за

Овој автомобил е Ц-витамин за Мерцедес

Мајсторијата во опстојувањето на лимузините на премиум марките е во големите промени што се случуваат кај новите генерации. Mercedes C-Class е целосно сменет во новата генерација, дури и рачките во вратите се поинакви, но автомобилот пак е C-Class, повеќе од кога било досега.

Само неколку лимузински модели од средната класа останаа во понудата на автомобилските марки. Mercedes C-Class обично е прва асоцијација за таков модел. Успехот на германската лимузина се должи на тоа што Штутгарт воведува големи промени во секоја нова генерација. „Витаминот Ц“ на Mercedes штотуку имаше македонско деби во салонот на Мак Аутостар.

Постојат најразлични толкувања околу тоа, што прави еден автомобил да биде премиум. Некој ќе оцени дека тоа се материјалите, завршната изработка, перформансите, друг исто така ќе биде на добар пат кога ќе наведе дека тоа е врвниот инженеринг, трет ќе ги вклучи традицијата или дизајнот. Но, својствата што прават автомобилот да биде премиум, обично не може да се издвојат. Кај новата генерација на Mercedes C-Class станува мошне јасно зошто не може да се постави дефиниција за тоа – новиот C-Class доаѓа со целосни промени во секое подрачје, но на крајот тој пак е несомнено C-Class, несомнено Mercedes и несомнено премиум.

Во салонот на Мак Аутостар очекувавме да видиме „само“ смалена верзија на фамозната S-Class во новата генерација на моделската серија, што влече корени од Mercedes 190, од беби-бенц, од моделот со фабричка ознака W 201. По близу четири децении од дебито на моделската серија во 1982 година, денешниот Mercedes C-Class ја носи фабричката ознака W 206, што во беспрекорната германска прецизност укажува дека станува збор за модел од шеста генерација.

Тоа што при дигиталната премиера на W 206, повеќето колеги избрзаа да го оценат автомобилот како смалена верзија на S-Class, сега се покажува дека било многу површна оцена. Точно е дека во дизајнот на каросеријата и во начинот на ракување во кокпитот, со големиот вертикален дисплеј и со MBUX-интелигенцијата, лимузинава го презема „диктатот“ од знаменосецот на марката, но C-Class сега во ниту еден момент не води кон помислата дека тоа е смаленa верзија на „зондеркласе“, на посебната класа, на S-Class. Овој автомобил има посебен идентитет, тој недвојбено е C-Class.

Во изминатата декада, C-Class била најпродавана моделска серијa на Mercedes. Од претходникот се произведоа 2,5 милиони примероци, од целата серија вкупно 10,5 милиони примероци. Најголеми пазари за лимузината и комбито заедно биле САД, Германија и Велика Британија

Во кабината се чувствува дека е добиено повеќе простор. Конкретно во висина на лактите, кабината е поширока 22 милиметри напред и 15 милиметри назад. Патниците назад имаат повеќе слободен простор над главата (+13 mm), но најголемата просторна придобивка во новиот C-Class е во просторот за нозе назад. Таму, W 206 нуди 35 милиметри повеќе од претходникот.

Двете клучни подрачја при развојот на новиот модел беа дигитализацијата и ефикасноста. Ова е прв класичен модел на Mercedes што е електрифициран во сите моделски изведби. Новиот C-Class или користи благ хибриден погон, односно 48-волтен стартер-генератор, или користи приклучен хибриден погон (plug-in), кој во новата генерација може да извози над 100 km само „на батерија“, пред да се разбуди моторот.

Аеродинамичноста го имала клучниот збор при исцртувањето на каросеријата, меѓутоа дизајнерите пак пронајдоа простор да му обезбедат карактер на автомобилов. Предниот каросериски превис е многу кус, по што следи продолжено меѓуоскино растојание и опаш што оддава динамичност. C-Class покажува и мускули, во надоложните рабови по хаубата. Ветробранот е поместен поназад во споредба со претходничката, а со тоа и целата кабина е повлечена наназад. Отстрана речиси нема рабови или линии, целото внимание го привлекува таканаречената Catwalk-Line. Тоа е заводливо заоблениот појас по должината на единствениот раб отстрана, што се протега од светлата, под прозорците, додека не се втопи во опашот.

Се забележуваат и новите дизајни на тркалата. Тие отстапуваат од класичната шема, од причина што и самите тркала учествуваат во аеродинамичноста

Средната класа од Штутгарт повеќе не носи ѕвезда на хаубата, туку таа се наоѓа исклучиво во маската, односно секоја C-Class сега има „спортска маска“ со голема ѕвезда. Се разликуваат три изведби на маската: Основниот модел има вертикални ламели, Avantgarde дополнително поседува рамка во маската и ламелите имаат посебен финиш, додека AMG Line ја носи спортската дијамант-маска со многубројни мали ѕвезди со хромиран финиш. Последнава се препознава лесно оддалеку, затоа што е „превртена“, по пример на историскиот 300 SLR Uhlenhaut Coupe од 1950-те години.

