Точно на денот на католичкиот Божик, пред 70 години е произведен првиот „Народен автомобил“ во Волфсбург. Никој не претпоставуваше дека „бубата“ неколку децении подоцна ќе стане најпродаван автомобил во светот.
На првата прослава на католичкиот Божик по завршувањето на втората светска војна, од фабриката во Волфсбург излезе првиот Volkswagen. До крајот на годината се произведоа само 55 возила од автомобилот, на когошто Американците подоцна му го дадоа прекарот „битл“ или „буба“. Со месеци се работеше во импровизирани услови, но првите возила влеваа надежи за автомобилската фабрика што тогаш уште се наоѓаше под управа на Британците. Во тие моменти, никој не можеше ниту да претпостави дека „бубата“ ќе се произведува уште неколку децении и ќе стане најпродаван автомобил во светот.
До крајот на војната беа произведени 630 промероци од таканаречениот „Kraft durch Freude-Wagen“, кусо „KdF-Wagen“ или во превод „автомобил што радоста ја претвора во моќ“. Модерната фабрика изградена во денешниот Волфсбург претставуваше дел од германските капацитети за производство на воено наоружување и место автомобили за програмата „радост преку моќ“ произведуваше првенствено за потребите на војската. На 11-ти април 1945, американските трупи ја презедоа фабриката, за во јуни таа да им припадне на британските воени власти, заедно со шестте илјади вработени.
Мајорот Иван Хирст, поставен како надлежен офицер во фабриката, на 22-ри август 1945 година го издаде првиот налог за производство на 20.000 возила и на тој начин ја спречи демонтажата на погоните. Возилата беа наменети првенствено за потребите на Алијансата, но и за обезбедување на лекарски услуги на територијата на Германија. Во периодот меѓу 1946 и 1947 година, месечната продукција достигнуваше најмногу по 1.000 возила. Народот почна да го купува автомобилот дури по монетарната реформа во јуни 1948 година.
Британците ја преориентираа фабриката на цивилно производство и особено внимаваа на квалитетот на возилата, како и на нивното сервисирање и на обезбедувањето на широка дилерска мрежа. Со започнувањето со извоз во октомври 1947 година, бизнисот се прошири и надвор од земјата. Демократските основи на владеење во фабриката беа поставени по неполни шест месеци од завршувањето на војната, во ноември 1945 година, со првите избори на работниот совет. Кога Volkswagenwerk GmbH беше предадена во германско владеење во октомври 1949 година, претпријатието веќе имаше обезбедено добри услови да се приклучи на таканареченото економско чудо во земјата.
„Volkswagen имаше голема среќа со тоа што издржливото возило им ги олеснуваше управните должности на британските воени власти, како и со тоа што Иван Хирст беше вистинскиот човек поставен да раководи со фабриката. Мудриот прагматичар им даде визија на фабриката и на работниците, на тојначин што подеднакво ги мотивираше британските војници и германските работници да ја претворат фабриката во успешно пазарно претпријатие. Тој беше свесен за квалитетите на Volkswagen“, резимира др. Манфред Григер, раководител на историскиот архив на Volkswagen AG.
„Бубата“ имаше значаен придонес за демократизацијата на мобилноста, таа подоцна се произведуваше во повеќе земји во светот и прерасна во важен амбасадор на германската автоиндустрија. Кога последниот примерок ја напушти производствената лента во фабриката во Пуебла, Мексико, продукцијата достигна над 21 милион примероци до крајот на јуни 2003 година.