за

Македонска премиера: Opel ја прави најдобрата Mokka

Првата презентација на нов модел пред медиумите по разлабавувањето на правилата за дружење ѝ припадна на Opel Mokka, од новата марка во портфолиото на Еуроимпекс.

Погодена симболика во името на новиот модел на Opel што денес имаше презентација пред македонските медиуми. Mokka јасно асоцира на мока, односно мокачино, вид на подготовка на кафе, а „правењето кафе“ во комплетно друштво е меѓу првите работи што се ставаат на дневен ред по новото разлабавување на правилата за дружење. Ова е втора генерација на моделот, Mokka е сменета во секој поглед.

Многу се смениле работите во меѓувреме, откако браншата последен пат претставуваше нов модел. Повеќе нема микрофони и долги говори со суперлативи за новиот модел, нема ниту печатени материјали, ниту пак има затворање во големи хали со вештачко осветлување и уште повештачка климатизација. Место тоа, новите модели се претставуваат во дебармаалско кафуле, на чист воздух и на сонце, во „природна“ средина што ја цениме откако некои нови правила до пред извезно време правеа таа да не ни биде достапна кога ќе посакаме.

Уште поважно од тоа е дружењето. Денешното дружење беше по повод почетокот на продажбата на втората генерација на Opel Mokka. Германската марка исто така во меѓувреме се вдоми под Еуроимпекс, нов увозник за Opel. Ова моделско име постигна одличен успех на македонскиот пазар, иако во својата прва генерација тоа потекнуваше од времето на Daewoo/Chevrolet и користеше техника на корејскиот производител. Тоа што за Opel беше Mokka, за Chevrolet беше Trax.

Кампањата за новиот модел на Opel порачува „Помалку нормално. Повеќе Mokka“ – тоа е во смисла на рецептот за мока, со кафе и чоколадо

Новата Opel Mokka е комплетно нова, со техника од PSA, концернот на Peugeot. Mokka број 2 има дури и поголемо стратешко значење од традиционалната Corsa. На германската марка ѝ е потребен уште еден модел, покрај Corsa, што ќе постигнува повпечатливи продажни бројки. Не може да се погрешни дека станува збор за новиот модел и воедно за нов Opel. Овој автомобил прв го доби новото лице на Opel, со нагласок на хоризонталните и прецизно извлечени линии, на динамиката. Mokka е автомобил со карактер.

Opel Mokka ја имаше својaта македонска премиера во кафулето Casa Bar во Скопје, во спортската варијанта GS, меѓу другото препознатлива по црниот покрив и црвените акценти

New photo by Automedia MK / Google Photos

Должината е смалена во споредба со претходникот. Тука станува збор за 4,15 метри, што е 13 сантиметри помалку. Дури и Crossland, СУВ-изведбата на база на Corsa, има поголема должина. Mokka ја користи истата платформа како Peugeot 208 и 2008, значи CMP-платформата на концернот PSA. Меѓуоскиното растојание е зголемено незначително, а кабината нуди речиси исто простор колку Mokka I и покрај покусата каросерија. Багажникот има зафатнина од 350 литри, односно 1.105 литри со соборена клупа.

Тежината е намалена за 120 килограми, што се должи најмногу на интелигентната лесна конструкција. Големиот напредок во овој поглед е направен првенствено поради електричната изведба Mokka-e. Кон крајот на годината, таа се очекува да стартува и на македонскиот пазар.

Новата Mokka е забавна, ефикасна и иновативна. И со право го носи слоганот „Помалку нормално. Повеќе Mokka. Овој модел го комбинира елегантното и чистото визуелно искуство со моќната експресивност. Секој детаљ на новата Mokka е внимателно креиран и осмислен така да се допадне на потенцијалните клиенти уште по првиот поглед. Се надеваме дека овој модел ќе им се допадне на клиентите и дека ќе предизвика во нив емоции кои дизајнерските експерти ги предвиделе при креирањето на истиот
Кирил Воиновски, Генерален Директор во Еуроимпекс

Понудата од погонски единици ја сочинуваат 1,2-литарскиот турбо-трицилиндарец со 100 КС или со 130 КС, соодветно со 205 и со 230 њутнметри вртежен момент, и 1,5-литарски дизел со четири цилиндри, со моќност од 110 КС и вртежен момент од 250 Nm.

Opel ја позиционира Mokka повисоко во однос на Crossland X, што се препознава и во стилот, но и во спецификацијата, односно во опремата и во завршната изработка. Тоа станува јасно со дводелниот дигитален кокпит, односно со двата големи дисплеи (пречник 7 инчи, 178 милиметри), што ги поседува секоја Mokka. Секако дека во повисоките нивоа на опрема уште повеќе „владеат“ дисплејите, кои таму се водат како „Pure Vision“. Некој ќе се радува и на тоа што во Mokka уште има по некој прекинувач и контролер.

Бидејќи станува збор за модел со повисока спецификација, основната моделска изведба веќе ги вклучува суштинските ставки: Покрај двата дисплеи за радиото и за „инструментите“ од 18 сантиметри, стандардно следат уште диодни предни светла, клима уред, систем за следење лента и предупредување при опасност од судир. Имајќи предвид дека моделот на германскиот пазар стартува над 20.000 евра, големо е изненадувањето за цената на оваа моделска изведба во Македонија. Еуроимпекс комуницира цена од 17.920 евра за Mokka со 1.2-литарец со 100 КС, со 6-степен мануелен менувач и систем старт-стоп. Тоа е мошне „офанзивен“ настап за новиот Opel – разликата во цената со Crossland (со 83 КС, ниво Edition) изнесува околу 2.600 евра, наша претпоставка е дека изборот на купувачите почесто ќе паѓа на Mokka, отколку на подостапниот Crossland.

Ефектот на добра Mokka: Врвно расположение меѓу домаќините на денешниот настан

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дури седум нивоа на опрема ќе им стојат на располагање на македонските возачки и возачи. Второ ниво е Edition, коешто додава уште тркала од лесен метал, потоа следи Elegance, со тркала од 17 инчи, со поддршка за Apple Carplay и Android Auto, автоматска клима и камера назад. Варијација е Elegance Business Pack, дополнително со навигација, пристап без клуч и различен дизајн на тркалата.

Спортските варијанти се GS и GS Line, кои се препознаваат по црниот покрив, затемнетите задни стакла и по можноста за избор на спортска програма за возење. Врвот во гамата се моделските изведби Ultimate, со тркала од 18 инчи во две бои, со два дисплеи од 10 и 12 инчи, со алкантара на седиштата.

Дилерската мрежа ја сочинуваат „Аутомакедонија“ во Скопје и „Ауто Цем“ во Тетово.

Opel Mokka очекуваме наскоро да пристигне на тест во Аутомедиа.Нњ

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Темпо 30 низ град е најдобар одговор за поскапувањето на горивата

Тест: Toyota Highlander 2.5 Hybrid Luxury Premium