за

А, од кого препишуваат англиските, германските, српските авто-портали?

од кого препишуваат автомобилските портали
од кого препишуваат автомобилските портали

Без одолговлекување, заедничкото мото на македонските автомобилски „медиуми“ е: Кога некој работи добро, ти спречи го да работи добро и повлечи го на твоето ниско ниво. Тоа е водечката идеја што со години наназад спречува нормални медиуми да ја извршуваат својата природна функција и да учествуваат во создавањето и водењето на автомобилската сцена во Македонија.

Во стил на познатиот виц со рецептот за торта. Како автор во македонски портал за автомобилизам почнува да пишува вест од својето подрачје на специјалност? Многу лесно. Отвора српски портал за автомобили и почнува да „работи“… не поради тоа што српските портали се нешто посебно квалитетни, туку поради тоа што експертизата досега толку. Истото важи и за англиски вебсајт, иако за тоа се потребни екстра познавања, а истото важи уште повеќе за тоа што по формата личи како магазин за автомобили, но место да се продава во трафика, ќе се најде во берберница, или на маса во чекална во автомобилски сервис.

Препишување, масовно крадење и преведување туѓи објави, па дури и тоа невешто и без основно познавање странски јазик… сочекување друг да ја објави веста прв, за неколку минути подоцна да ја пласираш сопствената вест, со цел истата да се појави највисоко на агрегаторите на вести и на тој начин да се „поттикне“ читаноста на истата… масакрирање на темелно спроведени истражувања и студии, коишто некоја сериозна редакција ги добива како претплатник на агенциски сервис и ги објавува во нивната целосна форма, за некој „медиум“ да искористи/украде неколку параграфи и својата верзија да ја пушти по десетици групи по социјалните мрежи.

Големите новинари кои некогаш беа новинари, а денес им е мачно да го изговорат и „н“ од името, за тоа зборуваат дека е класично загадување на медиумскиот простор. А, кога уредникот ќе се јави кај препишувачите, оттаму се оправдуваат дека биле „позајмени само неколку редови.“ Нема да разберат, што им да им кажете.

Во услови кога насекаде се пласираат лажни вести, лош превод и неквалитетна содржина, публиката ги прескокнува и релевантните објави

На колку места само денес, во коментарите прочитавте критика насочена кон порталот, за објавената вест што нема ништо заеднично со логиката, а уште помалку со реалноста. Американскиот портал „onion.com“, своевремено предизвика сензација на светската медиумска сцена, откако започна да објавува измислени вести. Публиката се забавуваше од вештината на авторите да измислат веродостојно лажна вест.

И тогаш се појавија „новите новинари“, кои почнаа да ги препишуваат вестите од порталите од типот на „кромидот“. Тие не само што не знаеја дека станува збор за измислени вести, туку не беа способни ниту да проценат за што станува збор. Општо е познато дека локалните онлајн медиуми – и не само онлајн – никогаш не биле на пониско ниво, и тоа во време кога информацијата е достапна од секое место и во секое време. Тоа е сé, лажните вести се главниот проблем? Ниту оддалеку.

Од гледиште на некој што четвртина деценија е во автомобилските медиуми во Македонија, авторот на овој текст ќе ви го открие целиот „бекстејџ“. Но, за тоа секако дека прво треба да се вратиме во почетоците, во самите почетоци.

Човекот што го создава првиот македонски магазин за автомобили е Томислав Биљарац, боем, скопјаниште, космополит, бог да го прости. Во ноември 1993 година излегува првиот број на Ауто Плус, за кого „Томо“ се шегуваше дека бил сработен во неговиот тогашен „стојадин“. Прв соработник му е Зоран Коцев, кој денес е активен во автомобилизмот, но на сосем друга адреса. Ниту Ауто Плус повеќе не е магазин и денес излегува само како прилог на магазин за мажи, а од оригиналната редакциска постава остана само еден член. Но, прво требаше да се случат многу преседани, за работата да дојде дотаму.

Првиот број на Ауто Плус од ноември 1993 година
New photo by Automedia MK / Google Photos

Како еден од првите приватни медиуми во Македонија, неколку месеци по појавувањето на радио Антена 5, магазинот напредува со фантастично темпо. Канцеларијата на првиот кат во „печатницата“ набрзо станува претесна и по неполни две години од првиот број на магазинот, редакцијата се сели во многу поголем канцелариски простор, во истата зграда. На моменти, списокот на соработници брои дваесетина автори.

