за

Мора ли бензинот да се добива од нафта: Кои се алтернативите?

Ценовните шокови на нафтата се чини како да завршија. Но, фосилните горива еден ден ќе завршат. Во лабораториите веќе одамна се работи на нови горива. Кое ќе биде горивото на иднината?

Во моментов е мирно на пумпите за точење гориво. Возачите се задоволни со релативно ниските цени на горивата. Доколку санкциите против Иран се ослободат на подолг рок, цената за еден барел сурова нафта ќе продолжи да паѓа, затоа што на пазарот ќе се појави дополнителна количина нафта. Цената на црното злато сега изнесува под 50 долари за еден барел или 159 литри. Кога беше најгусто, трговците бараа преку 100 долари за оваа количина.

Постојат повеќе причини за ниското ниво на цени. САД, како најголем енергетски потрошувач на планетава, се обидуваат да ги наполнат танковите со нафта и метан користејќи ја контроверзната метода на фракинг. Од друта страна, кинеската економија почна да забавува, а тоа значи пониска потрошувачка на енергија. Последната, иако не и најмалку важна причина, претставува фактот што потрошувачката на автомобилите постојано опаѓа. Но, ресурсите кога тогаш ќе се исцрпат. Поради тоа, нафтените концерни работат интензивно на обезбедување на гориво за иднината, користејќи најразлични методи.

Gas to Liquids (GTL) – Во овој хемиски процес, метанот се збогатува со кислород и водород. Резултатот од хемиската реакција е гас составен од водород и јаглероден моноксид. Следниот чекор во производството на синтетичкото гориво е таканаречената синтеза Фишер-Тропш. Во оваа постапка, синтетичкиот гас со помош на специјални катализатори прво се трансформира во восочни парафини и јаглеводороди со долга синџирна врска. Откако овие два материјала ќе се раздвојат со помош на кракирање и изомеризација, се добиваат течни, биоразградливи и безсулфурни јаглеводороди, исти како кај дизелот и керозинот. Главниот проблем е што овој начин на производство на вештачки бензин е мошне сложен.

Дијаграм на технолошкиот процес GTL (gas-to-liquids)
Дијаграм на технолошкиот процес GTL (gas-to-liquids)

Coal to Liquid (CTL) – Исто како кај повеќето синтетички горива, централна улога при претворањето на јагленот во течност игра синтезата Фишер-Тропш, развиена уште во 1925 година. Друга постапка за добивање гориво од јаглен е постапката Пергиус-Пиер. Оваа постапка е користена во Германија за време на втората светска војна. Поради комплицираната постапка што бара многу енергија, оваа варијанта повеќе не е рентабилна. Сепак, постојат нови технологии, на пример постапката Конзол, во која што јаглен без пепел и со содржина на јагленород од најмалку 80 проценти, се трансформира во бензин, кокс и катран со помош на вода и водород. Проблемот во обој случај е големата емисија на СО2.

Технолошки процес на Coal-to-liquids
Технолошки процес на Coal-to-liquids

Biomass to Liquid (BTL) – Во оваа постапка, преку комплицирана хемиска реакција и под висок притисок се произведува течно гориво од дрвни струготини или од слама. Со додавање ензими и микроорганизми, од сеното се добива биоетанол. Потребни се 4.500 тони слама да се добијат околу 1.000 литри биоетанол, кој натаму може да се користи во бензинските мотори. Големите енергетски концерни, меѓу кои и Shell, во иднина планираат да го произведуваат овој еколошки бензин. За производство на биометан, посебно одгледувана пченка или растително ѓубриво се разложува во огромни биореактори под дејство на бактерии. Од тоа се добива биолошкиот гас метан, кој понатаму се користи за производство на струја во биоелектрани. Оваа струја се надоврзува идеално на потрошувачкиот синџир на електричните возила.

