за

Peugeot 106 одбележува 30-годишнина

Во септември ќе бидат изминати точно три децении откако Французите го претставија Peugeot 106.

Peugeot 106 е посебно важен модел за марката со лавот, затоа што прв ја понесе шестката во ознаката, односно беше прв модел од шестата генерација.

Пред три децении, пазарот на градските автомобили буквално цветаше во Европа. Peugeot 106 имаше мисија да ја прошири понудата на марката со лавот во сегментот што во тоа време учествуваше со повеќе од една третина во вкупната продажба на автомобили во Европа, и дури со 40% во продажбата само во Франција.

Peugeot 106 беше претставен на 12-ти септември 1991 и беше најавен со поетски зборови. Французите кажуваа дека тоа е „топка од симпатија што е обвиткана со насмевки и облечена е со шарм, што нуди совршено чувство во своите 3,56 метри од изненадувања и забава.“ Возачките и возачите ги обожуваа овие автомобили, затоа ваквата најава беше сосем умесна и непретерана.

Прво почна да се произведува изведбата со три врати, за во 1992 година да ѝ се придружи и изведбата со втор чифт врати. До завршетокот на производството во 2003 година, близу 2,8 милиони примероци излегоа од фабриките. Главното производство беше во Мулуз, но потоа се приклучија и фабриките во Сошо и Олне-су-боа, поради големата побарувачка. Бензински четирицилиндарци работеа во Peugeot 106, со зафатнина меѓу 954 и 1.587 сантиметри кубни, како и дизели од 1,4 и 1,6 литар.

Пежо 106 имаше и славно поглавје во македонскиот мотоспорт со „рели куп“

Марката со лавот понуди рекорден број специјални моделски серии од „106“. Во дванаесеттте години, вкупно 20 варијанти. Моделот беше еден од првите предизвици за увозникот Еуроимпекс, тогаш во своите најрани години. По долги години, македонската сцена уште се сеќава на славните поглавја со Пежо 106 Рели Куп во домашниот мотоспорт – со модели базирани на Rallye-изведбата, исто како и на специјалната серија Kid, со седишта обложени со деним, којашто приказната од мотоспортот ја пренесуваше на улиците во секојдневието.

Освен верзијата 106 Rallye, претставена во 1993 година, во понудата се наоѓаа уште Peugeot 106 XSI со 95 КС во 1992 (потоа 105 КС во 1995) и Peugeot 106 S16 со 120 КС во 1996 година. По пример на 306 Maxi, беше изработена и верзија 106 Maxi.

Peugeot со овој модел нé потсети и на своето пионерско искуство со првиот електричен автомобил VLV, претставен во 1941 година. Верзијата 106 Electrique држеше рекорд на најпродаван електричен автомобил во светот до 2010 година, со повеќе од 3.500 примероци.

Во музејот на Peugeot во Сошо наскоро ќе биде поставена изложба во чест на „106“. Секако дека нема да отсдуствува и прочуениот маркетиншки слоган за моделот: „A gentleman will do anything to borrow his wife’s car”.

На 11-ти септември годинава, Peugeot организира собир во музејот, сопствениците на Peugeot 106 се добредојдени. www.museepeugeot.com

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Екологијата е добра само ако граѓаните плаќаат?

Не мора секогаш планински, може и брзински велосипед