за

Тест: Toyota Highlander 2.5 Hybrid Luxury Premium

По класичната лимузина Camry, којашто близу две децении е најпродаван патнички автомобил во САД, „американската“ Toyota сега ни го испраќа во Европа и големиот СУВ со звучно име, Highlander.

Петметарската и двотонска Toyota Highlander и фактички е големо освежување на европската автомобилска сцена. Таа е дизајнирана и конструирана за „американскиот начин“. Toyota ги унапреди тие вредности во Highlander и направи тие да бидат применливи универзално. Несекојдневниот СУВ функционира одушевувачки во сите сценарија и во сите пригоди. Highlander е необврзувачки луксузен, тоа е главната американска нишка, што му се допаѓа на целиот автомобилски свет.

Меѓу бројните привилегии да се вози Toyota, долго време беше неупадливоста на нејзините автомобили по улиците. Carina, Corolla, Starlet, сите тие модели од пред неколку децении изгледаа пристојно, а луѓе се вртеа по нив единствено кога ќе сакаа да посочат пример за нешто што е трајно, нерасипливо, изработено прецизно, јапонски. Секако дека постоеја и исклучоци, од видот на специјалистките Celica или MR2. На нив човек не само што го задржува погледот, туку и доаѓа до нив, да ги погледне одблизу, да ги допре.

Потоа, на марката од половина милионскиот Тојота Сити ѝ се случи TNGA. Тоа беше сосем нов пристап во осмислувањето на моделите на Toyota, кој имаше за цел во нејзините автомобили да се внесат повеќе емоции, од оние од коишто се губи разумот, што се поврзани со динамиката, со адреналинот, но и со изгледот. Со TNGA почнаа да пристигаат C-HR, Corolla, Camry, RAV4, Yaris, целата тековна постава. Почна да ни се допаѓа тоа што Toyota стана авангарда во дизајнот. Нејзините возила одненадеж изгледаат различно, храбро, одважно. Секој нов модел инстантно стануваше ѕвезда на улиците. И потоа, луѓето по неколку години еуфорија пак престанаа да се вртат по Toyota. Отрпнавме, тоа ни се случи. Луѓето едноставно свикнаа да ги гледаат моделите на Toyota, кои повеќе не се издвојуваат, но само поради тоа што тие се појавуваат во огромен број, насекаде. TNGA дојде како емотивна завршница на технички перфектната марка.

За да сетиме колку сме свикнале на новата Toyota, требаше да се појави овој автомобил. Highlander е ново име во европската моделска постава, но и комплетно нова појава со знакот на Toyota по европските патишта. Во Јапонија, САД, Австралија, моделот постои две децении и три генерации. Ова е неговата 4-та генерација. Некој ќе помисли дека тоа се димензиите, но причината поради којашто средината нема да пропушти да го забележи присуството на Highlander е неговиот различен стил. Американски е стилот, оригинален, калифорниски.

Toyota со Highlander го донесува СУВ-автомобил во неговата оригинална американска форма, без европски интервенции во концептот

Маската најверодостојно го прикажува потеклото на петметарскиот СУВ – со важната напомена дека овој СУВ е создаден во земјата што ги „измисли“ СУВ-возилата, уште пред Европа да го осознае нивното постоење. Оваа генерација на Highlander изгледа спектакуларно и во споредба со претходничката. Појавата не е новина само за нас во Европа, туку истиот ефект важи и во САД, Јапонија, на сите пазари на коишто ова моделско име на Toyota веќе е присутно.

Менаџерите во седиштето на американскиот огранок на Toyota во Плано, Тексас, го лансираа новиот модел лани. на една од најголемите светски „бини“, на супербоул. Сите клучни модели на американскиот пазар стартувале оттаму, од Camry, кој две децении е најпродаван автомобил во САД, преку RAV4, како најпродаван СУВ-модел во средната класа, до Supra. Секако дека и Highlander не остана без врвни достигнувања. Тој е најпродаван модел во средната класа од 2016 година наваму (тогаш во претходната, трета генерација на моделот), сметајќи ги само продажбите на приватни лица, без службените возила.

