Во средините што се совесни за животната средина не се чека ветар да го одвее проблемот, туку се преземаат мери. Најбрз спас од труењето од нечистите автомобили е нивно обележување и повлекување од сообраќај во деновите со прекумерно загадување.
Во поглед на заштитата на животната средина, Македонија е заглавена во каменото доба, особено во поглед на загадувањето што го предизвикуваат автомобилите. Додека кај нас уште се манипулира со јавната свест и се обвинува ветрот што не дувнал, во нормалните животни средини веќе одамна е прифатено дека автомобилите се тие што имаат решавачки удел во кумулативната контаминација на воздухот – или поточно, во јули 1992 година, кога е воведена нормата Euro 1 за емисијата на издувни гасови од возилата.
Уште пред 20 години возилата се класифицирани на еколошки и нееколошки
Пред повеќе од дваесет години е воведена оваа норма со која што се ограничуваат максималните вредности на јаглероден моноксид, хидрокарбонати и азотни оксиди – и на честичките PM10, нашиот најголем тивок убиец во последните шест години, односно од последната официјална статистика на Светската Здравствена Организација, според која Скопје уште во 2008 година имала концентрација на овие честички од просечно 80 микрограми на метар кубен, 30 микрограми над дозволеното. Зарем е можно во оваа огромна временска рамка државата да нема воспоставено барем основна свест за животната средина и денес загадувачите да се бараат со мобилни станици за откривање на загадувачите?
Возила со нечист издув не смеат да учествуваат во сообраќај при критична загаденост
Без разлика што службениците на народот покажуваат крајна незаинтересираност и неодговорност, или многу поверојатно, неукост за надминување на елементарната непогода во нашиот воздух за дишење, нормалниот свет веќе одамна има смислено решенија кои што треба само локално да се применат. Системот што се применува во Лондон, во повеќето германски и италијански градови, и општо во сите држави во еколошки совесната Европа, предвидува визуелно обележување на возилата според нивната емисија на штетни гасови со плакета во соодветна боја и ограничување на пристапот и сообраќајот за возилата што се штетни за животната средина.
Како најсоодветно решение за нашата автомобилска средина којашто никогаш не била подредена на законитостите на заштитата на животната средина најмногу би одговарале следниве начела:
- сите возила регистрирани во РМ да добијат еколошка плакета која што ќе биде залепена на одредено место на ветробранот и ќе ја прикажува еколошката погодност на возилото; Зелена за возила што ги исполнуваат последните еколошки норми (Euro IV, V) и за нив важи неограничен пристап и право на управување, жолта за возила со послаби еколошки стандарди и за возила од повластени категории (Euro III), на кои што им се ограничува подрачјето на управување во зависност од актуелната загаденост на воздухот, и на крајот црвена, со која што им се забранува на овие возила (Euro I, II) секакво учество во сообраќајот во услови кога загаденоста е над критичната вредност.
- движењето на возилата да се надгледува од страна на сообраќајната полиција, која што ќе изречува ригорозни казни во случај кога возило со несоодветна еколошка плакета ќе биде регистрирано во подрачје што не дозволува пристап за такви возила во актуелните услови на загаденост на воздухот. Системот од камери за надгледување на сообраќајот исто така може да се искористи за оваа цел.
- посебна експертска служба да ја следи загаденоста на воздухот и соодветно да ги одредува и објавува периодите во кои што ќе се воведува ограничување на сообраќајот за одредените еколошки категории на возила. Информациите за актуелниот степен на загаденост да се објавуваат на интернет, како и на специјалните табли на влезот во градските подрачја со ограничен пристап.

На овој начин најбрзо ќе се спроведат мерите за спречување на катастрофалната загаденост на воздухот, којашто е актуелна во повеќе градови во државата. Постапката на обележување на возилата со еколошка етикета би можела да се комплетира во разумен период од еден месец, а потоа веднаш би следело и фактичкото спроведување на ограничувањето на пристапот за нееколошките возила. Во деновите кога надлежната служба ќе евидентира неопходност за ограничување на сообраќајот, возилата со црвена плакета ќе мируваат на паркинг или воопшто нема да смеат да пристапат во градските средини, „жолтите возила“ ќе може да пристапат донекаде во градот, додека на „зелените“ ќе имаат апсолутно неограничен пристап. Дури може да се размислува и за одредување специјална категорија на возила, на пример, со емисија на СО2 под 99 грами на километар, за кои што паркирањето во градот ќе биде бесплатно или пак ќе биде дозволено користење на сообраќајната лента за јавниот сообраќај.
Јавноста ќе почне да ги презира нееколошките возила. Тоа се сепак нашите возила
Ваквото етикетирање на возилата, односно означувањето на нееколошките возила навистина е крајно неблагодарна мера, затоа што јавноста ќе почне посвесно да искажува презир кон нив секогаш кога службите ќе пријават пречекорување на дозволената загаденост на воздухот и потоа, но во отсуство на какво било досегашно воспоставување на еколошки норми во поглед на експлоатацијата на возилата, неопходни се ригорозни мери. Враќањето на воздухот за дишење во македонските градови не е процес што ќе трае од едно до друго дувнување ветар, туку е континуиран процес што повеќе никогаш не смее да биде прекинат. Или сепак мора прво да почне?
Nekoj so punto od 50 ks i so 5 km do rabota i nazad nema da smee da vozi, a nekoj so Q7 od 500 ks moze i po 100 km da pravi niz grad nema da ima problem. Odlicno resenie hahaha