Задните светла се многу долги и првпат кај C-Class се дводелни. Графиката во светлата создава посебен впечаток. Заведува и изгледот на опашот, кој подеднакво оддава и елеганција и динамика, но обезбедува и благородност во појавата на C-Class. Задниот дел многумина ќе го ценат дури и како стилски „хајлајт“ на новиот модел. Има три нови бои во палетата: Спектрално сина, хај-тек сребрена и опалит-бела.

Колку повеќе се навлегува во светот на новата C-Class, толку повеќе се насетува дека има уште многу повеќе за откривање – во смисла на воведот, денес тоа е премиумот

Има посебна приказна и во арматурната табла. Таа е поделена на горно и долно подрачје. Главни во горниот дел се тркалезните отвори за воздух, кои потсеќаат на авионски мотор. Долниот дел има украсна функција, со впечатливи вертикални линии, како кај скап „костум на риги“. Спортска нота внесува средишниот дисплеј што е завртен за 6 степени кон возачот.

Зад воланот се наоѓа дисплеј, кој стандардно располага со пречник од 10,25 инчи (26,0 cm), а достапен е и во изведба од 12,3 инчи (31,2 cm). Доминира средишниот дисплеј, преку кого што се ракува со функциите на C-Class. Стандард тука се 9,5 инчи (24,1 cm), со доплата се вградува верзија од 11,9 инчи (30,2 cm).

Средишната конзола личи мошне престижно, врамена со хромиран профил, со меко поставена површина за потпирање на лактот и со површина со висок сјај во црна боја. Вратите се ослободени од масивни рачки и џебови, надоврзувајќи се на престижниот стил, со чисто изведени површини и убав финиш.

Инфо-забавниот систем MBUX од втората генерација функционира исто како во новиот S-Class

На маркетиншиот оддел на Владица Кокаловиќ му успеа вистински подвиг, откако за македонската премиера на A-Class беше ангажирана нашата музичка ѕвезда Викторија Лоба, да го промовира системот MBUX. Овој систем, прочуен по говорната команда „Hey Mercedes“, во меѓувреме е во втората генерација и уште поблиску е до идејата, преку говорни команди да се вклучуваат функциите во автомобилот како да се зборува со човек.

Новина кај MBUX е функцијата Smart Home, којашто овозможува од автомобилот далечински да се контролираат, на пример, климатизацијата во домот, светлата, ролетните, па и електричните уреди во домот што се компатибилни со Smart Home. Ако се вклучи алармот дома, C-Class и тоа го јавува. Тоа засега е достапно само во неколку земји, преку склучување договор со производителот, меѓу другото со Bosch или Samsung.

Хеј Мерцедес, дали има некој дома?“ „Проверив. Последното движење е регистрирано пред еден час во кујната“ – така може сега да изгледа дијалогот преку системот MBUX, доколку домот е опремен со Smart Home уреди

Меѓу опциите постои ставка што се води како Augmented Video. Камера ја снима околината и тоа се прикажува на средишниот дисплеј. Во видеото може да се појавуваат и виртуелни објекти, информации и ознаки, на пример сообраќајни знаци, стрелки за скршнување, препорака за престројување или куќни броеви. Тоа многу помага при навигирање низ град.

Во истиот стил се надоврзува опцијата за проекциски дисплеј во боја, кој на возачот му прикажува виртуелна слика со големина од 29,5 инчи на оддалеченост од 4,5 метри пред возилото. Под средишниот дисплеј се наоѓа скенер за отпечаток на прст, за логирање во MBUX.

Секако дека новиот софтвер во W 206 ќе се вчитува исто како во паметен телефон, „преку воздух“ и преку мобилна мрежа, со помош на комуникациски модул што е вграден во возилото.

Сите моделски изведби на C-Class располагаат со електромотор во погонската спрега, како благ хибрид или како приклучен хибрид

Шестцилиндарци не се вградуваат во новиот C-Class. Електрификацијата на погонската спрега ги зафати сите погонски изведби. Кусо при поаѓање и при забрзување, како и при возење со постојана брзина под ниско оптоварување, дејствува стартер-генераторот во 48-волтна мрежа, кој ја користи енергијата во малата батерија и му помага на моторот. Батеријата се полни при секое запирање, возење по надолнина, генерално секогаш кога ќе с отпушти педалата за гас. Овој благ хибриден погон ја има и предноста што го стартува моторот брзо и тивко, без традициионалното завивање.