Статистиката за годинава открива дека Highlander е втор најпродаван СУВ-модел на Toyota во САД, по RAV4. Гледано во целата моделска понуда на Toyota, повеќе се продаваат единствено Camry, Corolla, и нормално RAV4. Со петте метри во должина е лесно да се поверува дека тука завршува понудата на марката, но по Highlander следат уште два модели: 4Runner, кој е повеќе ориентиран за возење по беспаќе, и Sequoia, луксузен СУВ-крстосувач, кој наспроти 63.831 примероци од Highlander, во првото тромесечје годинава е продаден во само 2.037 примероци. Во најкуса описна форма, тоа е автомобилот што сега почнува да се продава на македонскиот пазар.

Дизајнерот се инспирирал од ликот на Џејмс Бонд – со тоа сознание полесно се осознаваат сите овие несекојдневни форми и стилски изрази во изгледот на „хајлендерот“

Масаки Јаги-сан, главниот дизајнер на Highlander, за своето дело вели дека се инспирирал од ликот на Џејмс Бонд, од неговите моќ, зрелост и престиж. Развојното мото тој го нарекол „Powerful suave“, што може да се протолкува како „моќно мазно“. Тоа создание е од голема помош, за да се разбере пораката што овој универзално-американски СУВ ја носи во изгледот, што пак се разликува од моделите на детроитските марки – првенствено се разликува по тоа што е Toyota.

Така кажува дизајнерот. Кога ќе почне да се доживува овој автомобил, повеќе личи како мотото да гласело, „направете го овој СУВ да изгледа колку е можно поамерикански“. Исто како што Американец се препознава по говорот и се разликува од говорот на Англичанец, така и Toyota Highlander прикажува форми, рабови и површини, кои се издвојуваат од европската матрица. Доколку Ferrari ја немаше добиено автомобилската улога во крими-серијата „Магнум“, на Highlander одлично ќе му прилегаше улогата.

Петметарската Toyota на тркала од 20 инчи (!) изгледа како да е студиски автомобил со кого што Јапонците пред цела деценија го најавувале Highlander. Маската, светлата, орелските „крилја“ што се шират од логото и на маската ѝ даваат благородна нишка, сето тоа изгледа ново и свежо, „странско“. Храбри потези се повлечени насекаде по овој автомобил, а тоа најдобро го посведочува оној моќен дел што од праговите преоѓа во задните крила. Highlander изгледа несвојствено за СУВ, претерано во некои делови, но пак хармонично и иновативно, изгледа како нешто што конкуренцијата сфаќа дека го нема во својата понуда.

Toyota Highlander е збогување со анонимноста по улиците, таа е влез во светот на автомобилските суперѕвезди

И, толку со неупадливоста – иако Toyota денес е многу далеку од тоа да биде неупадлива, тоа го кажуваме само заради драматичност – Highlander значи збогување со анонимноста, влез во светот на суперѕвездите. Во врска со бондовската инспирација на Масаки Јаги, големиот автомобил личи во исто време и отмено и лежерно, и елегантно и динамично, многу емоции има во овој дизајн и во оваа свежа појава.

„Увозниот“ дизајн не престануваше да нé одушевува додека баравме места за фотографирање. Речиси е волшебен ефектот, што Highlander каде и да се паркира, прави средината да изгледа ново, тој направи сите места што претходно сме ги посетувале, да ни изгледаат како да сме надвор од Македонија. Нé зачуди кога отпосле изброивме повеќе од 500 фотографии, на три локации на три сосем различни страни.

Highlander е „изграден“ врз платформата TNGA-K, што значи користи иста платформа со RAV4, Camry, Avalon, Lexus ES и NX. Куса споредба со димензиите на RAV4: Американскиот СУВ е 36,6 cm подолг (496,6 cm), поширок е за 7,5 cm (193 cm), осетно е повисок за 7 cm (175,5 cm), во меѓуоскиното растојание има екстра 16 сантиметри. Должината малку мами, но Highlander има 12 mm повеќе клиренс. Се совпаѓаат и теренските агли.

Носивоста е спектакл: На возачот можат да му се придружат уште шестмина патници, со просечна тежина од 117,5 килограми – тоа е кажано, ова е американски СУВ

Празен, тој тежи 2.015 kg, за 220 килограми повеќе од RAV4. Спектакуларна е носивоста: 705 килограми! Колку што тежи, толку влече: 2.000 килограми. Во кабината, зад предните седишта, просторот во Highlander има зафатнина од 1.909 литри или за 219 литри повеќе од RAV. Огромен е американскиот СУВ. Тука не се зборува за седишта, туку за соби. Секој патник како да има своја соба во овој автомобил, толку многу простор има во „лендеров“. За претстава, средишниот гребен меѓу предните седишта е толку широк и масивен, што до просторот за одлагање не се пристапува вообичаено, со подигнување поклопец, туку со лизгање на ролетната. Поклопецот би бил преголем за ракување, затоа е избрано решение со ролетна.

