за

Серијата 2 на BMW ќе го задржи задниот погон

Догодина стартуваат купето и кабриолетот од новата серија 2 на BMW. Додека идната серија 1 се префрлува на погон на предните тркала, „двојката“ останува на погон назад.

Исто како што купеата и кабриолетите што се произлезени од серијата 3 сега се водат како серија 4, така во иднина и различните каросериски изведби од најмалиот модел на BMW ќе се поделат на две серии, односно купето и кабриолетот ќе бидат позиционирани повисоко и ќе се водат под серијата 2. Можно е во новата серија да се нуди и модел Gran Coupe со четири врати, по пример на Mercedes CLA.

bmw 2 coupe

Додека комбилимузинските изведби од серијата 1, вклучувајќи го новиот Active Tourer, се базираат на новата платформа со преден погон од Mini, „двојките“ остануваат верни на задниот погон. Понудата од мотори за серијата 2 ќе вклучува трилитарски шестцилиндарец со 326 КС и четирицилиндарски дизели и бензинци со 184 КС. Не е потврдено дали под хаубата ќе работат и новите трицилиндарци од 1,5 литар.

bmw 2 coupe nazad

Купеата и кабриолетот од серијата 2, освен во дизајнот, ќе се разликуваат и во внатрешноста од стандардните модели од серијата 1, односно во нив ќе се користат поблагородни материјали и ќе се вградува побогата опрема. Во 2015 година во серијата ќе пристигне и Z2, класичен родстер со платнен покрив, како конкуренција за Mazda MX-5.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen ги научи Американците да возат дизел

Моторите ги гаснат цилиндрите заради штедење