Јапонците отсекогаш негувале посебна категорија на малечки возила со малечки мотори и големи повластици при користењето и купувањето. Suzuki Alto и Mazda Carol трошат колку скутер.
Тоа што е добра вест за Јапонците, за нас е лоша вест, затоа што овие автомобилчиња кои трошат колку кинески скутер, а загадуваат колку велосипед, уште долго време нема да се појават на нашиот пазар. Но, некогаш е добро ако само се знае.
Јапонската верзија на Suzuki Alto целосно се разликува од верзијата за Европа. Моделот почна да се продава во 2009 година, а една година подоцна моделот го презеде во својата понуда и Mazda, под името Carol. Место со еднолитарскиот мотор за нашиот пазар, тамошниот Alto вози со трицилиндарец од 660 сантиметри кубни, во комбинација со петстепен мануелен менувач или со менувач со постојано променлив преносен однос. Потрошувачката изнесува 3,03 литри бензин на сто километри!
Mazda сега понуди верзија на Carol, односно Alto, со дополнително оптимирана штедливост и потрошувачка од само 2,85 литри. Кој сака погон на сите тркала може да го добие во малечкиот автомобил, а во тој случај потрошувачката ќе биде 3,1 литри.
Претходно рекордот за најштедлив кеи-кар, како што се нарекува оваа категорија возила во Јапонија, го држеше Daihatsu со моделот Mira, односно кај нас Cuore. Најштедливата верзија на моделот трошеше 2,9 литри бензин. Отсега рекордот припаѓа на Mazda Carol.