Секако дека Highlander за европскиот пазар пристига со хибриден погон. Во САД се продава и чисто бензинска изведба со 3,5-литарски V6, сличен со моторот во Lexus RX 450h & Co. Постојат разлики во погонската спрега меѓу Highlander и RAV4. Кај овој автомобил, таа се состои од познатиот 2,5-литарски четирицилиндарец со моќност од 190 КС и 239 Nm вртежен момент, потоа од електромотор напред со 182 КС и 270 Nm, и втор електромотор назад, со 54 КС и 121 Nm. Разликите со RAV4 се во моќноста на бензинецот (177 КС и 221 Nm), во предниот електромотор (120 КС, 202 Nm) и во задниот електромотор (60 КС, 121 Nm). Системската моќност кај Highlander изнесува 248 КС, наспроти 222 КС кај RAV4. Батеријата е никел-метал-хидрид од 1,87 kWh.

Во поглед на динамиката нема разлика, Американецот забрзува исто како RAV4 и граничникот му дозволува најмногу 180 km/h. Во поглед на потрошувачката, вредноста од околу осум литри е апсолутно „релаксирачка“. Кој очекува дека Американецот ќе троши многу повеќе гориво од „нашиот“ RAV, греши. Околу работата на хибридниот погон денес е беспредметно да се објаснува, тоа е исто како да се опишува, како дизел моторот работи различно од бензинец. Вистина е дека постојат погрешни верувања околу хибридниот погон, но тоа кусо може да се сведе на следното: Кој во повеќе од 20-те години досега не го разбрал хибридниот погон, отсега уште помалку ќе го разбере. Тие што веќе имаат искуство со хибриден автомобил, сигурно дека добро разбираат како работи техниката во него. Хибридите на Toyota, патем, уште се продаваат повеќе отколку што приклучните хибриди и електричните автомобили од сите марки, заедно се продаваат.

Во возењето се чувствува разлика меѓу европската и американската школа – тоа важи и во ситуација кога Highlander ќе се пушти побрзо по земјен пат, каде што големиот СУВ брилјира

Подвозјето не покажува знаци дека повисоката тежина и поголемата каросерија му претставуваат проблем. Toyota вози динамично, иако субјективно ја нема директноста и стегнатоста на RAV. Поради џиновските тркала од 20 инчи и гумите широки 235 милиметри, Highlander на моменти амортизира за нијанса покруто од RAV, пропратено со пробивање на по некој звук оздола. Тоа е разликата меѓу американската и европската школа. Факт е дека има разлика во темелноста со којшто е изведена изолацијата кај – сето тоа е само субјективна оцена. На хартија, амеро-СУВ е дури за еден децибел потивок од RAV.

Седиштата се широки и поверно е да се наречат фотелји. Полнењето на седиштата е меко, удобно, како за дома. Во „пилотскиот кокпит“ во тестираниот модел има копчиња со кои се вклучува греење на седиштата, и копчиња за вентилација, за ладење. Што може да увери повеќе дека потеклото на овој автомобил е од Америка.

Двотонската Toyota е крстосувач. Ако патот требало да биде долг 500 километри, со овој автомобил човек ќе посака да продолжи да вози уште 500 километри. Најмалку уште толку. Чувството на слобода, на неограничена мобилност, способноста на автомобилот да се соочи со секаква подлога и успешно да изврши секаква мисија, тоа прави Highlander да биде посебен. Ако други автомобили со потекло од другата страна на океанот не ви се допаѓаат, поради тоа што се „американски“, кај оваа Toyota се случува спротивното, Highlander одушевува со тоа, колку американското кај него е добро.

Хајлендеров е создаден да ја извози цела Америка од Исток од Запад, во еден потег, по планини и долови, по пустини и по автопати

Пријатно изненадување е кога крстосувачот ќе се потера побрзо по земјен пат. Подвојето е тотално имуно на нерамнините, тие одвај дека се пренесуваат на каросеријата, земено дека сепак се вози надвор од асфалт. Во такви услови, Highlander е чувствителен на нерамнините исто колку што танкер е чувствителен на бранови високи по неколку метри.

