Чистиот воздух некогаш прераснува во луксуз, кој не може да се купи ниту за сите пари на светот. Освен, ако се поседува Bentley Continental GT, во отворена каросериска изведба. Со него може во секое време да се појде во релаксирачка потрага по чист воздух – и не чини колку за сите пари на светот, но е блиску
По околу една година од купето, Bentley ја најавува и кабриолет верзијата на Continental GT. Луксузниот крстосувач со четири седишта под отворено небо е развиван заедно со купе изведбата и ќе стартува со испорака веќе во следната пролет.
Единствената, но воедно и најзначајна разлика во споредба со гран-туризмо купето е во платнениот покрив. Тој може да се спушти или подигне при брзини до 50 km/h, а трансформацијата трае само 19 секунди. Техничарите на британската куќа постигнале толку добра изолација во платнениот покрив, што акустичниот комфор е на исто ниво со купе-каросериската изведба од претходната генерација на Continental GT.
Моќноста од 635 КС повеќе ја раздвижува душата отколку што ќе се искористи за џентлменски стартови на семафор или престигнување заради уживање
Под хаубата нема разлики со купето, таму работи шестлитарски V12 со моќност од 635 КС и вртежен момент од 900 њутнметри. Преносот на сила го презема осумстепен менувач со двојна спојка, погонот на сите тркала работи комплетно варијабилно.
Каросеријата е за 20 проценти полесна од претходникот, а во исто време е за пет проценти поцврста. Тежок солидно над два тона, четириседот со мек покрив спринтува од место до темпо сто за 3,8 секунди. Крајната брзина изнесува 333 километри на час.
Место стандардните бандажи од 21 инч може да се доплати за еден инч повеќе. Приспособлива амортизација и систем што спречува наведнување на каросеријата во сите правци, вклучувајќи 48-волтна мрежа.
Вентилатори во седиштата се грижат да биде топло околу вратот и зиме
Внатрешноста е широкоградо обложена со најскапа кожа. Инструментите користат дигитална техника, во средина се наоѓа дисплеј од 12,3 инчи. Покрај сета комфорна, функционална и луксузна опрема од купето, отворената верзија дополнително поседува греење на вратот, коешто работи потивко и поефикасно од претходно.
За жешка атмосфера може да се погрижи и озвучувањето, кое во најскапата изведба постигнува 2.200 вати и ечи преку 18 звучници. За каросеријата може да се избира меѓу 17 бои, а само две бои помалку се на располагање за патосниците и за кабината. Доколку не се најде соодветна боја, на помош стои сопствениот специјалист за исполнување на соништата на клиентите, традиционалниот Mulliner.
Ситуацијата во седиштето на марката во Кру не беше посебно сјајна во минативе неколку месеци. Преоѓањето на новиот циклус за мерење на потрошувачката и емисијата WLTP им предизвика големи главоболки на Британците. Поради неизвршената хомологација, Bentley е во кусок со испорака на околу 400 примероци од суперексклузивниот теренец Bentayga, а застојот се рефлектираше и врз испораката на купето Continental GT. Третиот квартал донесе загуба од 130 милиони евра. Во меѓувреме се надминати проблемите со хомологацијата според новата „светска“ и многу пореална норма. Од кабриолетот се очекува да даде нов поттик за претстојниот период.
Нов изглед на најстариот салон на Bentley во светот
Bentley Bentayga е првиот луксузен хибрид во светот
Идниот Bentley Flying Spur на платформа од Porsche Panamera
Bentley Bentayga во трка до облаци на Пајкс Пик