Венци, Жаре, Игор, Љубо, Зоран, Даниела, Тања, Александар, Валентин, Сашо, Рижо, многу имиња се појавуваат во историјата на Ауто Плус, денес автомобилските магазини функционираат според принципот еден-човек-за-сé

Постојано пристигаат автомобили на тестирање, се патува на автомобилски трки, Томо речиси постојано е на некоја презентација на нов модел, некаде во светот. Бразил, Франција, Италија, Африка. Еден од највредните критичари на автомобилската сцена, особено на мотоспортот, воедно и еден од првите уредници во магазинот, Венцислав Гашевски, почнува да работи повеќе на маркетингот, во исто време создавајќи непроценлива архива од фотографии од тогашните автомобилски трки. Сцената живее.

Така некогаш изгледаше импресумот во автомобилските магазини, во 1996 и 2000 година
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Жарко Атанасовски е уште едно големо име од историјата на Ауто Плус, исто така задолжен во повеќе сфери, од патување на презентации, до маркетинг. Се работи напорно, но има сатисфакција, не е тешко. Жаре денес објавува за клупскиот магазин на АМСМ, Венци повеќе нема допирни точки со медиумите, но секогаш има да каже добра критика. Игор Стефановски исто така е присутен од почетоците на Ауто Плус, а денес е активен во организирање настани со олдтајмери.

Како и во секоја голема историја, има и непријатни поглавја. Југослав Стојановски е едно од највредните пера што објавуваат во автомобилизмот во тоа време. Југо заминува да работи во Лондон, за светски позната консултантска компанија, кадешто врши пазарни анализи. Нормално, нашиот Југо успева и таму, кариерата му напредува. На патување кон новото дома, тој доживува сообраќајна незгода во Хрватска. Тој се опоравува од тешките повреди, во меѓувреме е ангажиран од друга консултантска компанија од подрачјето на автомобилизмот и се сели во Германија, каде продолжува да работи извесен период. Починува неколку денови по рутинска операција на нос, поради компликации, немаше ниту триесет години. Тој е нашиот „Џереми Кларксон“.

Сцената почнува да тоне веднаш откако во жирито на изборот за автомобил на годината пристигаат „автомобилиски познавачи“ од тогашните влијателни дневни весници; Тие стануваат експерти, вистинските ентузијасти паѓаат во сенка

Во меѓувреме, магазинот трпи од сопствените успеси. Ауто Плус го организира првиот избор на автомобил на годината во Македонија. Нормално, организацијата на изборот повторно е дело на Венци и Жаре. Во состав на првото жири влегуваат Биљарац како претседател, Коцев како секретар без право на глас, Љупчо Михајловски од Вечер, уште еден боем кој прерано замина пред две години, потоа Небојша Панзов од Нова Македонија, Зоран Јордановски од МРТ и Венцислав Гашевски, како уредник од магазинот.

Во втората година, Венци го напушта жирито, а има промена и во тоа што Коцев сега е со возачка дозвола, што значи дека и тој има „право“ да оценува околу автомобилот на годината. Како што врви историјата, Јордановски заминува во Дојче Веле и го напушта жирито, додека извесен Владимир Ристовиќ се вклучува во истото, потоа и Панзов излегува од жирито, откако преоѓа од Нова Македонија во приватна фирма за производство, по извесно време починува.

Претходно, Ауто Плус го организира првиот салон на автомобили, Авто Експо, во халите на сајмиштето што повеќе не постои. Халите се преполни, нема простор ниту на отворениот простор, многу фирми се незадоволни затоа што физички нема повеќе место на сајмиштето. Се продаваат повеќе од 60.000 влезници, иако вообичаено има уште илјадници заслужни граѓани и пријатели за кои влезницата не важи. Влезницата практично е билет за главното извлекување, во коешто награда се три автомобили.

