Салон Женева 2015: Безгласно следење на доминацијата на Volkswagen

На салонот покрај Лак Леман го видовме најбезмислениот автомобил на сите времиња и друго ништо повпечатливо. Во Женева јасно се виде и силната доминација на Volkswagen. Само еден може да се спротивстави.

Играњето на маса не е вообичаен начин на којшто Швајцарците прикажуваат радост. Но, со расположението што владее на салонот во Женева, никој немаше да се изненади од таква глетка. Претходно се очекуваше да се види друга слика на салонот покрај Лак Леман, затоа што силниот франк предизвика огромна девалвација на автомобилите во алпската земја по 15-ти јануари.

На тој ден, Националната банка на Швајцарија се осамостои од еврото, што предизвика огромна еуфорија кај извозниците и паника кај увозниците, коишто мораа да објаснуваат зошто нивните производи и натаму се толку скапи. Увозниците на автомобили во Швајцарија, коишто во најголем дел им припаѓаат на самите производители, реагираа молскавично и за само неколку денови излегоа со попусти од дваесетина проценти.

Концептот Bentley EXP 10 Speed 6 како најпријатно изненадување на салонот и иден конкурент на Porsche 911 во рамките на сопствениот концерн
Концептот Bentley EXP 10 Speed 6 како најпријатно изненадување на салонот и иден конкурент на Porsche 911 во рамките на сопствениот концерн

Наспроти јануарската „суша“, продажбата во февуари достигна рекордни бројки. Некои марки продадоа и до 40 проценти повеќе автомобили отколку во ланскиот февруари. Складиштата со автомобили платени скапо од увозниците во меѓувреме се испразнија, затоа што Швајцарците брзо изнакупија сé што имаше да се купи.

Со криза против кризата

Купувачите се убедени дека автомобилите никогаш повторно нема да бидат толку евтини како во минатите неколку недели. Во такви услови, продавачите не можат да постигнат голема заработка, но затоа добиваат од прометот. Пазарот се одбрани од потенцијалната голема криза предизикувајќи мала криза. На тој начин се раздвижи пазарот, на когошто инаку му се закануваше колапс.

Доброто расположение на домаќините на женевскиот салон, којшто се вбројува меѓу најважните салони на автомобили во светот, успеа да се пренесе на целата бранша, иако речиси и не постојат вистински причини за славење. Европскиот пазар и натаму е во опаѓање, фабриките и натаму произведуваат повеќе отколку што се продава, а некои производители заглавуваат сé подлабоко во кризата. Пазарот практично живее од само неколку силни производители, првенствено од концернот Volkswagen.

На големо изненадување, гигантот од Волфсбург во минатата година само за влакно пропушти да ја оствари целта да го преземе „владеењето со светот“. Доколку Германците веруваа повеќе во своите шанси, сигурно ќе ја престигнеа Toyota како светски број 1. Затоа, пак, во оваа година се уште поголеми изгледите за остварување на целта. Volkswagen имаше одлична продажба во јануари. Како понатаму ќе се одвива продажбата може да се насети од огнометот од новитети што единаесетте марки на концернот го „запалија“ во Женева.

Volkswagen што изгледа подобро од Audi

Во предвечерието на салонот, Passat набрзина го презеде Оскарот во автоиндустријата и ја понесе титулата на автомобил на 2015 година во Европа. Марката од Волфсбург има уште многу адути. Новата генерација на Touran ќе донесе голема заработка во сегментот на вановите, пристига и Passat Alltrack како возило за ловците и шумарите, како и верзија со хибриден погон, големиот ван Sharan e освежен, а студијата со којашто се најавува новиот CC изгледа подобро и од некои модели на Audi.

Sport Coupe Concept GTE го најавува изгледот на идниот CC и новиот дизајнерски правец на Volkswagen
Sport Coupe Concept GTE го најавува изгледот на идниот CC и новиот дизајнерски правец на Volkswagen

Добри вести пристигаат и од скапите марки во концернот. Lamborghini ја исполни домашната задача и му обезбеди неколку дополнителни коњски сили и спојлери на Aventador, додека Bentley го предизвика најголемото изненадување на салонот со студијата на автомобил што во иднина би можела да го напаѓа Porsche 911 во рамките на заедничкиот концерн.

 

Конкурентите ја губат трката

Два автомобила предизвикаа големо внимание. Студијата 20V20 конечно најавува спас на Seat од дизајнерската анемија, додека Skoda го има новиот Superb, чијшто најголем проблем е тоа што на купувачите им ја прави непотребна посетата на салоните на Volkswagen или Audi. Повеќе никој не стравува од опасноста од канибализација во рамките на концернот, затоа што во меѓувреме секој почна да се бори против секого. Секој автомобил што ќе се продаде, без разлика од која марка е истиот, тоа е добар автомобил.

