за

Škoda ги засенува големите лимузински имиња со новиот Superb

Новиот Superb во најголемиот дел ја следи линијата што дизајнерот Јозеф Кабан ја најави преку студијата Vision C

Чесите имаат нов знаменосец. Дури тој и да го немаше името Superb од претходно, сега ќе го заслужеше. Големата лимузина има повеќе од доволно материјал да стане нова ѕвезда во средната класа.

Уште од претставувањето на дизајнерската студија Vision C во минатата година се навестуваше дека новиот Superb ќе биде вистинска мамка за погледите. Најсилните страни на големата лимузина на Škoda досега беа просторноста на кабината и високата противвредност. Изгледот беше во втор план. Затоа, пак, новиот Superb конечно изгледа достоинствено на неговата улога како знаменосец на чешката марка на Volkswagen. Секако дека лимузината повторно порасна, но не и цената. Според првичните најави, новиот знаменосец на Škoda ќе стартува со истата цена како претходникот.

Со ваков изглед, дури и марките од концернот треба да стравуваат од Superb

Со издолжената силуета, со кабината поместена наназад и со кусиот опаш, Škoda Superb повеќе личи на модел од вишата средна класа, за што придонесуваат и димензиите – Superb е поголем од Volkswagen Passat, но се уште не достига до пропорциите на Audi A6. Со јасната и елегантна линија, новата Škoda дури потсеќа на претходните генерации на Audi A8. Дизајнерот Јозеф Кабан успеа новиот знаменосец да изгледа многу подолг од претходникот, иако порастот во должина изнесува само 2,3 сантиметри. Осумте сантиметри плус во меѓуоскиното растојание, сега 2,84 метри, не придонесуваат само за повеќе простор во кабината, туку и за општиот визуелен впечаток. Со новите пропорции се коригираше и неприродно долгиот нос на претходникот, така што новиот Superb изгледа многу похармонично.

skoda superb
Јасно дефинираните линии и чистите површини продолжуваат и во кокпитот

Резултатот во внатрешноста: 15,7 сантиметри простор за колена на задната клупа, 2,5 сантиметри повеќе слободен простор над глава и близу седум сантиметри во внатрешната ширина во делот на задната клупа. Порасна и багажникот, којшто со 625 литри има за 30 литри поголема зафатнина, а со соборување на клупата достига до 1.760 литри. Задната клупа за првпат се соборува со притискање копче. Максималната носивост изнесува 620 килограми. Единственото подрачје каде што новиот Superb не „порасна“ е тежината. Некои моделски изведби се до 75 килограми полесни од претходниците.

Нов рекорд во практичност на Skoda: Дури 29 решенија за поедноставно секојдневие

Модерниот стил на каросеријата се пренесува и во кабината. Во зависност од нивото на опрема – Active, Ambition, Style и Laurent & Klement – карактерот на Superb се менува од практичен и голем автомобил за секој ден до лимузина што оддава чувство на премиум автомобил. За практичноста дополнително придонесуваат и вообичаените „изуми“ на Škoda, од типот на прегради за чадот во предните врати, со коишто чешката марка го оправдува својот слоган „eдноставно паметно“.

Од системите за асистенција може да се добие сé што е добро и повеќе не е толку скапо: Приспособлив радарски темпомат, надгледување на мртвите агли, активно следење лента, интелигентни светла, автоматика за долго светло, камера за рикверц, самостојно запирање при опасност од судир, самостојно паралелно и попречно паркирање, како и предупредување при наидување возило од попречниот правец.

Во стандардната опрема спаѓаат приспособливо подвозје со пет степени – нормален, комфорен, спортски, економичен и индивидуален – исто како и електронска блокада на диференцијал, којашто ги подобрува стабилноста и управливоста во свијоци. Во делот на мултимедиските системи се нудат Smart Link (Mirror Link, Apple Carplay, Android Auto) и „Smart Gate“, коишто се нудат и во престижните модели од концернот.

Најсилниот Superb вози со 280 КС и со погон на сите тркала

Под хаубата може да работи еден од петте бензинци, почнувајќи од 1.4 TSI со активно исклучување на цилиндрите и 125 КС, преку 1.8 TSI со 180 КС, до 2.0 TSI со 280 КС, односно еден од трите дизели – 1.6 TDI со 120 КС и 2.0 TDI во верзии со 150 и 190 КС. Погонот на сите тркала се нуди за големиот бензинец Sup_SDFCXсо 280 КС и обете верзии на 2.0 TDI. Покрај со мануелен менувач со шест степени, Superb може со доплата да вози и со шестстепен менувач со двојна спојка за 2.0 TSI и за 2.0 TDI со 190 КС.

Европската продажба стартува во средината на јули, кога Superb ќе се соочи со конкурентите Opel Insignia, Ford Mondeo, Kia Optima и секако, Volkswagen Passat. Изгледите за успех се одлични, имајќи предвид дека изгледот ќе биде привлечен и за бизнис корисниците, како и за возните паркови на големите компании. На салонот во Франкфурт во септември ќе следува и комби изведбата на Superb.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Три нови мотори и погон на сите тркала за Ford Mondeo

Едномилионита „тројка“ од фабриката на BMW во Јужна Африка