Нашиот анонимен хроничар што верно нé потсетува на тие времиња, кажува дека „тоа беше голем салон на автомобили, голем, поголем од македонскиот пазар, со фабрички штандови и премиери од Женева, со фаќање врски да се добие подобро место… па и претседателот Киро Глигоров го отвораше салонот, со ВИП-гости, коктели…

Ауто Плус функционира ама баш фантастично, но е неопходно да се направи жртва, поради одржувањето на изборот, што од друга страна мора да постои. Главниот проблем е во тоа што за обезбедување на веродостојноста на изборот, во него мора да се вмешаат и други медиуми. А, како да најдете автомобилски експерти во тогаш влијателните дневници? Затоа мора да се „делегираат“ новинари.

Во следните изданија на изборот веќе се прави преголема, кобна отстапка. Како претставник од радиото пристига Агрон Сулејман, кој е дури и повеќе од коректен познавач на автомобилите и има кредибилитет во работава, но затоа жирито во меѓувреме вклучува „автомобилски специјалисти“ од подрачјето на црната хроника, домашната економија, ракометот…

Медиокритетот е стандард на работа, се што отстапува во позитивна смисла мора да се напаѓа и негира, за сопственото незнаење да не исплива на површина

Изборот на автомобил, поточно составот на жирито што во последниве години учествува во истиот, се покажа како фабричка грешка, што направи целата сцена да се испреврти наопаку по само неколку години од основањето на жирито и да остане таква до денес. Поставен на солидни основи, од човек што ги сакаше автомобилите и живееше за нив, изборот денес се гледа на потсмев, како од повеќето дилери, кои „природно“ би требало да учествуваат во истиот, така во уште поголема мера во јавноста. Се спомнуваат цени, две илјади, три илјади евра за титула, плус платен одмор со семејството… Зарем тоа не е понижувачки, не (толку) прашањето околу купувањето на тутулата, колку цената… Дури има и издржани констатации дека награда добива секој што ќе пријави автомобил во изборот. А, работата со автомобилите некогаш претставуваше големо уживање и носеше огромна сатисфакција. Целата медиумска автомобилска сцена денес го носи тој белег.

Автомобилизмот е работа на ентузијазам, на емоции, нешто што не може да се научи да се сака. Секако дека и публиката се раководи според истиот принцип на ентузијазам и препознава безгрешно кога ѝ се сервира содржина, од којашто авторот можеби разбира десетина проценти. Публиката разбира и препознава кога ја мамат, многу подобро отколку што се надеваат автомобилските експерти што дури и препишаното го утнуваат. Назад, на нашата историја…

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во меѓувреме, на медиумската сцена се подготвува да стартува „Ауто Билд Македонија“, како прв лиценциран магазин на овие простори. Авторот на текстов заминува од „Ауто Плус“ и ја презема функцијата на главен уредник во ценетиот германски магазин. Трансферот е можност за враќање на веродостојноста на автомобилската експертиза, во време кога сцената треба да верува дека таа му припаѓа на таканареченото национално жири за избор на автомобил. Магазинот успева и во следните две и пол години бележи постојан раст на читаноста, па дури се вклучува и во европскиот избор на автомобил на годината во рамките на групацијата, Ауто 1.

Вистинските автомобилски ентузијасти што работеа на оригиналниот Ауто Билд Македонија се заменети со заслужни граѓани од тимот на МПМ, кадешто своевремено завршуваат многу партиски вработувања; Да не заборавиме, станува збор за автомобилизам

Германскиот магазин сепак е само „жртвено јагне“ и како предмет на претходно смислено сценарио преоѓа под тогашниот медиумски гигант МПМ, кој набрзо треба да добие нов сопственик. Во игра се странски политичари, а постоењето на лиценциран магазин во издавачкото портфолио има за цел да ја зголеми цената на зделката. Ауто Билд подоцна потпаѓа под српската филијала на „ВАЦ“, уредник станува извесен Керим. Точно така. Сето тоа веќе одамна е во историјата, печатени дневници од тој ранг не се повторуваат.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Еден невешт издавач тогаш препознава шанса да излезе од анонимност, додека медиумската сцена е полупразна. Ликот е извесен Александар Попов, кој во периодот пред Ауто Билд Македонија да премине под МПМ, се мушка во канцелариите кадешто се подготвува македонското издание на германскиот магазин и ги користи услугите на графичарите, да работат на неговиот Е-Спорт, кој не е многу повеќе од ентузијастичка замисла за магазин. Тоа е месечно издание за спорт, со минорна читаност и со единствена реклама од еден производител на минерална вода и можеби од интернет-провајдерот. Во основа, проект со однапред познат исход.

