На клиентите на Amazon во иднина нема да им биде здодевно при лет. Во авионите на компанијата JetBlue, тие ќе имаат бесплатен стриминг со висока резолуција на сопствените преносни уреди.
Патниците на американската авиокомпанија JetBlue во иднина ќе можат да користат стриминг на мултимедиската понуда на Amazon, вклучувајќи и видеа во висока резолуција. Понудата ќе биде бесплатна за најверните клиенти на Amazon, додека за останатите клиенти таа ќе биде достапна со наплата. Покрај филмови и серии, ќе може да се пристапи до музика, е-книги, апликации и игри во понудата на овој онлајн-трговец.
Преносот на податоци се врши преку онборд комуникацискиот систем Fly-Fi, когошто JetBlue ќе го вгради во сите свои 145 летала од типот A320 и A321 до крајот на годинава. Техниката в година ќе биде достапна и во 60 летала од типот Embraer 190. Компанијата со седиште во Њујорк и летови до 87 дестинации, главно во САД, веќе ги нуди основните услуги на Fly-Fi на летовите во земјата. За поголем трансфер на податоци сепак мора да се платат 9 долари за час.
Fly-Fi е заснован на системот Exede на американската сателитска мрежа Viasat. Поврзувањето на крајните уреди се врши преку повеќе пристапни места коишто се распоредени во кабината и истите преку кабел се приклучени на мрежната единица за пристап што е вградена во авионот. Податоците оттаму се пренесуваат до таканаречен аеро-мобилен терминал на Viasat, којшто дозволува брзини на симнување меѓу 70 и 100 MBit/s, додека качувањето се врши со 2,5 до 20 MBit/s.
Авионите дополнително се опремени со подвижни антени, коишто се насочуваат кон сателитите ViaSat1. Овие поседуваат вкупно 72 транспондери, покривајќи го северноамериканскиот континент. Во земниот сегмент на ViaSat спаѓаат повеќе излезни порти со предавателски и приемнички антени, коишто пак преку оптички кабли се поврзани со мрежниот оперативен центар. Оттаму се добива пристап до податочните центри на клиентите, како и до интернетот.
Според ViaSat, по патник се можни 12 MBit/s во Exede, но тука станува збор за „пик-вредност“. Реално се 5 до 10 MBit/s, што сепак е доволно за стриминг на видеа со висока резолуција. Во следната година претпријатието ќе постави нови сателити ViaSat2, коишто освен САД и Канада, ќе ги покриваат и Централна Америка, Карибите, како и Атлантикот меѓу Европа и Северна Америка.
















