На станиците за гориво моментно се точи зимски дизел. Додатоците спречуваат згуснување на горивото при ниски температури. Порано возачите сами додаваа бензин. Денес тоа е опасно за моторот.
Возачите од старата школа честопати имаат корисни совети, но за жал и совети чијашто примена може да предизвика штета. Технологијата едноставно се усовршува постојано и тоа што важело некогаш денес повеќе не важи. Порано возачите практикуваа при зимски температури да додадат бензин во дизелот заради подобрување на течноста на горивото. Тоа може да предизвика големи оштетувања кај современите мотори.
Зимскиот дизел кај нас се дистрибуира во периодот од 16-ти ноември до крајот на февруари, со заштита до 15 степени Целзиусови под нулата, додека во преодниот период од 1-ви октомври до 15-ти ноември и од 1-ви март до 14-ти април, дизелот е со заштита до -10 оC. Советот да се додава бензин заради спречување на „замрзнувањето“ на дизелот не само што веќе одамна не важи, туку може да предизвика и огромна штета на современите мотори. Денешните дизел горива имаат посебен пакет адитиви што ја нудат потребната заштита при ниски температури. Модерните дизел мотори и системи за впрскување на горивото не поднесуваат бензин. Бензинот ја смалува способноста за подмачкување на дизел горивото. Тоа претставува проблем за модерните пумпи под висок притисок и за прскалките. Последица од тоа е зголемено абење на компонентите на моторот, па дури и нивно целосно разјадување, што дури може да резултира со оштетување на моторот.
Издвојувањето на парафините во дизелот што се продава во летниот период почнува веќе при нула степени. Овие материи што се слични со восокот за свеќи може да ги затне филтрите, водовите, пумпите и прскалките. Во тој случај, при ниски температури моторот не може да стартува или гасне по кусо возење. Ако возилото се остави во гаража, ефектот исчезнува. Но, електрониката на модерните мотори ја регистрира пречката и спречува натамошно палење, додека системот не се ресетира.
Наспроти тоа, зимскиот дизел може да се користи без проблеми до температури од -15 оC, па дури и на пониски температури. Во Швајцарија и во Скандинавија, во зима се точи „поларен“ дизел што штити до 30 оС. Возачите што имаат резервна кантичка со гориво во возилото треба да имаат на ум при долевањето гориво, дали дизелот во кантичката е наполнет лете или зиме. Во случај да се работи за летен дизел секако дека треба да се има на ум дека со неговото долевање ослабува и заштитата од издвојување на парафините, па најдобро е веднаш да го дополнат резервоарот на првата станица за точење гориво.
Проблематичното стартување на дизелите во зимскиот период може да произлегува и од едно друго својство на погонското гориво. Дизел горивото секогаш содржи мала количина вода. Таа се издвојува и се собира во посебен филтер. Оваа вода во филтерот сепак може да замрзне и да го блокира дотокот на гориво. Затоа е потребно редовно да се заменува филтерот во сервисната работилница. Повеќето модерни автомобили поседуваат и грејач на филтерот, но и тоа не помага кога автомобилот ќе остане паркиран подолго време на студ.
