Дотогашниот уредник на Ауто Билд Македонија, авторот на текстов нели, додека новиот сопственик на магазинот поставува нов тим, во најголем дел партиски вработувања, прифаќа сосем различен предизвик и почнува да работи на новиот автомобилски портал Vozi.com.mk, заедно со стариот редакциски тим, вклучувајќи го Љубомир Анастасовски. Тогаш се јавува извесниот Попов, со понуда којашто автор со дваесетгодишно искуство во автомобилски магазини нема да ја одбие. Тоа е порив.

Автомобилските медиуми долго време се заложници на извесен издавач на магазин за автомобили, кој всушност сонува да пушти „магазин за женски крпчиња“; Сите изданија што ги финансира автомобилскиот магазин пропаѓаат, место да се шири автомобилска култура, до јавноста не допира ништо

Попов има идеја, во Е-Спорт да се печати прилог за автомобили на осум страници. Понудата е прифатена, содржина се испорачува, таа им се допаѓа на читателите, им се допаѓа и на дилерите на автомобили, кои почнуваат да се рекламираат во дотогаш анонимниот магазин. По само неколку месеци, прилогот прераснува во посебен магазин за автомобили, Ауто Фокус.

Новиот магазин во основа го продолжува започнатото со Ауто Билд Македонија, сепак е ангажиран уредникот од магазинот. Но, во тоа време уште никој не знае за намерите на Попов. Додека Ауто Фокус објавува содржини што привлекуваат публика и истото го признаваат и дилерите на автомобили, кои го подржуваат магазинот преку објавување реклами, средствата што ги заработува магазинот се вложуваат во експерименти со потенцијално фрустрациска природа, место во натамошно напредување на магазинот.

Секој уредник што ќе препознае дека неговиот труд се злоупотребува за реализација на нечии чудни потреби, неодложно си заминува од медиумот. И така бидна со првото уредништво на Ауто Фокус

Магазин за компјутери Клик – пропаднат, магазин за тинејџерки Јуник – пропаднат, портал за тинејџерки Нотформен – пропаднат, видеопортал за автомобилизам Аутовизија – пропаднат, вклучувајќи го и првото издание Е-Спорт – кој не доживеа различна судбина и исто така е – пропаднат. Најголемата иронија е во тоа што големите издавачки имиња на македонската медиумска сцена, никогаш не беа свесни за случувањата во издавачката куќа со принципот на еден-човек-магазин.

Веројатно не постои издавач во историјата што има повеќе неуспешни изданија. Автомобилите носеа приход од реклами, но се вложуваше во проекти кои личи како да биле замислени уште во детството. И нормално е што сé се урна како кула од карти.

Од денешен аспект, тоа е едно поглавје за коешто искусните македонски издавачи слатко ќе се изнасмеат. Не поради друго, туку поради апсолутната анонимност на целиот овој несреќен потфат. Магазинот Ауто Фокус уште се печати, уште според принципот на еден човек за сé, во најголемиот дел со препишување на темите и објавите од неговите почетоци, а остатокот со наивно преведување на соопштенијата за медиуми што ги објавуваат производителите, со сите суперлативи и епитети кои се содржани во истите.

Место да се подржуваат медиумите кои реално допираат до публиката, што во случајот на онлајн медиумите е мерливо, се подржуваат аматерски магазини со еден-човек-редакција, кои настапуваат со лажни тиражи и празни ветувања

Вистинска мистерија е зошто некои дилери ги подржува автомобилските магазини, кои не се друго освен одамна пропаднати проект, во услови кога реална публика и вистинска корист од интеракцијата со публиката може да се добие буквално кај најмалку посетениот локален автомобилски портал. Но, проблемот е друг. Со ова постапување по инерција и подржување на магазините само поради тоа што се магазини, иако никој не ги забележува, практично се сопира напредокот на целата автомобилска сцена.

Тоа е подршка на проекти кои (докажано) не водат кон друго освен кон пропаѓање. Медиумите од сферата на автомобилизмот, кои се поставени врз реални основи, практично се заложници од постоењето на магазините со Ауто или Авто во насловот (или прилогот), кои не допираат до публика, а уште помалку до продажните пултови, но затоа поддршката што дилерите ја искажуваат кон нив, од некои само ним разбирливи причини, оневозможува и попречува сцената да се движи нанапред.

