за

Тест Honda Civic 1.4 и 1.8 i-VTEC · Некрунисаниот крал на компактите

Некои го имаат изградено името со бројките на продажба, некои со долгото опстојување на пазарот, некои со квалитетите што ги нудат како автомобил. Некои со сето тоа заедно. Honda Civic, на пример.

Тој има беспрекорно спортско педигре, во генетскиот код му се врежани напредна технологија и штедливост, тој го освојуваше американскиот пазар уште пред конкурентите да сфатат дека постојат, тој умее да се трансформира до тој степен што човек ќе си постави прашање зошто постојат вановите, тој може сé или барем повеќето од сé, и тој пак не е кралот на компактите. Станува збор за Civic.

Компактот на Honda е на пазарот во деветтата генерација, со стил на каросеријата кој е само умерено надградување и усовршување на претходникот. Умерено е релативно. Кога претходникот се појави на пазарот, тој изгледаше како вонземјанин, како вселенски брод да слетал во тогаш сé уште зачмаената класа на компактите. Затоа, дотерувањето во актуелната генерација може да се прифати и како приспособување според условите на земјата, односно според вкусовите на купувачите.

Умереноста во промените во стилот секако не смее да упати кон заклучок дека внатре не се променило нешто. Инженерите од тимот на Мицуру Карија, главниот човек одговорен за развој на моделот, добија задача да го зголемат комфорот, преку подобра управливост и оптимирано водење на тркалата, да го зголемат квалитетот во секое подрачје, да создадат аеродинамична форма на каросеријата и да ја намалат потрошувачката на гориво.

Тоа што не требаше да се менува беше конструкцијата на платформата на возилото, со средишно поставен резервоар за гориво, како основа за исклучителната приспособливост на кабината. Никој друг во класата сé уште не успеал да постигне толкав обем на трансформација на кабината како Civic, ниту пак полесен начин за тоа. Во еден потег се завршува сé. Едната можност е исправување на седечката површина на задната клупа, за сместување високи предмети во просторот зад предните седишта и клупата, а втората е класичната, односно соборување на горниот дел на клупата, за добивање совршено рамна површина.

Со стандардна големина од 407 литри, односно 477 литри ако се смета просторот под подот на багажникот, исто како и со должината на подот од 1,6 метар при соборена клупа, Civic ги поставува реперите во класата на компактни комбилимузини. Токму овој спој на функционалност, просторна кабина и спортски возни својства го прави Civic единствен. Обично едното се жртвува на сметка на другото, но двете работи ретко се добиваат во полн обем.

Од пазарната премиера и од првиот тест на новиот Civic помина доста време, а вообичаената динамика на браншата во меѓувреме донесе неколку нови модели, меѓу нив и општоважечкиот крал на компактите, Volkswagen Golf, но и новите претенденти за тронот, Hyundai i30 и Kia Ceed, особено кога ќе се земе во предвид противвредноста и зрелоста на концептот на возилото што го нудат корејските технички близнаци. Тука е секако и новиот Seat Leon, со комплетно променета концепција и непосредна блискост со техниката на Golf.

Во класата на компактите владее огромна конкуренција. Некоја марка може да си дозволи да отсуствува со понуда на модел во класата на мини возила или со престижна лимузина од пет метри, но без компакт не се може. Токму поради тоа, класата моментно е најраздвижена од кога било досега. Новите можности и достигнувања на производителите повеќе не се нудат во апотекарски порции, туку само во комплетни пакети. Реперите се менуваат постојано, разликите растат.

Колку во меѓувреме се промениле впечатоците од возењето на Civic се утврдува само со повторно седнување зад воланот. За освежување на искуството ги земавме на тест возење обете моделски изведби што се нудат на македонскиот пазар. Едната е со 1,4-литарски мотор и 100 КС, втората е со 1,8-литарски мотор и 142 КС, обете со високото ниво на опрема Sport. Дополнително е во понуда и изведба со највисокото ниво на опрема Executive, кое што главно му додава луксузна нота на возилото и не менува многу во возните својства и перформансите.

Универзална машина за возење

Посилната моделска изведба повеќе дозволува да се почувствуваат крајните можности на подвозјето на Civic. Со 142 КС, моторот 1.8 i–VTEC додаде само две коњски сили во споредба со претходникот, но многу повеќе додаде на култивираност. Порано преминот од умерениот во ултимативниот режим на работа на моторот се случуваше многу подрастично, се случуваше буквално трансформација од доктор Џекил во мистер Хајд. Сега овој премин е измазнет, но тоа не значи дека изостанува бурното повлекување кога моторот ќе се заврти над 4.500 вртежи.