Во поглед на конкуренцијата што е достапна на европскиот пазар, Highlander им парира на Jeep Grand Cherokee (само дизел), како и на Kia Sorento, Ford Explorer и Volvo XC90, кои исто се достапни со хибриден погон. Реална претстава, каде точно е позициониран Highlander, се добива кога ќе се имаат предвид и неговите конкуренти во Америка. Меѓу нив, најмногу се издвојуваат две имиња: Volkswagen Atlas и Kia Telluride. Овие два модели имаат поголема каросерија од „европските“ Touareg и Sorento, но имаат и подостапна цена од нив. Тоа е американската формула во оваа класа: Highlander е џиновски СУВ-автомобил, што речиси не познава граници во поглед на функционалноста и опременоста, со средна категорија на моторизација, комфорен, стилски, но пак необврзувачки, за човек да не мора да се мисли дали ќе прилега ако седне во својот СУВ со „скинати фармерки“.

Тоа го создава главниот шарм на оваа Toyota. Во цената повеќе учествува неверојатно богатата опременост, отколку некакви полирани панели со пијано-лак финиш или амбиентално осветлување што го отчитува пулсот на возачот и вклучува соодветно светлосно сценарио. Во Македонија се нудат единствено двете топ-нивоа на опременост, Executive и Luxury, вклучувајќи и варијација Luxury Premium. Значи, нема почетно ниво Active како кај RAV4, со погон напред, што чини 35.490 евра во хибридната варијанта, туку Highlander старува директно на врвот. Тоа е стратешка одлука, со којашто Toyota се поштедува од канибализација во сопствените редови. Таму каде што завршува компактниот СУВ, презема моделот од средната класа. Моделските изведби на Highlander што во ценовникот на Тојота Авто Центар се наведени како Luxury и Luxury Premium, одговараat на нивоата на опременост Hybrid Limited и Hybrid Platinum за американскиот пазар.

Кога големава Toyota би била недвижнина, тогаш тоа ќе биде луксузен ранч, со голем нагласок на животната средина и одржливоста

Како изгледа секојдневието во Toyota Highlander и за животот во сето ова изобилство од опрема и луксуз, најверно може да отслика следнава споредба: Кога американскиов СУВ би бил недвижнина, тогаш тој би можело да се замисли како луксузен ранч, сместен некаде во најубавите мариовски предели, со покриен простор за живеење што мери најмалку еден хектар, нормално со по еден базен на отворено и еден на затворено, со коњушница, па потоа со куглана, билијард, секој по своја замисла – со мало, но важно надополнување. Овој „луксузен ранч“ на четири тркала е интелигентен луксузен ранч, што речиси целата потреба од храна ја покрива од сопствено производство од фармите и градините, а исто така голем дел од потребата од енергија покрива од сопствено производство од одржливи извори, што значи од сонце, вода, ветер. Евентуално и од биомаса, ова сепак е ранч. „Интелигентното“ секако се однесува на хибридниот погон.

Мала претстава за тоа, што следува во оваа несекојдневна Toyota: Стаклениот покрив има површина од близу два метри квадратни, поради што отворањето и затворањето на стаклото или на завесата трае колку кај кабриолет; Средишниот дисплеј има пречник од 12,3 инчи, тоа е големина колку кај подостапен лаптоп; На истиот тој дисплеј се прикажуваат цели „филмови“ за работата на хибридната погонска спрега, анимациите се импресивни, вклучувајќи и приказ за погонот на сите тркала, при што точно се гледа дали задната оска во моментот учествува во погонот или мирува; Озвучувањето JBL, моќно 1,2 kW, вдомено е со 11 звучници и посебно е проектирано за моделот; Средишниот ретровизор е дигитален, односно е дисплеј со висока резолуција, со зумирање, осветлување, прикажување помошни линии, ноќен режим; Седиштата напред имаат грејачи, но имаат и вентилација, со по три степени; Возните информации се проектираат врз ветробранот на површина од 10 инчи; Четири камери го создаваат приказот на возилото од птичја перспектива, со највисока резолуција и максимално верно – кривење на вратот нема да се случува во овој автомобил; Задниот поклопец се отвора со замавнување со стопало под браникот; Ветробранот има екстра звучна изолација, затоа што внатре е тивко, никој не сака да го слуша дизелот на автомобилот напред. Тоа е веројатно една десетина од луксузните ставки што доаѓаат со овој автомобил.

