
Актуелната ѕвезда во средната класа стартуваше со продажба пред само два месеца и веќе пристигаат нови верзии. Интересот најмногу го привлекува еднолитарскиот турбобензинец со когошто цената на Mondeo ќе изнесува под 20.000 евра.
Новиот Ford Mondeo штотуку стартуваше со продажба на македонскиот пазар, веднаш ја освои и титулата на автомобил на годината, а марката веќе ги најавува следните новитети во понудата на својот модел од средната класа. Исто како и досега, Mondeo е достапен во три каросериски изведби – лимузина, комбилимузина и комби Turnier – во две нивоа на опрема и избор од шест мотори во дијапазон од 115 до 240 КС. Од следниот месец Ford ќе започне со испорака и на трите нови мотори во понудата, како и на две верзии со погон на сите тркала. Се очекува овие моделски изведби да стартуваат со продажба на европскиот пазар веќе во март, а набрзо потоа ќе следува и нивно воведување на македонскиот пазар.
Трикратниот светски мотор на годината со премиера во Mondeo
Најголем интерес меѓу љубителите на технолошката авангарда на Ford предизвикува еднолитарскиот торбо-бензинец Ecoboost со три цилиндри и моќност од 125 КС. Неофицијално, изведбата на Mondeo со овој мотор што веќе се вградува речиси во целата гама на Ford ќе чини помалку од 20.000 евра, што дополнително ќе го зголеми кругот на купувачи. Покрај трицилиндарецот со рекордни три титули на светски мотор на годината, деби ќе имаат и новиот 1,5-литарски дизел со 120 КС, како и најсилната верзија на дволитарскиот TDCi, со секвенцијално битурбо натполнење и моќност од 210 КС.

Со овој чекор, понудата во гамата на Mondeo ќе опфаќа дури 14 различни мотори, вклучувајќи ја и хибридната изведба. Тоа е рекорд во 21-годишната историја на големиот Ford. Во текот на годинава се очекува претставување и на економичните верзии Econetic, како и на Ford Vignale Mondeo, како врвно ниво на опрема на моделот, коешто вклучува и посебни услуги во продажно-сервисните центри на Ford. Германските дилери на марката веќе имаат примено преку 8.000 нарачки за Mondeo, а од списокот на дополнителна опрема најчесто се избираат диодните светла со приспособлив сноп и системот за самостојно паркирање.
Потрошувачка од пет литри бензин и цена под 20.000 евра за 1.0 Ecoboost
Најважниот новитет во понудата на бензински мотори е дебито на 1.0 Ecoboost со 125 КС и нормирана просечна потрошувачка од 5,1 литри бензин на сто километри. Покрај тоа што примената на нова технологија во овој мотор драстично ја смалува потрошувачката во споредба со 1,6-литарскиот бензинец во претходната генерација, туку овозможува и пониска цена, неофицијално, под 20.000 евра.
Покрај еднолитарецот се нудат двата познати бензински мотори: 1,5-литарски Ecoboost со 160 КС и мануелен менувач со шест степени, со цена од 25.900 евра во нивото Trend и 2.000 евра повеќе во повисокото ниво Titanium, со можност за доплата за автоматски менувач во висина од 2.000 евра; Дволитарски Ecoboost со 203 и 240 КС, достапни само како модели Titanium и само со шестстепен автоматик, со цена од 32.400 евра за послабата и 34.000 евра за посилната верзија. Сите три бензинци се стандардно опремени со систем старт-стоп.
Со моќност од 120 КС, новиот 1,5-литарски дизел е за 5 КС посилен од 1.6 TDCi и во најштедливата верзија Econetic троши 3,6 литри дизел според фабричките податоци. Актуелниот 1.6 TDCi со 115 КС стартува од 23.900 евра на македонскиот пазар, во нивото Trend, односно 26.200 евра во повисокото ниво Titanium. Над него следува 2.0 TDCi во верзии со 150 и 180 КС, стандардно опремени со систем старт-стоп. Првата верзија е достапна за 27.900 евра во Trend, односно 30.200 евра во Titanium, додека цената за втората верзија изнесува 32.200 евра со повисокото ниво на опрема.
Погон на сите тркала за првпат по Sierra
Во својата четврта генерација, по 20 години од Sierra, Mondeo повторно е достапен во верзија со погон на сите тркала, во комбинација со дволитарскиот дизел во верзија со 150 и 180 КС. Најсилниот модел во дизелската понуда е 2.0 TDCi со битурбо натполнење, 210 КС и вртежен момент од 450 њутнметри во подрачјето меѓу 1.700 и 3.000 вртежи, стандардно опремен со шестстепен автоматик. Просечната потрошувачка на овој модел изнесува 5,0 литри дизел на сто километри.
Новиот Mondeo е достапен во две нивоа на опрема, Trend и Titanium. Во првото од нив, моделот од средната класа, од позначајните ставки поседува двозонска автоматска клима, програмабилен клуч myKey, електрика на сите прозорци и аудиосистем со приклучоци USB и команди на воланот, темпомат, електрична паркирна сопирачка, магленки и кожа на воланот. Повисокото ниво Titanium поседува и напреден систем за говорна команда Sync 2 со дисплеј од 8 инчи на допир, автоматика на светла и бришачи – вкллучувајќи автоматика на долго светло – стартување на копче, спортски предни седишта, алу-бандажи од 16 инчи и дигитална инструмент табла.