biomass to liquid proces
Технолошки процес Biomass-to-liquid

DME (Диметилетер) – Научниците истражуваат уште многу други биогорива. Во почетокот многу се очекуваше од диметилетерот, кој досега се применуваше како погонски гас во спрејовите. Поради ниската температура на самопалење и високиот цетански број од 55 до 60, DME одговара за примена во дизел мотори. Поради подоброто, односно поцелосно согорување од обичниот дизел, научниците тврдат дека емисијата на СО2 се намалува до 95 проценти. Услов за користење на ова погонско гориво е модификација во моторот, исто како и кај другите погонски горива. DME е гас на обична температура. Тоа значи дека мора да се стави под притисок, за во течна форма да се користи во резервоарите на камионите. Тоа чини пари и бара комплексна техника.

Во Британија веќе вози автобус што користи измет како основа за погонско гориво. Секако, Британците не пропуштаат да го прикажат тоа на својствен начин за нив, преку хумор
Во Британија веќе вози автобус што користи измет како основа за погонско гориво. Секако, Британците не пропуштаат да го прикажат тоа на својствен начин за нив, преку хумор

Оксиметиленетер (OME1) – Заради олеснување на ракувањето со биогоривото, се применуваат варијанти коишто веќе се во течна форма. Една од нив е оксиметиленетерот (ОМЕ1) кој е тесно поврзан со DME. Овој е во течна форма, но има релативно низок цетански број, само 38. Со адитиви, ОМЕ може да се трансформира во дизел ОМЕ1а, со цетански број 48. Поради тоа што OME содржи многу повеќе кислород од DME, научниците тврдат дека при согорувањето се слободува помала количина цврсти честички (PM). Проблемот го познаваат сите што возат со метан или автогас. Ова гориво содржи помалку енергија од нормалниот дизел и потребен е поголем резервоар за да се помине истата километража – односно потрошувачката расте. Покрај тоа, потребни се уште тестирања, за да се провери однесувањето на овие горива при студ или екстремна топлина. Во водечките лаборатории веќе се извршени тестирања со едноцилиндарски дизел мотори, но додека ова екогориво се најде во резервоарите, ќе минат уште доста години.

DMC (Диметилкарбонат) – Се работи и на биобензин. Основата на DMC исто така е метанолот. Предноста на DMC, кој може да се користи како адитив во бензините, е во тоа што не е отровен. DMC поседува цела низа поволни својства, меѓу другото и зголемување на отпорноста на самозапалување на смешата во комората за согување, зголемување на ефикасноста, на стабилноста на согорувањето и намалување на емисијата. Првите истражувања со 20-процентен удел на DMC ги потврдија овие констатации.

Во лабораториите на големите корпорации секојдневно се тестираат нови горива, но паралелно продолжува и потрагата по нови извори за фосилни горива
Во лабораториите на големите корпорации секојдневно се тестираат нови горива, но паралелно продолжува и потрагата по нови извори за фосилни горива

Фракинг – Ова е најконтроверзната метода за експлоатација на гас и нафта. Фракингот (од англискиот збор fracture = кршење) се состои во тоа што карпести слоеви се кршат под дејство на вода и хемикалии, за да се ослободат гасовите, односно нафтата што е содржана во нив. Повеќето експерти ја критикуваат оваа метода поради огромното загадување на животната средина. Методата не се користи само на Блискиот Исток, туку и во САД, на половина час возење од Денвер. Таму се наоѓаат огромни количини на нафтени шкрилци, односно црни карпи што содржат кероген. Додека тие се претворат во нафта, ќе минат милиони години. Во меѓувреме, паралелно со истражувањето на новите видови горива, продолжуваат обемни истражувања за експлоатација на нови извори на фосилни горива. Политиката е сепак таа што на крајот решава дали во моментот ќе има преостанато уште многу или само малку нафта.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari подготвува освежување за F12 Berlinetta за 2016

Германците плаќаат во просек по 28.153 евра за нов автомобил