Импресивно е во поглед на безбедносната опрема и функциите. Ако пешак или велосипедист минува зад возилото, а возачот не забележува, Toyota запира самостојно и прикажува едно големо и црвено „brake“ на средишниот дисплеј. Приспособливиот темпомат подзабавува и забрзува самостојно, ги следи свијоците по автопатиштата, исто така запира целосно зад колона на семафор или патарина. Темпоматот ја има способноста да подзабави, ако свијокот е преголем, за веднаш по свијокот повторно да го забрза Highlander. Светлата секако дека користат исклучиво диодна техника.

Огромна е разликата во цената со моделите од премиум марките, кои само со бројни доплати можат да го достигнат нивото на опременост како кај Toyota Highlander – таа ќе беше уште поголема, доколку државата не се мешаше со високи даноци

Сиот овој луксуз е достапен и кај моделите на премиум марките, од рангот на GLE и X5, кај сопствениот Lexus RX L 450h, уште повеќе, но разликата секако дека е во цената. Тоа што Toyota Highlander го нуди за 55.990 евра во „основната“ изведба Executive, кај премиум моделите без проблем ќе почнува со осумка или деветка во цената. Во топ-нивото Luxury Premium, големата Toyota чини 66.990 евра. Државата заработува најмногу од цената на овој автомобил. Како пример, за автомобил што во нормални средини би чинел 50.000 евра, македонската држава дополнително наплатува данок на моторни возила – дури и за СУВ со хибриден погон како Highlander, со емисија на СО2 од само 124 грами (!) на километар, државата наплатува екстра најмалку 10.000 евра на име данок на моторни возила. На тоа дополнително следат уште 100 евра, на име екологија. Државата никако не пропушта да наплати давачки на автомобил како Toyota Highlander Hybrid, што е беспрекорно чист, особено во споредба со багателните „џипови“ од бугарските авто-ниви, кои Европа одамна ги исфрли поради загадувањето што тие го предизвикуваат. На 1-ви јануари лани, македонската држава ја укина привилегијата на хибридите, за нив да не се плаќа акциза, тогаш преименувана во данок за возила. Оттогаш, хибридите се третираат исто како обичен дизел, најчесто со лажирано чист издув.

Toyota Highlander е повеќе американска и од СУВ-моделите на американските марки

По последново поглавје, да им се вратиме на убавите работи. Toyota Highlander донесува важно освежување на европската автомобилска сцена. Наспроти американските марки, кои е факт дека „кризираат“ веќе со децении и тоа се забележува и во нивните автомобили, Toyota со Highlander создаде вистински „американски“ СУВ, кој не само што не заостанува во ниту едно подрачје зад заедничкото темпо на браншата, туку и реално ја диктира играта. Беспрекорно осмислената Toyota по принципот на Big is beautiful, го донесува својот шарм во непроменета форма и пред европските возачи. Тоа што Toyota го прикажува со својот Highlander е демонстрација на нејзината глобална моќ. Овој СУВ е автомобил што освојува, што носи сопствена свежина со различноста, но во едно останува непроменет. Highlander е пред сé Toyota.

Технички податоци · Toyota Highlander 2.5 Hybrid AWD-i e-CVT

Погон: Хибриден погон, AWD-i погон на сите тркала
Пренос: e-CVT, безстепен менувач
Мотор: 4 цилиндри, 16 вентили, VVT-iE, VVT-i
Работна зафатнина: 2487 cm3
Моќност на мотор: 190 КС при 6000/min
Вртежен момент: 239 Nm при 4300-4500/min
Моќност на преден електромотор: 182 КС
Моќност на заден електромотор: 55 КС
Вртежен момент на електромотори: 270 / 121 Nm
Системска моќност: 248 КС
Максимална брзина: 180 km/h
0-100 km/h: 8,3 s
Потрошувачка, просек (WLTP): 6,6-7,2 L/100 km
CO2, просек (WLTP): 149-163 g/km
Димензии: 4966 х 1930 х 1755 mm
Меѓуоскино растојание: 2850 mm
Растојание од подлога: 202 mm
Тежина на празно возило: 2050-2130 kg
Вкупна дозволена тежина на влечна композиција: 4720 kg
Тежина на приколка: 2000 kg
Багажник: 305 / 838 / 1909 литри

Кон официјалната страница за моделот на Тојота Авто Центар

https://www.toyota.com.mk/model/highlander/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Македонска премиера: Opel ја прави најдобрата Mokka

Овој автомобил е Ц-витамин за Мерцедес