Toyota Avensis
Toyota Avensis

На конкуренцијата ѝ преостанува немо да ги следи случувањата. Toyota, како најсилен конкурент на Volkswagen, во Женева ги прикажа новите генерации на Auris и на Avensis. Разликите во споредба со претходниците, сепак се незабележливи. Hyundai, на когошто во еден кус период се гледаше како на можен противник на Volkswagen, претстави нова генерација на компактниот теренец Tucson, претходно ix35, којшто ќе се нуди и во хибридна варијанта. Но, откако шефот на Volkswagen, Мартин Винтеркорн, за последен пат го пофали корејскиот производител седнувајќи зад воланот на новиот i30 на салонот во Франкфурт во 2011 година и кажувајќи го славното „тука ништо не фали“, Hyundai како да ја изгуби самодовербата.

Копијата на BMW X6 со сребрена ѕвезда е сведоштво дека Mercedes повеќе нема конкретна идеја како да се развива во иднина без да го следи примерот од другите, а конкурентот BMW, пак, со премиерата на Gran Tourer од серијата 2 навлегува уште подлабоко во сегментот на вановите.

Honda ги има автомобилите што Volkswagen ги нема

Другите производители, како Ford, Kia, како и француските и италијанските марки, исто така се присутни во Женева, но тоа што предизвикува загриженост кај шефовите на Volkswagen е штандот на Honda. На него се врти најсериозниот конкурент на Golf R, новиот Civic Type R, како бескомпромисна тркачка машина со преку 300 КС, а покрај неа и новиот HR-V, модел од сегментот на малечки кросовери во когошто Volkswagen уште нема свој претставник.

Honda Jazz е само еден од важните новитети во „годината на Honda“
Honda Jazz е само еден од важните новитети во „годината на Honda“

Автомобил со приспособлив ентериер и компактна каросерија, каков што е Jazz, чијашто трета генерација доживува премиера на салонот, исто така не може да се најде кај Volkswagen. Силен удар доаѓа и од премиерата на суперспортскиот NSX, којшто го засени новиот Audi R8, а за крај, Honda прикажа и студија на автомобил со погон на водород.

Најголемиот производител на мотоцикли во светот, којшто секогаш настапува умерено и со тоа постигнува голем успех на пазарот во САД, конечно се врати во вистинската форма и како пеникс се воздигнува од пепелта. Но, прашањето е колку високо ќе доспее „новата“ Honda?

Најголемото разочарување на салонот

Женевскиот салон не е само одлична трибина за претставување на новите големосериски модели. Градот на езерото Леман е традиционален рај за скапи спортски автомобили, ексклузивни студии, но честопати и на неуспешни обиди на малосериските производители. Ferrari по традиција го претстави последниот модел 488 GTB, наследник на 458 Italia, додека Aston Martin го лансираше Vulcan, кој не само што изгледа како груба копија на Ferrari, туку за него се подготвува и тркачка серија за богати возачи – исто така копирано од Италијанците.

Дали идниот Bugatti Chiron ќе може да одговори на предизвикот од 1.500-те КС на Koenigsegg?
Дали идниот Bugatti Chiron ќе може да одговори на предизвикот од 1.500-те КС на Koenigsegg?

Шведскиот специјалист Koenigsegg ги урна сите рекорди претставувајќи го хибридниот тркач со моќност од 1.500 коњски сили. Уште поекстремен случај е електричната лимузина Quant, за којашто никој не знае дали функционира навистина и дали постигнува толку егзотични забрзувања и минува толку многу километри со „солената вода“ во резервоарите, но затоа секогаш се наоѓаат нови наивни инвеститори што веруваат во приказната за перпетум мобиле.

Најголемо разочарување е враќањето на култната германска марка Borgward. Сопственикот на марката и потомок на основачот, пред салонот гласно го најавуваше повторното заживување на Borgward, но на штандот немаше ништо друго освен новото лого на марката и примерок од Isabella. Ако производителот вака го замислува враќањето на марката, нека размисли подобро.

Но, и тоа не е „врвот“ во Женева. Torq е автономно електрично тркачко возило без прозорци, којшто со сите атрибути заслужува да се нарече најбезмислениот автомобил на сите времиња.

Претходна објаваФинска правда: 54.000 евра казна за пребрзо возење
Следна објаваВидео: Не се закачај со поголем од тебе на автопат

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here