Германските трговци ги отворија книгите за нарачки за новиот Audi A4. Основен модел е 1.4 TFSI со 150 КС, засега само во верзија со менувач со двојна спојка. Испораките стартуваат наесен.
Ефикасноста е клучниот збор кај новата генерација на новиот модел од средната класа на Audi. Лимузинската изведба на новиот A4 поседува најдобра аеродинамика во класата, со коефициент на отпор на воздух од само 0,23, како и со тежина што во споредба со претходникот е намалена до 120 килограми, зависно од моделот. Премиера во Audi A4 доживува новиот дволитарски бензинец, развиен според принципот што Audi го нарекува Rightsizing, со потрошувачка од 4,7 литри во еко-верзијата Ultra со 190 КС и 320 њутнметри, односно со потрошувачка од 5,0 литри во стандардната изведба на моторот со 252 КС и 370 њутнметри.
Врвот во гамата во моментов му припаѓа на 3.0 TDI quattro со 272 КС
Моделската понуда стартува со A4 1.4 TFSI со 150 КС и седумстепен менувач со двојна спојка S tronic, со германска цена од 32.950 евра. Освен во стандардната изведба, сите модели се достапни и во верзиите design и sport, обете со цена од 34.850 евра во комбинација со основниот мотор. Следен во бензинската понуда е A4 2.0 TFSI ultra, исто така со седумстепен S tronic, со 190 КС и цена од 37.350 евра. Посилната верзија на овој мотор располага со 252 КС и чини 42.100 евра, односно 44.450 евра во изведбата со погон на сите тркала quattro.

Понудата од дизели ја сочинуваат A4 2.0 TDI со 150 КС и шестстепен мануелен менувач, со цена од 35.050 евра, A4 2.0 TDI со 190 КС – стандардно со S tronic – со цена од 40.400 евра, и 3.0 TDI quattro, со 272 КС, осумстепен triptronic и цена од 50.100 евра. Дополнително се нуди штедливата верзија ultra со дволитарскиот дизел со 150 КС, со цена од 35.250 евра, односно 37.550 евра во комбинација со менувач S tronic.
Четворката доаѓа стандардно со автоматски клима уред, ксенонски светла, патосници напред и назад, алумининиумски плочки на праговите, повеќефункциски волан со три краци, надворешни ретровизори со греење и интегрирани диодни трепкачи, копче за старт, патен компјутер, систем за следење замор, радио MMI plus со осум звучници и блутут, систем за самостојно запирање при опасност од судир (функционален до 85 km/h), електромеханичка паркирна сопирачка, алу-бандажи, потпирач за рака напред и украсни панели во кокпит во сребрена боја.
Вообичаено, на располагање стои богата понуда од дополнителна опрема, вклучувајќи повеќе иновативни ставки, од кои дел се достапни и во пакет. Виртуелниот кокпит, кој дебитираше во TT и претставува единствен огромен дисплеј место класична табла со инструменти, во пакет со навигација со ракување преку поле на допир, пристап без клуч и интерфејс за паметен телефон, во пакетот Technology selection чини 2.950 евра. Матричните диодни светла се следниот технолошки новитет во A4, со цена од 1.900 евра, додека класичните диодни светла чинат 1.190 евра.
Богата понуда од системи за асистенција и користење преносни уреди
Приспособливото подвозје е стандард кај моделите над 190 КС, со пет модуси (авто, комфорен, динамичен, штедлив и индивидуален) на работа на сервоуправувањето, реакцијата на моторот и работата на автоматскиот менувач. Со доплата од 980 евра за комфорно или спортско подвозје со регулација на амортизацијата, во комбинација со приспособливото подвозје се добива и можност да се влијае врз амортизацијата. Динамичното управување, со променлив преносен однос, се нуди за 1.000 евра.

Неверојатно богата е понудата од системи за асистенција. Дел од нив исто така се нудат во пакет, меѓу другото, со предупредување за отворање врата додека наидува возило од назад, предупредување дека наидува возило при излегување од паркинг наназад и сензори што препознаваат опасност од налетување возило одзади и соодветно ги подготвуваат безбедносните системи за побрза реакција – во пакет за 1.490 евра, заедно со систем за следење на мртвите агли и паркинг сензори во комбинација со камера.
A4 може и самостојно да управува со воланот во застој
Втор пакет од напредни системи за асистенција е Tour, со приспособлив темпомат со самостојно запирање и забрзување, самостојно управување со воланот при возење во застој, систем за избегнување пречка на патот – со сцена од 1.640 евра. Другите системи за асистенција се читање сообраќајни знаци (300 евра), активно следење на лентата на патот со интервенција во управувањето (600 евра), самостојно паркирање со панорамски приказ на дисплеј (1.750 евра).
Секако дека подеднакво интересни ќе бидат и можноста за полнење телефон без кабел (340 евра), пристап на интернет Audi connect (310 евра) со навигација Google Earth и Google Street View, бежична мрежа во кабината, читање е-пошта и пристап на twitter, како и стриминг на музика преку Aupeo, Napster или Audi music stream.
Покрај толку луксуз, не е за занемарување ниту можноста за лично преземање на возилото од фабрика – секако, со доплата од 634 евра. Во тоа е вклучено групно разгледување на фабриката, полн резервоар, посета на музеј и покана во ресторанот на марката. Дури и за оваа можност постои „дополнителна опрема“: Возење на патеката во центарот Нојбург во близина на Инголштат во траење од 2,5 часови и со доплата од 290 евра.
