Новиот OM 654 M со 195 kW (265 КС) е врв во понудата од мотори за новиот C-Class. Секако дека и тој е изведен како благ хибрид, односно е прв дизел на Мercedes што располага со стартер-генератор (сега во втора генерација), со моќност од 15 kW (20 КС). Со новото коленесто вратило, одот на клиповите се зголеми на 94,3 mm, а со тоа порасна и зафатината на 1.993 cm3 (досега: 92,3 mm и 1.950 cm3). Порасна и притисокот на впрскување на 2.700 bar (досега 2.500). Два турбо-компресори со водено ладење и варијабилна геометрија гарантираат рамномерно ослободување на моќноста.

Бензинецот M 254 исто така доби стартер-генератор од втората генерација, кој асистира со 15 kW и со максимално 200 Nm. Инженерите се посебно горди на овој мотор, затоа што во него работат истата технологија како во 6-цилиндарците, односно кошулки на цилиндрите обложени со NANOSLIDE, хонувани цилиндри CONICSHAPE и катализаторска секција што директно е поставена на моторот.

Главната новина кај бензинецот е твин-турбото со континуиран проток. Станува збор за комплетно нов сегментен турбополнач, развиен во соработка со тимот Mercedes-AMG Petronas во формула 1. Делотворноста на новата техника е најочигледна кај C 300, кој краткотрајно може да добие екстра 20 kW моќност.

Мануелен менувач повеќе не се вградува во C-Class, строго автоматик во целата гама

Менувачот 9G-TRONIC е приспособен за стартер-генераторот и стандард е во сите моделски изведби во C-Class. Стартер-генераторот, трафо секцијата и ладилникот на менувачот сега се интегрирани во самиот менувач. Има помалку кабли, менувачот е полесен и помал, а воедно е зголемена и неговата ефиаксност. За последново се користи помошна електрична пумпа за масло, што работата на механичката пумпа за скусува за 30%. Има и нов процесор во менувачот, со повеќе јадра, што логично дава и зголемена процесорска моќност. Со тоа се овозможи контролната електроника да се поедностави и тежината да ѝ се смали за 30 проценти.

Има подобрувања и кај моделите со погон на сите тркала 4MATIC. До предните тркала сега може да се пренесе поголем вртежен момент, во корист на возната динамика. Смалена е тежината и бројот на компонентите во погонот, исто како и отпорот. Покрај тоа, системот за ладење со масло сега е затворен и нема потреба од дополнително ладење.

Бензинските мотори во новиот Mercedes C-Class

C 180 C 200 C 200 4MATIC C 300 C 300 4MATIC

Зафатнина cm³

1.496 1.496 1.496 1.999 1.999

Моќност КС

170

204

204

258

258

Boost КС

20

20

20

20

20

Врт. момент Nm

250

300

300

400

400

Boost Nm

200

200

200

200

200

L/100 km

(WLTP)

7,2-6,2

7,2-6,3

7,6-6,6

7,4-6,6

7,9-7,0

0-100 km/h [s]

8,6

7,3

7,1

6,0

6,0

km/h

231

246

241

250

250

Дизел мотори во новиот Mercedes C-Class

C 220 d C 300 d

Зафатнина cm³

1.993 1.993

Моќност КС

200

265

Boost КС

20

20

Врт. момент Nm

440

550

Boost Nm

200

200

L/100 km

(WLTP)

5,6-4,9

5,6-5,0

0-100 km/h [s]

7,3

5,7

km/h

245

250

Штутгарт наскоро ќе стартува и со изведбите со приклучен хибриден погон од 4-та генерација. Според податоците со коишто располагаме, електромоторот ќе располага со 95 kW (129 КС) и вртежен момент од 440 Nm, а досегот чисто на струја ќе изнесува околу 100 km, според реалната WLTP. Вообичаено за Mercedes, овие хибриди ќе бидат комбинирани со бензински и со дизел мотор. Батеријата има капацитет од 25,4 kWh. На полнач со еднонасочна струја со 55 kW, полнењето трае половина час.

Аутомедиа ќе го претстави новиот Mercedes C-Class во повеќе продолженија. Очекувајте ги наскоро објавите во коишто ќе ги претставиме новините во подвозјето, системите за асистенција, безбедносните системи, технолошките новини, како и богатата понуда од дополнителна опрема и можности за индивидуализација.

Во меѓувреме, увозникот Мак Аутостар ги објави цените за новиот Mercedes C-Class:

Моделска изведба

Цена (евра)

C 220 d 53,990.-
C 300 d 59,990.-
C 180 46,000.-
C 200 50,990.-
C 200 4M 54,510.-
C 300 54,990.-
C 300 4M 57,900.-

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест: Toyota Highlander 2.5 Hybrid Luxury Premium

Екологијата е добра само ако граѓаните плаќаат?