Во Mercedes повеќе ништо не е како што било. Прво се појави класата А со дизајн на кого му позавидеа и италијанските каросеристи, потоа истото се случи со класата S – од 2016 година следи класата Е.
Кај следната генерација на класата Е чија што премиера се очекува во 2016 година ќе се случуваат радикални промени. Дводелните светла, со коишто и актуелната генерација стартуваше пред фејслифтот, ќе станат историја. При поглед од напред се највпечатливи линиите на хаубата што се закосени како налутени веѓи, додека отстрана се забележуваат силните рабови на линиите што водат кон носот на возилото. На тој начин се создава впечатокот што дизајнерите го нарекуваат „органска леснотија“. Во споредба со актуелниот модел, страниците на кабината повеќе се стеснуваат кон покривот. Дизајнерите тврдат дека динамичното кроење на каросеријата нема да влијае врз просторноста во кабината.
Новитет под хаубата ќе бидат линиските шестцилиндарци, затоа што нивниот развој и производство се поевтини во споредба со моторите во V. Моделските изведби со хибриден погон ќе профитираат од партнерството со Tesla. Покрај „благиот“ хибрид со електрична поддршка од 40 киловати, ќе има и хибриди со надворешно полнење и моќност на електромоторите од 60 и 80 киловати.