Феномен е тоа што сите пропаднати издавачи, а во одредени случаи и неуспешни маркетиншки агенции, продолжуваат да се препрелкаат дури откако се вмешуваат на сцената на автомобилските медиуми. Извесен издавач на магазин за мобилни телефони Моби, нормално пропаднат, долги години објавува/препишува нерелевантни информации од сцената – „фамозниот Коли-ком-мк“. Случајот со Е-Спорт и Ауто Фокус е ист. Ауто Плус исто така е преземен од сопственик на маркетиншка агенција, но само името. Некогашниот тим или целосно изгубил волја за медиумската работа или прешол во други медиуми.

Секако дека не станува збор за никаков феномен, туку за форма на наивност. Дилерите на автомобили, на чијашто добра волја во основа се темелат постоењето и напредокот на одреден медиум, било да е тоа печатен или електронски, веруваат дека публиката сака да ги чита беспрекорно составените соопштенија за медиуми, подготвени од самите фабрики, кои не се друго освен бајки; Тоа публиката го препознава и не го чита, а поддршката искажана кон невлијателни медиуми води кон тоа целата сцена да замира

А, што е со нашите спортисти и црнохроничари, од коишто ни зависи важното национално достигнување, како што е изборот на автомобил на годината во Македонија? Изданијата што им дадоа „кредит“ на извесните експерти, веќе одамна не постојат. Денес, тие објавуваат како блогери, со тоа што во најголем дел препишуваат од autorepublika.com или blic.rs, а мошне е лесно да се распознае кога содржините се препишуваат од англиски авто-портал. Од тоа гледиште, изборот на автомобил на годината повеќе не може да се води како таков, туку е најверно да се преименува во „блогери гласаат за најубав автомобил“.

Пример од утрово, извесен „24“ кој нема ништо заедничко со телевизијата, објавува вест од соопштение што е издадено пред повеќе од една седмица, во исто ден и по само 20 минути од нашата објава; За среќа, алгоритмите на time.mk се доволно интелигентни да спречат такви обиди да се „прегази“ оригиналната вест
New photo by Automedia MK / Google Photos

Најважното прашање: Колку се почитува општата професионална и посебно новинарската етика, и колку вистинските медиуми можат да функционираат во актуелните услови? Николку. Прво е проблемот со „претркувањето“ кај агрегаторите на вести, од рангот на time.mk, кој локално постигнува ниво на посетеност и функционалност како ретко кој друг агрегатор, можеби и во светски рамки. Некои портали чекаат прво другите да објават вест што на првиве им е ставена на листа на чекање, па по објавувањето нивната е пласирана најгоре. Но, зарем тоа не говори за друго, освен за отсуство на сопствена публика? Покрај тоа што се нарушуваат основните принципи на новинарската/медиумската етика. Последен пример: Извесни портали (читај 24) почнале да користат таканаречен „аларм за објава“. Кога ќе објавите нова содржина на порталот, „извесните“ добиваат аларм и во истиот момент ја објавуваат својата содржина, очекувајќи дека публиката ќе ја чита нивната содржина. Зарем тоа не е по малку болно?

Групите на фејсбук се буквално преплавени од пуштање на сопствените објави од „авторите“, дури се прават и лажни профили што ставаат допаѓања на објавите

Втората злоупотреба е кога самите автори си ги пуштаат објавите по групи на фејсбук, поврзани со одредена марка или општо со автомобилска тематика. Тоа не е друго, освен паничен крик „аман, читајте ме“. Затоа, кога ќе наидете на објава од домашен портал по групите на фејсбук, огромна е веројатноста дека истата е пуштена од авторот на објавата. Без повторно да влегуваме во потеклото на објавата. Уште една варијанта на злоупотреба е кога се отвора лажен профил, кој потоа се користи за „авторот“ сам да си стави допаѓање на сопствените објави. Излегува дека „најголеми“ читатели на сосила-порталите се авторите. Веројатно и единствени.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Bentley Bentayga Hybrid

Bentley Bentayga почна да вози со хибриден погон

Автобуси без возач на двокилометарска делница во Баварија

Автобуси без возач на двокилометарска делница во Баварија