за

Темпо 30 низ град е најдобар одговор за поскапувањето на горивата

Од Илинденска бб се решаваат за ново зголемување на висината на акцизата за горивата, повикувајќи се на заштитата на животната средина. Со драстично намалување на потрошувачката на гориво, граѓанките и граѓаните на Македонија навистина можат да возвратат на овие мерки за „заштита на животната средина“. Што навистина стои зад елегантното посегнување по акцизите за горивата?

Грижата за животната средина одненадеж прерасна во клучен интерес на Илинденска бб. Последното зголемување на акцизата единствено има за цел да се собираат од народот уште повеќе пари за државната каса, додека на истиот тој народ му се порачува дека тоа е за негово добро, за подобрување на животната средина. А, што ако секоја возачка и возач решат драстично да ја смалат потрошувачката, исто така во „корист на заштитата на животната средина“?

Глетката од Илинденска бб директно кон булеварот сигурно им шири насмевка на тамошните службеници на народот. Автомобили јурат со светлосна брзина место со нормалното градско темпо 50, многумина се впуштаат во трка со семафорот и ги „притискаат“ своите тешки лимузини, останатите се тркаат меѓусебе, да докажат чиј автомобил е посилен и поспособен за трка. Ако некој појде помалку ентузијастички кога ќе се пушти семафорот, веднаш се слушаат сирени одзади, затоа што такво однесување е непримерно за скопските аутобани и автописти. Мора да се поаѓа бурно, мора да се вози колку може побрзо, „трката“ не смее да се изгуби.

Зошто таквата глетка ги радува службениците на народот на Илинденска бб? Затоа што таквото возачко однесување, таквиот воспоставен манир на возење низ скопските улици, повлекува драстично повисока потрошувачка на гориво на секое возило во таа сообраќајна река, на целиот возен парк во градот, а на крајот и во државата. Нема потреба од посебни истражувања, експертизи или образложувања. Колку повеќе се троши гориво во Македонија, толку повеќе пари се собираат во државната каса од наплатата на акциза од потрошеното гориво, толку повеќе пари им стојат на располагање на службениците на народот на Илинденска бб. Така има повеќе пари за сите службеници и неслужбеници од партиска провиниенција што се на платен список кај државата Македонија, така има и многу пари за евтини проекти што се наплаќаат скапо, има пари и за комисии, советници, докажано е дека фантазијата на нашите службеници на народот на Илинденска бб не познава граници.

Но, колку точно учествуваат акцизите во цената на моторните горива? Од 6-ри април 2021 година, износот на акциза за Еуросупер БС 95 и Еуросупер БС 98 изнесува 22,00 денари на секој еден литар гориво, за Еуродизел БС и масло за горење изнесува 17,50 денари, за мазут изнесува 0,1 денар по килограм.

Секој возач што годишно минува во просек по 10.000 километри, на име на акциза на државата ѝ издвојува по една реално просечна плата

Чисто за пример, колку еден возач на патнички автомобил што во просек троши 10 литри бензин на сто километри, ѝ плаќа акциза на државата, доколку во годината тој поминува 10.000 километри со својот автомобил? Тоа се 1.000 литри бензин за една година. Илјада литри бензин помножено со 22,00 денари од секој литар, дава 22.000 денари. Толку пари, секој возач како од примеров, годишно уплаќа на Илинденска бб на име акциза.

Ако пресметаме, не за еден, туку за 10.000 возачи, тогаш добиваме многу „помрсна“ бројка. Десет илјади возачи, секој по 22.000 денари, тоа дава вкупно 220.000.000 денари, односно позвучно 220 милиони денари. Ако пресметаме повторно, не за 10.000 возачи, туку за 100.000 возачи, тогаш државата од возењето на сите овие возачи, за една година наплаќа 2.200.000.000 денари – на име акциза. Значи, станува збор за 2 милијарди и 200 милиони денари. Во „наши“ пари, тоа се повеќе од 35 милиони евра!

Според статистиката од 2019 година, во Македонија имало регистрирано 426.045 патнички автомобили. На тоа следат уште 11.987 мотоцикли, 3.144 автобуси, 38.048 товарни возила, 5.610 влекачи, 1.903 трактори, 619 работни возила. Нас нé интересираат патичките автомобили. Повторно груба и тотално неточна пресметка, но добра за ориентација: 426.045 патнички автомобили минуваат годишно во просек по 10.000 километри, и заокружено за бензинците и дизелите заедно, на име на акциза, на државата ѝ „уплатуваат“ по 15.000 денари. Износот во тој случај вели 6.390.675.000 денари, односно заокружено 6,4 милијарди денари или повеќе од 100 милиони евра.

Ако Илинденска бб вели да внимаваме на животната средина и ни ги поскапува акцизите, тогаш вистински да внимаваме на „животната средина“

Се враќаме на идејата за темпо 30 низ град. Доколку со внимавање за потрошувачката на гориво, сите возачки и возачи во Македонија успеат да постигнат просечно намалување на потрошувачката за една третина, тогаш во државната каса би се слеале околу 30 милиони евра помалку пари од граѓаните. Сето тоа во име на „заштитата на животната средина“, нормално.

Дали во случај на реализација на вакво трезвено сценарио, коешто патем одамна е станато реалност во цела ЕУ, нашите службеници во служба на народот на Илинденска бб повторно би се решиле ни да ја зголемат акцизата, за да компензираат?

Нашата редакција е подготвена, повикувајќи се на своето долгогодишно искуство и експертиза, да одговори и да даде совети за штедење на секоја возачка и секој возач што има интерес да ја смали потрошувачката во интерес на заштита на животната средина.

Да возиме грижливо „за животната средина“!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Приведени помошниците за бегството на екс-шефот на Nissan

Нови детали околу филмското бегство на екс-шефот на Renault-Nissan

Македонска премиера: Opel ја прави најдобрата Mokka