовите на тамошните „бизмисмени“, прашање е што ќе се случува по две три години со тие фејсбук-тркачи, брзи по 250 на автопатите под Шар Планина?

Возниот парк во Македонија се претвори во возен парк што на никој не му е потребен. Место автомобили од градска и компакт класа, стари по пет шест години, со разумна моторизација и со доволна опременост за семејството да живее пристојно со тој автомобил во наредните неколку години, во Македонија почнаа да парадираат луксузни крстосувачи по дисконтна цена, со коишто ликови желни за тикток-слава, наивно глумат богати плејбои и пост-спонзорски старлети. Тие автомобили по една или две години ќе престанат да бидат интересни, па ќе се најдат во огласи. Веројатно уште побрзо. Но, на кого утре ќе му биде потребен автомобил од пет метри или СУВ од два тони, чијашто замена на синџир или поправка на менувач чини две три илјади евра? Луѓето сакаат нормални користени автомобили, на коишто нема да им бидат робови.

Сите овие девијации и перверзии се производ единствено на пропустите и грешките на државата, за непристапувањето кон решавање и кон спречување на натамошните проблеми, што требаше да биде една од задачите на Илинденска бб во сите години досега. Можеби тогаш народот немаше да реагира толку бурно на воведувањето повисок данок на товар на сметката за гориво. Затоа народот и вели, ова не е данок за екологија, ова е класичен арач.

Темпо 30 низ град е најдобар одговор за поскапувањето на горивата

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Овој автомобил е Ц-витамин за Мерцедес

Peugeot 106 одбележува 30-годишнина