Не се далеку годините кога производителите на спортски автомобили беа во длабока криза. На Porsche му се закануваше банкрот во почетокот на 1990-те години, Ferrari не беше во ништо подобра ситуација. Денес работите изгледаат сосем поинаку.
Брзината не е доволна. Денес се бара супербрзина. Тоа сигурно го имале на ум стратезите на Ferrari кога го именувале својот нов спортски модел. Летово од Маранело ќе започне испораката на болидот од серијата 812, наречен едноставно Superfast. Неговата крајна брзина изнесува 340 километри на час. Со слични бројки оперираат и Porsche и Maserati. Тоа минува кај купувачите, продажбите растат, а заработката достигнува вредности за коишто менаџерите на останатите производители можат само да сонуваат.
Како е можно овие монструми на асфалтот да ги уживаат своите најдобри времиња кога светот мака мачи со климатските промени и на автопатиштата важат строги ограничувања на брзината? Одговорот е едноставен. Ferrari, Porsche и сличните на нив се статусен симбол, нивните сопственици сакаат да покажат дека можат да си дозволат спортски автомобил. Во светот има се повеќе богаташи, потенцијалниот круг на купувачи расте постојано, расте и пазарот за суперавтомобилите.
Заработката на Porsche е десетпати поголема во споредба со Volkswagen
Бројките го потврдуваат тоа. Прометот на Porsche лани се зголемил за близу 14 проценти, на 3,9 милијарди евра. Тоа се фантастични вредности за релативно мал производител на автомобили, со околу триесетина илјади вработени. Од секои 100.000 евра промет се заработуваат по 17.400 евра. За споредба, матичната марка на концернот заработува десетпати помалку од продажбата на Golf. До маржата на Porsche не може да се приближи ниту Audi. Марката од Инголштат лани заработувала по 8.200 евра на секои 100.000 евра постигнати од продажба на своите автомобили. Помалку од половина во споредба со спортската марка од Цуфенхаузен.
Овие вредности се само приближни, затоа што Porsche освен од продажбата на автомобили заработува и од финансиски услуги, вклучувајќи лизинг на возила. Од друга страна, Porsche денес продава повеќе теренски возила отколку спортски купеа, но повторно се сведува на истото. Бизнисот со „брзината“ врви одлично. Тоа се потврдува и кај Maserati, којшто е дел од италијанско-американскиот концерн Fiat Chrysler. Во последниот квартал од минатата година, нивната маржа достигна рекордни единаесет проценти. Тоа е експресниот ефект од вклучувањето на теренецот Levante во понудата на Maserati.
Ferrari е шампион во браншата во поглед на заработката, но само условно
Ferrari исто така соборува рекорди. Додека пред две години нивната заработка изнесуваше 15,6 проценти, лани таа се искачила на 19,2 проценти. Италијанската брза марка е шампион во браншата, но само во поглед на маржата, затоа што Ferrari продава значително помалку возила од Porsche, а со тоа и вкупната заработка е пониска.
Целата тајна на успехот на овие марки е имиџот, се се одвива во главата на купувачите. Исто е како со скапата облека. Иако ексклузивните производители во основа ги користат истите материјали, нивната облека се цени неколкупати поскапо во споредба со обичните марки. Цената е неважна во луксузниот сегмент, најважно е на купувачите да им се обезбеди позитивно чувство – преку имиџот на марката. Но, имиџот не се гради толку лесно. Продажбата на луксузни автомобили во светот продолжува да расте.
















