Passat за секаков терен со премиера во Женева

Volkswagen ја комплетира понудата во гамата на новиот Passat со верзијата Alltrack, којашто стандардно доаѓа со погон на сите тркала и со зголемено растојание од подлогата.

Новата генерација на „теренскиот“ Passat ќе има премиера на салонот во Женева во март. Исто како и во првата генерација, Passat Alltrack е наменет да совладува секакви услови на теренот и да исполнува секакви задачи, почнувајќи од возење по снежна подлога до ски-центарот или спуштање на чамецот во вода по песочната плажа, до службена посета на градилиштето – Alltrack е патнички автомобил, семеен транспортер, службено возило и способен теренец во едно. Посебната изведба на браниците поседува заштита од гребење и удари во подлогата, исто како и проширените прагови и обложените арки на крилата, обезбедувајќи му воедно и препознатлив стил на возилото.

Проодност како теренско возило со зголемениот клиренс и заштитата на подвозјето

Растојанието од подлогата е зголемено за 27,5 милиметри во споредба со стандардниот Passat, што заедно со оптимираните агли на пристап и заминување овозможува возливост и по погруб терен. Погонот на сите тркала 4Motion е стандарден и дополнително располага со модус за теренско возење, со соодветно приспособување на системите за асистенција.

volkswagen passat alltrack 12980546985Пет мотори стојат на избор за втората генерација на Passat Alltrack: Два турбо бензинци со директно впрскување и моќност од 150, односно 220 КС, како и три дизели со зафатнина од два литра и моќност од 150, 190 и 240 КС. Сите мотори ја исполнуваат строгата норма Euro 6 и поседуваат систем старт-стоп и повраток на енергијата при сопирање. Верзиите со 150 КС се комбинирани со шестстепен мануелен менувач, додека посилните изведби стандардно доаѓаат до менувач со двојна спојка.

Електрониката овозможува сигурна тракција во сите услови

Погонот на сите тркала се базира на халдекс-спојка од петтата генерација и се активира уште пред да се појави пролизгување, со што се спречува дури и најкусо губење на тракцијата. Погонот во нормални услови е на предната оска, што овозможува економичност и ја растоварува погонската спрега од оптоварување, а задната оска се активира самостојно кога електрониката ќе препознае услови за пролизгување. Покрај тоа што самата халдекс-спојка дејствува како средишен диференцијал, преку контролата на стабилноста се симулира и блокада на диференцијал на предната и задната оска, којашто при пролизгување на едно од тркалата го спроведува вртежниот момент од моторот кон тркалата што во моментот имаат тракција. Двете најсилни изведби, TSI со 220 КС и TDI со 240 КС дополнително поседуваат и функција XDS+ на обете оски, којашто исто така служи како блокада на диференцијал, со акцент на подобрување на динамиката при брзо возење по асфалтна подлога.Der neue Volkswagen Passat Alltrack

Функционира и како влекач: До 2.200 килограми тежина на приколка

Сите верзии на Passat Alltrack поседуваат соодветно оптимирани програми за „економично“, „нормално“, „спортско“ и „индивидуално“ возење – последново достапно во комбинација со опционалната проспособлива амортизација ДЦЦ – како и за „теренско“ возење. Во сите овие програми соодветно се приспособува работата на системите за асистенција, конкретно во „теренскиот“ модус, електрониката дозволува умерено блокирање на тркалата со цел да се скуси патот на сопирање, преку создавање „клин“ од земја или ситни камења пред тркалата. На терен помага и системот за спречување на враќање на возилото на нагорнина, односно за спречување на прекумерно забрзување на надолнина, а во теренската програма „понежно“ функционира и педалата за гас и степените на пренос се задржуваат подолго. Целиот пакет добива смисла и како влечно возило: Volkswagen дозволува 2.200 килограми тежина на приколка, при нагорнина до 12 проценти.

Ентериерот поседува посебен печат, со плочки од благороден челик на праговите и издржливи патосници, можност за доплата за комфорни седишта изведени во комбинација од алкантара и платно. Премиерата на Volkswagen Passat Alltrack е во почетокот на март во Женева, а продажбата ќе стартува во септември.

Претходна објаваGran Tourer е ван, но го носи знакот на BMW
Следна објаваТри нови мотори и погон на сите тркала за Ford Mondeo

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here