Во поглед на конкурентите, кај Civic и натаму е предност хармонијата и дијапазонот на варијабилната работа на брегастото вратило. Интересно е тоа што Honda користи само едно брегасто вратило за контрола на шеснаесетте вентили, но предноста е во смаленото внатрешно триење. Како резултат од тоа се постигнува поголема штедливост, а во исто време и подиректна реакција при притискање на гасот. Во град, Civic 1.8i може да се вози буквално со 1.500 вртежи во највисоките степени на пренос и без проблем да се забрза пред исклучување на семафорот или при престигнување, што го поштедува возачот од често посегнување по менувачот и внесува голема релаксираност во возењето.

Обемот на модификации во моторот почнува со намалување на внатрешното триење, преку смалување на притисокот на клипните прстени врз ѕидовите на цилиндарот и новиот површински слој на клиповите, продолжува со подобрено вртложење во комората за согорување и нова генерација на свеќички за палење, сé до полесно брегасто вратило и полесен ладилник, или програмирана работа на алтернаторот и олеснет вшмукувачки систем, заедно со куќиштето на филтерот за воздух. Стартерот, пак, има оптимирана конструкција за повисокото оптоварување поради серискиот систем старт стоп. На крајот, според фабричките норми се добива за десетина проценти пониска емисија на СО2.

Зад воланот и натаму се чувствува подобрената управливост, односно се добива впечаток како возилото да е далеку полесно и покомпактно. Подуправувањето е смалено и со подобрениот баланс на подвозјето се добива широко гранично подрачје, во кое што може лесно да се интервенира со додавање на воланот или со корекција со гасот. Предноста е во тоа што балансирањето на границата на управливоста не бара тркач зад воланот, туку возилото самото му кажува на возачот како треба да реагира во одредена ситуација. Уживањето е загарантирано.

И малиот брат со носи генот

При префрлување во послабиот модел повеќе се чувствува генетската врска со 1.8 i-VTEC, отколку разликата во моќноста. При секојдневно возење и при умерено темпо на отворен пат, моторот 1.4 i-VTEC го покажува истиот карактер како поголемиот брат, односно убедува со хармоничното ослободување на моќност и со релаксираноста за возачот. Секако, моторот бара почесто посегнување по менувачот отколку кај 1.8, но во споредба со конкурентите со иста работна зафатнина и без турбонатполнење, Honda и натаму е во предност.

Во град, моделот со помалиот мотор е во предност, со пониската потрошувачка на гориво, но разликата се смалува при излегување на автопат и во случај кога зад воланот седнува возач што тера повисока динамика или кога се вози со искористување на полната носивост на Civic. Во разликата од 2.000 евра меѓу моделските изведби, покрај погонската спрега, влегува и двозонската работа на автоматската клима кај моторот од 1,8 литар.

Во поглед на комфорот на амортизација, обете моделски изведби не се разликуваат, а тоа значи дека Civic моментно нуди едно од највпечатливите нивоа на усогласеност во работата на амортизерите и пружините, односно баланс меѓу спортски круто подвозје и комфорно меко, но динамички слабо подвозје. Иако вози со бандажи од 17 инчи и со низок профил на гуми, подвозјето не си дозволува да ги покаже границите ниту на најгруби дупки во градскиот асфалт, исто како што останува неутрално при нагло одземање гас или сопирање во свијок при брзо темпо.

Тоа е актуелниот тренд во класата, кого го следат повеќето од моделите од последната генерација, откажувајќи се од непотребната крутост на подвозјето и ослободувајќи се од вишокот баласт. Civic уште рано го навести трендот. Тој е, нели, некрунисаниот крал на компактите.

[box type=”shadow” ]Неодолива привлечност на совршеноста

По освежувањето на искуствата, Civic ги одбрани високите оцени кои што ги доби на претходните тестови во магазинот. Тоа само значи дека вредностите на компактот на Honda се трајни, многу потрајни од неодолива привлечност на каросеријата или од воведување технолошки новитети кои што се корисни единствено за маркетиншките одделенија на производителите. Civic не е еднострано возило, ориентирано строго или за спортување или за крстосување, туку е комплетен концепт, во кој ниту едно подрачје, без разлика колку тоа е релевантно при решавањето за купување, не е изоставено или запоставено. Во секој критериум, Civic се носи со најдобрите. Или најдобрите се раководат според него.[/box]

[nggallery id=60]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Иднината на автомобилите: Интернетот поважен од возењето

Најдобри возила за такси според експертите