Кај премиум марките е малу поразлично отколку кај обичните. Тие би требало да се иновативни и оригинални, да влечат храбри потези. Копирањето на BMW X6 од Mercedes не е ништо од тоа.
Mercedes денес ги објави првите фотографии од новиот член во гамата на теренски возила, купето врз основа на класата М или по ново GLE, со ознака GLE Coupe. Како што можеше да се очекува по студијата со којашто беше најавен новиот модел, GLE Coupe е теренец со покрив на купе, скроен по пример на BMW X6. На стартот на продажбата, за моделот ќе бидат достапни бензински и дизел мотори во дијапазон од 258 до 367 КС. Топ-модел е GLE 450 AMG, којшто е прв од новата линија модели на Mercedes-AMG и опремен е со систем за контрола на динамиката на возење, спортско директно управување и деветстепен автоматик 9G-Tronic.
Механиката и системите за безбедност и асистенција во основата се идентични со оние кај конвенционалниот GLE, единствената разлика е во дизајнот на каросеријата и во неколкуте додадени елементи што треба да го нагласат спортскиот карактер на моделот.
Прашањето е повеќе, дали премиум марка може да си дозволи таков престап и непогрешно да го копира дизајнот и идејата од моделот на најголемиот конкурент, BMW X6. Додека кај волуменските марки може некако и да се прости позајмувањето дизајн од конкуренцијата, кај премиум моделите тоа е еднакво на катастрофа. Од марките како Mercedes, BMW или Audi, како традиционално трио во премиум сегментот, купувачите очекуваат иновации, оригиналност, повлекување храбри чекори.
Пазарот сигурно нема да ja прости оваа невкусна копија на BMW X6, без разлика што веќе мина долго време откако Баварците предизвикаа сензација со претставувањето на нивното купе-теренец на база на BMW X5. Со други зборови, Mercedes GLC Coupe засекогаш ќе остане само копија на BMW X6. Дали купувачите сепак се расположени и натаму да одвојуваат екстра пари за модел од премиум сегментот, а притоа да добијат само копија, времето ќе покаже. Тоа што европските купувачи на премиум модели ќе го доживеат како навреда, сигурно нема да им пречи на купувачите на Блискиот Исток или на Кина, каде што свесноста за вистинските вредности е далеку послаба отколку на Стариот Континент.

















