за

Кое е возилото што деновиве е најпопуларно во Македонија?

Возило со непроценлива историска вредност деновиве ги засенува сите останати теми во областа на автомобилизмот во Македонија. Во возниот парк на службата за противпожарна заштита во општината Чешиново-Облешево пристигна специјално возило од словенска продукција од марката TAM. Посветените музеи би се израдувале на ваков примерок во нивната колекција, чијшто корени датираат уште од 1960-те години.

Највлијателните македонски портали вчера објавија дека општина Кочани без каков било надомест отстапува противпожарно возило во трајно користење на општината Чешиново-Облешево. Станува збор за возило со непроценлива историска вредност и за еден од најпопуларните товарни модели во поранешна Југославија, од продукцијата на некогашната фабрика TAM во Марибор, денешен TAM-Europe. Политичко-општествените, социјално-мрежните и какви било останати конотации што проструија по овој широкоград потег на општинските власти, ние обично ги оставаме настрана. Во овој случај мора првенствено да се почитува историскиот аспект.

Првиот камион на TAM произведен под лиценца на Praha ја носи единствената можна моделска ознака – „Пионир“

Тамче“, коешто низ сите свои години носеше различни моделски ознаки (TAM 2000, TAM 2001, TAM 1201, TAM 60, TAM 75, TAM 80 TAM 90), несомнено е синоним за малечок камион на овие простори. Историјата на марката започнува во 1941 година, кога германската управа во Марибор основа фирма за поправка и одржување на авионски мотори под името Tovarna Letelskih Delov. По завршувањето на војната, управата на градот ги повикува работниците да се вратат во фабриката, но нејзиното раководство нема јасна визија што да произведува во погоните. Обединетите Нации доставуваат помош во просторите на тогашна Југославија: 237 локомотиви, 4.000 трактори, 15.000 камиони. Токму во фабриката во Марибор се врши завршна монтажа на овој контингент готови компоненти за камиони, првенствено од GMC. Подоцна започнува и монтажа на 3-тонски камиони под лиценца на Praha – името на моделот е соодветно, „Пионир“.

Prvenac, серијата прототипи што му претходи на конечниот модел

Паралелно со монтажата на овие камиони се води развој на сопствено возило. Неколку протитипи од „Prvenac“ се изработуваат во погоните на TAM и IMR (Индустрија Мотора Раковица). Стекнатите искуства со овој камион, во втората половина на 1950-те години водат кон развојот на идниот „Лука“, од когошто ќе произлезе најпопуларниот малечок камион на тогашните простори.

Лука е веќе чекор поблиску до серискиот модел

Во 1961 година е претставен TAM 2000 со дизел мотор испорачан од IMR и изработен под лиценца на Perkins. Моторот располага со 56 КС, носивоста е два тона. Вообичаено следуваат најразновидни моделски изведби: Сандачар, кипер, ладилник, фургон за превоз на леб, комби-бус и противпожарно возило (TAM 2000 G). Со четирибрзински менувач, „тамчето“ постигнува 85 km/h.

Завршниот прототип пред воведување во сериско производство

Декларираната носивост од производителот изнесуваше два тона, но шасијата издржуваше и многу повеќе, имајќи го во предвид лошиот квалитет на патиштата. Инструментите беа поставени средишно, ветробранското стакло беше изработено од два дела, прозорците беа лизгачки , а вратите се отвораа наназад.

Тоа е веќе TAM 2000, култниот камион од овие простори

Поради неповолните услови во договорот со Pekins, производството на овој модел беше економски неисплатливо. Поради тоа, во 1964 започнува развој на новиот TAM 2200, но проектот се обуставува по четири години и по мала серија примероци. Постоечкиот модел добива врати што се отвораат нанапред (затоа што тогашните власти оценуваат дека претходното решение е опасно), се вградуваат и нормални „спуштачки“ прозорци.

Во 1970 година е претставен TAM 2001, со нов мотор, којшто исто така е производ на IMR. Моторот сега располага со 61 КС, менувачот е со пет степени. Највидливата промена е во едноделниот ветробран, инструментите се преместуваат зад воланот, маската добива правоаголна форма. Дополнително се нуди и верзија со подолго меѓуоскино растојание (3.200 место 2.600 милиметри), додека во палетата од моделски изведби е додаден минибус.

Генијален потег беше верзијата со носивост од 1,2 тон, за управување со возачка дозвола од Б-категодија

Најзначајниот чекор што придонесува „тамчето“ да стекне уште поголема популарност е воведувањето верзија со носивост намалена на 1,2 тон, со што максималната дозволена тежина не надминува 3,5 тони, што значи дека камионот се управува и со возачка дозвола од Б-категорија. Тоа е силен удар против конкуренцијата од Zastava и IMV.

Од 1976 година важи нов систем на означување на возилата: Бројчена ознака за моќноста на моторот, буквена ознака за изведбата (Т за товарна, C за комби, А за автобус). Третиот дел ја означува дозволената тежина, 3 или 5 тони, по него е буквата B (за трамбус, односно кабина над мотор) додека последниот дел се однесува на конкретната примена на верзијата на моделот. Пример: TAM 60 T 5 BG, за противпожарна верзијата којашто му претходи на „нашиот“ олдтајмер. Новитети во изгледот се маската и трепкачите преместени под светлата. Пазарот во меѓувреме бара посилен мотор.

Моторот со 76 КС придонесе за нов поттик на популарноста на „тамчето“

Во 1979 година пристига и новиот мотор, со што расте и продажбата. Со мотор IMR S-44/V со 76 КС, брзината надминува 90 km/h, но поважно е тоа што возилото сега располага со доволно моќ за сите задачи. Со посилниот мотор се овозможуваат и нови верзии, на пример сандачар со двојна кабина, верзија за превоз вода, за шлеп-служба, платформа со дигалка, комунално возило – и TAM 75 T 5 BG, нашето херојско возило.

Во средината на 1980-те години е неизбежна модернизација, но како и вообичаено во тоа време, единствената промена е зголемената моќност на моторот на 81 КС. Соодветно и ознаката почнува со TAM 80. По три децении откако е осмислен концептот, почнуваат проблемите за „тамчето“. Еколошките норми се заоструваат, се преговара со Iveco за посовремен мотор, што сепак е преголем залак за словенскиот производител. Завршниот удар е рспадот на Југославија. Во 1991 година запира секаква натамошна модернизација, поради проблемите со испораката на мотори од Србија се вградува мотор од VM со 90 КС. Ознаката се менува во TAM 90. Ова поглавје трае до 1994 година, кога се вградува мотор од Iveco, сопирачките добиваат сервозасилување. Камионот е престарен, единствениот адут му е цената. Словенците развиваат и верзија со погон 4х4, но строгите еколошки норми оневозможуваат каква било натамошна адаптација.

На преодот во новиот милениум, запира производството на популарното „тамче“. Вистинска среќа е тоа што овој камионски херој уште продолжува да живее кај нас. Блиску до барокот.

Технички податоци

  • TAM 75 T 5 B (1979 година)
  • Мотор IMR S-4/V
  • Пречник и од: 98,4 х 1257 mm
  • Работна зафатнина: 3860 ccm
  • Компресија: 16,5:1
  • Моќност 76 КС при 2800/min
  • Вртежен момент 230 Nm при 1500/min

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Десет милиони тревокосачки на Honda од Кина

Скапоцена алка на рака место клуч в џеб: Фирма од Лондон со „генијална“ идеја